Драги браќа и сестри во Христа, верници на Дебарско-кичевската епархија!
Во времето на Великиот пост, нашата Црква, односно нашиот верен народ, свештенството и монаштвото, сите заедно како Тело Христово, се соочуваме со едно опасно искушение, кое освен што ги напаѓа нашите тела, го напаѓа и нашиот дух, обидувајќи се да нѐ фрли во очајание. Но, искушенија имало, има и секогаш ќе има. Бог не ги дава овие искушенија, но ги допушта, некогаш заради нашите прегрешенија, гревови и непослушанија, а некогаш и за да ја зацврсти нашата вера.
Нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија, вклучително и Дебарско-кичевската епархија Охрид, отсекогаш ја споделувала радоста, но и тагата со нашиот верен народ. Таа се грижи за нашите души, но има обврска да се грижи и за нашите тела, кои треба да се храмови на Светиот Дух. Нашата Црква, навистина, е Тело Христово, но таа и суштествува во светот. Следствено ова, Црквата има задолжение и да го почитува редот и поредокот во државата, зашто и секоја власт е дадена од Бога.
Имајќи го предвид ова искушение, но и почитувајќи ги одлуките на надлежните институции, Дебарско-кичевската епархија апелира до своите верници да го чуваат своето здравје, да не се изложуваат на ризик од овој опасен вирус, а да прибегнат кон усилена молитва. Оние кои нема да се во можност да ги посетат храмовите, да не очајуваат, потсетувајќи се на зборовите на Великиот св. Јован Златоуст, кој вели: „Човекот, на кого му е наложено да не оди во црква, самиот може да си направи жртвеник, тогаш кога се моли“. Да не ги заборавиме и подвизите на великите столпници, подвижници, пустиници, преп. Марија Египетска, кои преку подвизите и молитвите се причестувале со Христа. Она што во овие моменти е важно е тоа какво место во нашите животи Му оддаваме на Христа. Затоа и да не паѓаме во очајание, да не се вознемируваат нашите мисли, да не се тревожат нашите срца, но да ги засилиме молитвите, да побараме прошка од Господа, здравје за болните и што поскоро избавување од ова страшно искушение. Нашите срца да бидат преисполнети со Спасителот, Господ Исус Христос, а Мајкта Божја и сите светии да бидат наши застапници пред Него, па што побрзо да го победиме и ова искушение и да продолжиме сите заедно со заедничките молитви и благодарења во светата Тајна Евхаристија.
Во прилог на сето погоре кажано, Ви ги пренесуваме и официјалното Соопштение од страна на САС на МПЦ-ОА, од 06.04.2020 година, како и Упатствата до свештенството и монаштвото, а со тоа и до сиот наш верен народ, упатено од Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, од 08.04.2020 година. За сѐ останато Ве замолуваме да се информирате во Вашите парохиски храмови. Бог да биде со сите нас!
Best Authentic Sneakers | Air Jordan 1 Retro High OG "UNC Patent" Obsidian/Blue Chill-White For Sale – Fitforhealth