„Животодавецот Христос, Кој во двете природи се вознесе на небесата, и седи заедно со Отецот, свештеници воспејте Го; луѓе, превозносете Го во сите векови“ (песна од канонот на Утрена на Вознесение Христово). 

 

На 10.06.2021 година, денот кога по четириесет дена нашиот Спасител, Господ Исус Христос, се вознесе на небесата и ја постави човековата природа од десната страна бна Бога и Отецот, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа се изврши и Литија околу манастирскиот храм, а Литијата продолжи и во околните полиња. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска го прославуваме празникот Вознесение на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Во период од четириесет дена по воскресението, Исус Христос им се јавувал повеќепати на апостолите и на Неговите следбеници, учејќи ги за царството Божјо. Токму во овие денови се наоѓа основата за многу Христови учења кои не се запишани, но постојат како црковно предание, кое се пренесува од колено на колено.


Во денешното Евангелие според Лука (24, 39) се зборува за јавувањето на Христос на Неговите ученици: „Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас Сум истиот". Какви страшни зборови! „Јас Сум истиот". И понатака, за да ги убеди им вели: „Допрете се до Мене и разберете дека Јас Сум, а духот нема коски и тело". Потоа ги прашал: „Имате ли нешто за јадење?" Учениците Му принеле риба на жар и Он јадел. Сето тоа Христос го правел за да ги увери апостолите дека воскреснал со тело, а не со дух, кој впрочем и никогаш не умира. Он востанал од небитие, од смртта, од распадливоста, од разрушеното човечко тело кое Он го имал.


Христос се вознел пред Своите ученици на Елеонската гора со Своето тело. Се појавиле двајца мажи кои им рекле на учениците: „Што гледате кон небото? Исус Кој сега се вознесе на небото, на истиот начин ќе се врати кај вас". Ништо повеќе не е кажано за овој момент. Апостолите добиле задача да одат и да проповедаат покајание и простување на гревовите. Свети Јован Златоуст, размислувајќи за возенсението, вели дека Господ примил тело за да го издигне во тајната на Света Троица и да го постави на царскиот престол и на Него да се поклонуваат небесните ангелски сили. Телото на Спасителот е и наше, зашто тоа е самото физичко тело, кое сите ние го имаме. Тоа физичко тело преку искупителниот подвиг на Спасителот, преку Неговиот крст, воскресение и вознесение во тајната на Света Троица, присуствува во божествениот живот. Ние кои понекогаш го потценуваме нашето тело и не се однесуваме доволно внимателно кон него, често пати го губиме поради нашите слабости и гревови. Ние го разрушуваме нашето тело, кое е нашата реална врска со телото на Спасителот. Затоа, целокупниот човечки род е поврзан со една природа и може да ги проследи тие нитки кои нѐ поврзуваат еден со друг, водејќи нѐ кон нашите предци.


За целиот човечки род има огромно значење фактот што Господ го вознел Своето тело во божествениот живот, а преку Неговото тело и ние се поврзуваме со Него. Воопшто не е случајно тоа што Тој го принесол на колење Своето тело преку тајната на Евхаристијата. Во неа ние се причестуваме со телото и крвта на Спасителот во вид на леб и вино и се соединуваме со Неговото прославено тело, со самото тело кое во тајната на Света Троица престојува на божествениот престол. Според тоа, ние не сме поврзани со Господа само со душата, туку и со нашето тело.


Токму во тоа е и смислата на нашата молитва за телесното здравје. Не е потребно да го потценуваме нашето тело и нашето здравје, особено кога сме болни. Болеста честопати е плод на нашето лошо однесување, слабостите, гревовите и страстите. Неслучајно, апостолот го нарекува телото „храм на Духот Кој живее во нас" (1 Кор, 6, 19). Ако ние го разрушуваме тој храм, тогаш правиме грев пред Бога.


Денешниот празник нѐ поучува дека постои особена врска помеѓу нас и Спасителот. На тој начин ние сме прославени и во Неговото тело. Светото Писмо нѐ учи за посебната грижа за нашата духовна состојба, но и за телото кое ни е дадено од Бога. Тоа нѐ учи дека главната мисија која Господ му ја дал на човекот и за која проповеда Црквата е покајанието за простување на гревовите. И ние да се поучиме да живееме на нов начин и да ги контролираме нашите мисли, чувства и постапки. Да Му принесуваме на Господа покајни молитви од чисто срце и светата Евхаристија да ја примаме, соединувајќи се со Него, со надеж дека со дадената благодат ќе Го прославиме Бога во своите тела и своите души кои се Божји (1 Кор. 6, 20). Амин.


Вознесение Христово
Манастир „Свети Спас"
с. Горно Лакочереј, Охрид
10.06.2021 год.

 

spasovden2021 1spasovden2021 2spasovden2021 3spasovden2021 4spasovden2021 5spasovden2021 6spasovden2021 7spasovden2021 8spasovden2021 9spasovden2021 10spasovden2021 11spasovden2021 12spasovden2021 13spasovden2021 14spasovden2021 15spasovden2021 16spasovden2021 17spasovden2021 18 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5