„Дојдете, верни, заедно да ѝ запееме песна на страдалницата Параскева, бидејќи таа во светот сјае со чудеса, прогонувајќи го мракот на прелеста, и благодат неисцрпна им дава на верните, кои викаат: Радувај се, маченице многустрадална“ (кондак на Утрена на св. преподобномаченица Параскева).
На 08.08.2021 година, денот кога го прославуваме споменот на светата преподобномаченица Параскева - Петка и на св. свешт-мч. Ермолај, во параклисот „Св. Петка“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.





