„Дојдете, верни, заедно да ѝ запееме песна на страдалницата Параскева, бидејќи таа во светот сјае со чудеса, прогонувајќи го мракот на прелеста, и благодат неисцрпна им дава на верните, кои викаат: Радувај се, маченице многустрадална“ (кондак на Утрена на св. преподобномаченица Параскева).

 

На 08.08.2021 година, денот кога го прославуваме споменот на светата преподобномаченица Параскева - Петка и на св. свешт-мч. Ермолај, во параклисот „Св. Петка“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Целокупниот земен живот на нашиот Спасител Господ Исус Христос поминал во молитва и труд, како и милосрдие и љубов кон ближните и кон сиот свет. Сѐ што правел, Христос правел за наше спасение. И денешното Евангелско четиво во седмата недела по Педесетница ни покажува за големата тајна и чудотворството на Господа. Попрецизно ни зборува за исцелението на двајца слепи. Честопати ние беседиме за разни непријатности кои ги снаоѓаат луѓето. Овие нешта доаѓаат како последица на нашите гревови кои ги правиме во животот. Со тоа што ние го правиме во секојдневниот наш живот, со сите наши дела и зборови, определуваме дали ќе бидеме блиски на Бога или ќе стоиме далеку од Него. На тој начин го определуваме нашиот живот и во вечноста, па затоа треба сериозно да се замислиме: каде одиме, што правиме и што ќе добиеме како награда за тоа. Но, за жал многумина недоволно размислуваат за овие нешта.


Од денешното Евангелие слушнавме како Христос, одејќи од место во место, од град во град, во една прилика бил пресретнат од двајца слепци. Поради својата болест, тие не можеле да ја видат Божјата убавина. Сите болести се тешки и неподносливи. Но, слепоста можеби е најтешка, бидејќи човекот не може да го види ни сонцето, ниту да ги разликува годишните епохи и да се радува на нивните убавини. Овие слепи луѓе можеби имале и семејства. Но, тие не можеле да ги видат ни своите чеда, ниту лицето на било кој човек. Овие слепи луѓе слушнале дека во светот има Човек Кој не употребува никакви надворешни сили, а прави секакви исцеленија само со збор. Слушнале дека Нему Му се покоруваат и природните стихии. Овие луѓе решиле да се приближат кон Спасителот, кон спасителната сила, која Господ ја дава на сите немоќни.


Господ се наоѓал во една куќа и го поучувал народот за големата тајна на царството небесно. Во тоа време, кон Исус пристапиле овие двајца болни и започнале да Го молат: „Господи, Исусе, Сине Давидов, смилувај се на нас". Обраќајќи се кон Господа на овој начин, овие слепци зборувале и сведочеле и за оние што имале вид. Со ваквото обраќање тие потврдувале дека Исус е Синот Божји – Месијата, Кој дошол да го спаси човечкиот род. Овие слепи луѓе му укажувале на духовно слепиот народ дека Исус е вистинскиот Син на царот Давид, односно дека Тој е потомок на коренот Јесеев и дека Христос навистина дошол во светот. Фарисеите и книжниците кои Му завидувале на Христа и Го мразеле, се обидувале да го одвратат народот од Него. Но, сведочењето на слепите за Исуса, му зборува на неверниот народ за тоа дека Исус Христос е Човек, сличен во сѐ на нас луѓето, освен во гревот. Овие болни кои страдале како никој друг, укажуваат на Неговиот род и Неговото потекло и Го исповедаат како Син Божји, односно како Богочовек.


Христос не го задоволува веднаш нивното барање. Сакајќи да ги научи на трпение, а со тоа да ги научи и другите за силата на верата, Тој ги прашува: „Дали верувате дека Јас можам да го направам тоа?" (Мт. 9, 28). За каква вера прашува Тој? Може тоа да биде вера сегашна? Не! Тој прашува за верата која Бог ја дарувал од првите денови на Адама, Авраама, Исаака, Давида, а преку нив и на целото потомство. Дали и ние веруваме дека Христос може да го направи тоа? Дали веруваме дека Бог дошол на земјата? И кога тие кажале дека веруваат и го исповедале Господа, Тој се допрел до нив и тие прогледале, гледајќи ја славата Божја.


Во ова чудесно излекување постои една карактеристична црта која е многу важна. Тоа е цврстата и непоколеблива вера дека чудесниот исцелител е долгоочекуваниот Месија и Спасител на човечкиот род. Тој е единородниот Син Божји. Тука е и постојаната надеж во Неговото големо човекољубие, а од друга страна и Неговата безгранична љубов кон луѓето кои се создадени за вечност. Верата и надежта на овие несреќни луѓе се сретнале со безграничната Божја љубов, што резултирало со чудо. Чудесното исцелување е последица на средбата на непоколебливата вера и надеж и безграничната Божја љубов.


Затоа и ние да се помолиме, Бог во нашите души да стави непоколеблива вера и постојана надеж, онаква каква што имале денешните слепци. И ние во нашите животи да се сретнеме со Неговата безгранична милост, па да го славиме и величаме Неговото свето име. По молитвите на света Петка чиј празник денес празнуваме, така нека биде. Амин.

 

Света Петка Римјанка и седма недела по Педесетница
Параклис „Света Петка", манастир „Свети Наум Охридски", Охрид
08.08.2021 год.

 

svpetkalet2021 1svpetkalet2021 2svpetkalet2021 3svpetkalet2021 4svpetkalet2021 5svpetkalet2021 6svpetkalet2021 7svpetkalet2021 8svpetkalet2021 9svpetkalet2021 10svpetkalet2021 11svpetkalet2021 12svpetkalet2021 13svpetkalet2021 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3