„Сега се обновуваат јазиците за да ги раскажат јасно величијата Божји, со странски зборови и во вид на оган, за да ја утврдат верата во целата вселена; а за потврда на вистината, се јави спасението за сите народи“ (стихира на Вечерна во Понеделник на Светиот Дух).

 

На 21.06.2021 година, во Понеделникот на Светиот Дух, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска нашата света Црква го прославува својот роденден. Со празникот Педесетница завршува целокупниот празничен циклус од Велигден, Вознесение и Педесетница. Поточно, денеска Го прославуваме Светиот Дух. Господ им Го дал Светиот Дух на апостолите, а преку нив и на сите нас. Светиот Дух престојува во човековата историја, во животот на луѓето и во животот на секој еден од нас.


Можеби некој ќе го постави прашањето: „Каде е Светиот Дух? Каде Тој го извршува Своето дело?" Прв и можеби најсуштински одговор е: „Он е во словото Божјо". Евангелието, апостолските посланија и сите значајни текстови на кои почива нашата вера биле создадени не затоа што нивните автори биле многу умни и учени луѓе. Апостолите биле прости луѓе – рибари. Но, Светиот Дух дејствувал на нив, па затоа и словото се нарекува слово Божјо, слово боговдахновено, што укажува дека Оној Кој пишувал е Самиот Бог.


Затоа и словото Божјо не може да се истреби. Никакви човечки итроштини, никакви лажни логики, ниту лажни докази поврзани со човечката моќ, пари, власт, сила и сл., не можат, не само да го истребат, туку ни да ја оспорат силата на словото Божјо. Тоа е како меч со две сечила (Евр. 4, 12). Ги разделува душата и срцето, го разделува разумот, бидејќи словото Божјо се јавува како голем предизвик на луѓето. Во него се состои вистината, која со лаги не може да се уништи. Во вистината се наоѓа суштината на потрагата на човекот, која не може да не се оствари. Доколку тоа трагање не се оствари, животот на луѓето оди наопаку на секој план.


Словото Божјо е присуство на Самиот Бог помеѓу нас преку силата на Светиот Дух. Словото Божјо е восприемано од луѓето на различни начини. Едни го примаат носејќи правилни заклучоци, други не носат никакви заклучоци, а трети го читаат со тешкотија. За словото Божјо да биде дејствително не се доволни човечките сили. Потреба е силата на Светиот Дух. Ние знаеме дека дејството на Божјата енергија е дејство на Светиот Дух, кој живее во Црквата, во заедницата на верните. Кога ние стоиме заедно околу престолот Божји и ја извршуваме божествената Евхаристија, се причестуваме со телото и крвта Христови, преку силата на Светиот Дух стануваме учесници во Тајната вечера. Со тоа стануваме учесници во сето она што Бог во Христа го извршил за луѓето. Тогаш славата Божја оживува во нашата свест, го оплодородува нашето срце и ние почнуваме правилно да го разбираме словото Божјо. Тогаш во нас се јавува сила за да можеме да го исполниме.


Ако не се случело слегувањето на Светиот Дух и раѓањето на Црквата, тогаш христијанството би било само едно интелектуално учење и уште едно учење на човечката философија. Но, токму затоа словото на Христа Спасителот не било човечко, туку Богочовечко. Тоа било дадено не преку човечка сила, туку од Светиот Дух и токму затоа го раководи животот на луѓето. Да се обратиме со молитва кон Господа, за благодатта на Светиот Дух да се насели во сите нас, да ни помага на нашиот животен пат, да можеме да ги надминеме сите неправди, зла и беззаконија. Таа да не вдахновува за да растеме од сила во сила во Светиот Дух. Амин.


Втор ден Духовден
Храм „Света Софија" Охрид
21.06.2021 год.

 

ponsvduh2021 1ponsvduh2021 2ponsvduh2021 3ponsvduh2021 4ponsvduh2021 5ponsvduh2021 6ponsvduh2021 7ponsvduh2021 8ponsvduh2021 9ponsvduh2021 10ponsvduh2021 11ponsvduh2021 12ponsvduh2021 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5