„Најтоплиот застапник во неволјите, и добропослушен посредник за оние кои просат, Еразмо, сите со песни да го почестиме, зашто неговиот светлоносен и сепресветол спомен нѐ тера да викаме: Господи, слава Ти!“ (кондак на Утрена на свети Еразмо Охридски).

 

И оваа година верниците од нашата Епархија со големи торжества и славословија го прославија споменот на нашиот светол молитвеник и заштитник, големиот подвижник Еразмо Охридскиот Чудотворец. Прославата во спомен на нашиот Охридски молитвеник започнаа на 14 јуни, со свечена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. Торжествата продолжија утредента, на 15 јуни, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски, Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител во светото Евангелие вели: „бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен" (Мт. 5, 48). Овој повик се однесува на секој христијанин и значи дека треба да се труди и да се стреми кон совршенство. Ние знаеме дека не можеме да бидеме совршени како што е совршен Оној Кој го создаде светот и векот, но должни сме да се трудиме со нашите подвизи, со нашите молитви и да се стремиме кон тоа совршенство. Совршенството од христијанска гледна точка значи светост и уподобување на Бога со спечалување на царство небесно, во кое живеат Божјите ангели, апостолите и безброј подвижници, учители и светии.

Овој пат кон совршенство не е ниту лесен ниту едноставен. За да се оди по него, потребна е силна и непоколеблива вера, а истовремено и труд и подвизи, за да се скротат човечките слабости и сласти и животот на човекот да стане угоден на Бога. По гревопадот на нашите прародители, човештвото ја изгубило првобитната состојба, односно го изгубил животот во непосредна близина на Бога. Поради гревот и престапот, првите луѓе биле истерани од Рајот. Преку нив и целиот човечки род станал подложен на страдања, маки, гревови и отстапување од Бога, подавајќи се на задоволување на телесните наслади, кои сами по себе го оддалечуваат човекот од вистината, правдата и од Бога. Подвизите кои ни се дадени да ги правиме се неопходни ако сакаме да го оправдаме името христијани и да се удостоиме со благодатта Божја, која е неопходна во борбата која сме повикани да ја водиме за да се уподобиме на Бога.

Светите отци честопати велат дека оваа борба треба да се оствари постапно. Еден коњ, за да биде од полза на стопанот, треба подолго време да се тренира, да се смири и да се скроти и така да постане корисен за оној кој го поседува. Нешто слично треба да се случува и со нашето тело, кое е подготвено повеќе да им служи на сластите и страстите, отколку да се бори со нив и да Му угоди на Бога. Овие подвизи се потребни за постапно да се соочуваме со сите наши слабости и да ги совладуваме една по една. Доколку се трудиме тоа да го постигнеме, тогаш Божјата благодат ќе ни притекне на помош. На тој начин ќе бидеме сигурни дека нема да му служиме на телото, туку на Бога, или како што вели апостолот Павле: „Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти!" (Рим. 6, 12).

Барањето до христијаните да покажат вера на дело, е изразено во зборовите на апостолот Јаков: „Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела" (Јк. 2, 18). Христијанинот треба да Го слуша Бога во Кого верува, а не гревот. Тој треба да живее за Бога, а не за гревот. Секој христијанин е обврзан да го исполнува тоа, бидејќи на тоа се заветува во светата тајна Крштение.

Подвигот е неопходен за да нѐ принуди да правиме добри дела. Човекот по природа е мрзлив и не пројавува желба да врши добри дела. Тој е полн со телесни похоти и затоа треба сам себе да се убеди, да се принуди да прави добро, да се победи себеси и да се оттргне од секакво зло дело. На пример, срцето не ти сака да го љубиш ближниот, да го милуваш, да проштеваш, да се смируваш, да си целомудрен итн. Но, кога ќе забележиш дека срцето ти бара да му завидуваш на ближниот, да се озлобуваш, да го мразиш, тогаш со сила труди се да се оттргнеш од таквите мисли и дела. Таквата победа е славна и најдобра, а не онаа кога луѓето се победуваат едни со други.

Сето ова како задача на христијанинот е можно. За тоа сведочат светите Божји угодници, каков што е свети свештеномаченик Еразмо Охридски. И тој имал тело, слично на нашето, имал иста потреба од јадење и пиење, но со силна и непоколеблива вера и со подвизи ги совладувал сите потешкотии што животот ги носи и ги победил сите слабости и страсти на своето тело и така со подвизи се удостоил да Му биде угодник на Бога. Бог, пак, поради неговите подвизи и вера, го прославил во Неговото царство. Свети Еразмо, кој се наоѓа во присуство Божјо ги пренесува нашите молитви пред Бога. По молитвите на свети Еразмо, Бог да ги услиши нашите молитви, да ни ја засили верата, умножи љубовта, па така да ги победиме сластите и страстите и согласно со повикот Божји да бидеме совршени. Амин.

Свети Еразмо Охридски

Манастир „Свети Еразмо Охридски" Охрид

15.06.2021 год.

 

sverazmo2021 1sverazmo2021 2sverazmo2021 3sverazmo2021 4sverazmo2021 5sverazmo2021 6sverazmo2021 7sverazmo2021 8sverazmo2021 9sverazmo2021 10sverazmo2021 11sverazmo2021 12sverazmo2021 13sverazmo2021 14sverazmo2021 15sverazmo2021 16sverazmo2021 17sverazmo2021 18sverazmo2021 19sverazmo2021 20sverazmo2021 21sverazmo2021 22sverazmo2021 23sverazmo2021 24

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5