Драги браќа и сестри, во прилог ви ја пренесуваме беседата на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, напишана и наменета за Велики Вторник.

Sports Shoes | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Pochta News

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Последната поука која Спасителот ја кажал на Своите ученици и на народот пред Неговите страдања била посветена на судот и второто доаѓање на Господа. Во овие поуки се зборува за нешто што е многу важно и што го очекува секој човек во вечноста. Пред таа вечност, нашиот земен живот е помалку од еден миг. Господ во почетокот раскажува две параболи: за мудрите и неразумните девојки (Мт. 25, 1-13) и за талантите (Мт. 25, 14-30). Во двете се зборува за доаѓањето на господарот, кој го симболизира завршетокот на историјата, второто доаѓање на Господа и судот Божји. Совршено очигледно е дека резултатот од судот кој ќе го направи Бог над секој од нас ќе зависи од нашиот овоземен живот. Токму тие години што ќе ги поминеме овде на Земјава ќе излезат пред лицето на вечноста и ќе имаат за нас непреодно значење, бидејќи од нив ќе зависи нашата вечност.


Господ ги создаде светот и луѓето давајќи им на луѓето да живеат во светот со дел од Бога, односно им даде Своја енергија, Свој живот и Своја благодат. Така, секој кој има вера во срцето и е крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух ја има таа божествена благодат, која се дава за секој во својот овоземен живот да може да направи сѐ што зависи од него, за да добие Царство небесно и да најде вечен живот во заедница со Бога.


Од параболата ние дознаваме дека Господ на секого од нас ни дал некакви таланти. Сите ние со нашето раѓање според нашата мера примаме некаков талант – некој повеќе, а некој помалку. Но, постои една законитост: на кого му е дадено повеќе, од него и повеќе ќе се бара. Од параболата знаеме дека човекот на кого му биле дадени пет таланти, бил должен да ги удвои. (Мт. 25, 16 и 20) Од оној на кого му бил даден еден талант се барале два, а не десет како од претходниот. Според својот придонес секој си ја определува својата вечност. Тоа значи дека секој од нас е должен да се труди според своите сили и дарбата, пред сѐ над самиот себе за изменување на својот живот, на срцето и на умот. Како за телесниот живот, така се даваат таланти и за духовниот живот. Еден може да биде подвижник, свет Божји угодник, чудотворец, но на друг тоа не му е дадено. На едниот може да ми се дадени и сто духовни таланти, а на другиот половина од тоа. Но, независно од бројот на талантите, тие треба да се умножуваат и тоа да постане силата со која човекот ќе го спечали Царството небесно.


За најголемиот дел од нас темата за Страшниот суд е некоја таинствена тема сокриена од нас, бидејќи материјалниот свет е различен од духовниот. Навистина, за нас е тешко да си претставиме каков ќе биде тој суд, бидејќи животот после смртта е поинаков од нашиот земен живот. Ние немаме никакво искуство од тој живот. Во нашиот живот и сознание нема некаков пример. Ние можеме само да зборуваме за тајната Божја и да се довериме на Божјата слава. Знаеме дека ќе ни се суди според нашите умножени дарови и според тоа дали сме ги умножувале талантите творејќи добри дела, како што се вели и во Евангелието - дали сме нахраниле гладен, напоиле жеден, посетиле болен или затворен и сл. (Мт. 25, 35-46) Но сега да си поставиме прашање самите на себе: какво добро дело направивме ние во нашиот живот? Еве помина Велигденскиот пост. Што добро направивме? Ако не можеме самите на себе да си одговориме на ова прашање, каков ли одговор ќе дадеме на Страшниот суд на Господа Бога?


Зборовите на Господа Исуса Христа за Страшниот суд изговорени пред Неговите страдања се завет за сите нас, кој треба да го чуваме во нашето сознание. Потребно е да живееме со постојана мисла за доаѓањето на Страшниот суд и вечниот живот. Тоа ќе ни помогне помалку да се оддаваме на лесен и страстен живот, бидејќи секогаш пред очи ќе ни биде сликата за вечен и блажен живот во кој сите сме повикани и тоа не како робови, туку како синови и ќерки Божји. Он ќе ни даде сила да ги поминеме сите тешкотии на животниот пат, па така ќе се издигнеме „до мера на потполна возраст на Христовото совршенство". (Ефес. 4, 13) Амин.


Велики вторник
14.04.2020 год.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5