„Кога Севишниот слезе и ги измеша јазиците, тогаш ги раздели народите; а кога ги разделуваше огнените јазици, сите луѓе ги повика на единство, и сите заедно Го славиме Сесветиот Дух“ (кондак на Утрена во Недела на светата Педесетница).
На 20.06.2021 година, во Неделата од светата Педесетница, денот кога Господ им го испрати на Своите ученици, а преку нив и на сите нас, Утешителот - Светиот Дух, Кој постојано пребива во Црквата и ја води на вистинскиот пат, во храмот „Св. Троица“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Кирил Јованоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, а според Типикот на нашата света Црква, веднаш беше отслужена и Вечерна богослужба, на која коленоприклоно беа прочитани трите молитви на Педесетница, а во кои се помоливме за прошка на гревовите на сите нас овде на земјата и се заблагодаривме за сите доброчинства од Севишниот, а се помоливме и за прошка на гревовите на сите порано упокоени наши отци, браќа и сестри со надеж во воскресение за вечен живот. Потоа беше извршен и чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничнииот колач, а на крајот беше извршена и литија околу самиот храм.





