„Сега се обновуваат јазиците за да ги раскажат јасно величијата Божји, со странски зборови и во вид на оган, за да ја утврдат верата во целата вселена; а за потврда на вистината, се јави спасението за сите народи“ (стихира на Вечерна во Понеделник на Светиот Дух).
На 21.06.2021 година, во Понеделникот на Светиот Дух, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.





