„Кога воскресна од гробот, ги воскресна и умрените; со го воскреснал и Адама, и Ева ликува поради Твоето Воскресение; торжествуваат и краиштата на земјата, со Твоето Воскресение од мртвите, Многумилостиве“ (воскресен кондак, глас 8, во недела на Утрена).

 

На 22.08.2021 година, во Деветтата недла по Педесетница, и на празникот на св. ап. Матиј, св. мч. Антониј и св. мч-ци Јулијан, Маркијан и други, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плоашко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески и Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Нашите прародители биле создадени и поставени во Едем. Тие имале директно општење со Бога. Но, по првородниот грев, таа состојба се изменила. Кога Господ ги создал, им рекол: Плодете се и множете се и владејте со сѐ што е на земјата. Но, по гревот, таа состојба се изменила и чистиот разум со кој човекот го почитувал Бога, Го величал и Го славел – се помрачил. Добрата волја која во Рајот правела разлика помеѓу доброто и злото се изменила. Наместо да прави добро се приврзала кон злото, зависта и гревот. Чувствата кои биле чисти и го славеле и величале Божјото присуство се измениле и се приврзале за злото и пакоста. Така, човекот кој бил создаден да господари со земјата и со сѐ што е на неа, станал нејзин слуга, погазувајќи го законот Божји. Поради својот грев, човекот бил истеран од Рајот и почнал со труд и пот да го заработува лебот.


Пореметениот однос помеѓу човекот и Бога и човекот и природата дошол да го исправи Господ Исус Христос, воден од преголема љубов кон човекот кој страдал. За тоа ни говори и денешното Евангелско четиво кое го слушнавме за време на светата Литургија (Мт. 14, 22-34). Откако ги нахранил луѓето со пет леба и две риби, Господ Исус Христос ги понудил учениците да влезат во кораб, а народот го распуштил. Самиот Тој се качил на една планина за да се помоли. Откако се помолил, Господ Исус Христос отишол кон коработ, одејќи по вода како по суво. Учениците, пак, пловеле подолго време и веќе биле изморени од веслањето. Коработ го управувале со последните сили. Во меѓувреме, почнал да дува силен ветар, кој создавал големи бранови, што дополнително го отежнувало управувањето со коработ. Учениците, исплашени за својот живот, бидејќи имало големи бранови, го здогледале својот Учител Кој одел по водата и мислеле дека гледаат привидение. Апостолот Петар кој прв од учениците Го исповедал Христа како Син Божји, сакајќи да провери дали тоа е Христос или привидение, повикал: „Господи, ако си Ти, дозволи ми да дојдам при Тебе по вода". На ова од Христос добил позитивен одговор. Петар почнал да оди по водата како по суво. Но, кога ги видел големите бранови, се исплашил и се посомневал дека ќе може да оди и по нив. Во тој миг почнал да тоне и побарал помош од Христа со зборовите: „Господи, спаси ме!" Христос му подал рака и го извадил од водата во која тонел.


Овој настан ни кажува за силата на верата и за нејзината голема моќ. Треба само силно и непоколебливо да веруваме, предавајќи се сецело на волјата Божја. Додека имал силна и непоколеблива вера, апостолот Петар одел по водата како по суво, исто како Господ Исус Христос. Но, кога се посомневал и верата му ослабела, почнал да тоне. И покрај силните ветрови и бурата, Господ Исус Христос продолжил да оди по водата, не плашејќи се дека ќе потоне. Во друга прилика, тој им заповедал на морските бранови да се смират и природата му се покорила, онака како што во почетокот, пред гревот, им се потчинувала на нашите прародители. Господ Христос имал власт над природните стихии, зашто иако и Тој имал човечка природа како нас, бил без грев и постојано ја исполнувал волјата Божја. Нам не само што како на луѓе ни слабее верата, туку и нашата природа е огревовена и извалкана и токму затоа природните стихии не ни се покоруваат. На друго место во Евангелието, Господ Христос вели: Ако имате вера и колку синапово зрно и ѝ речете на оваа планина да се премести – таа ќе се премести. Верата може да се спореди со водата. Како што топлата вода се разликува од ладната, така постои разлика помеѓу силната вера, млаката вера и неверувањето.


Како христијани, ние сме повикани да извлечеме поука и од овој Евангелски расказ. Треба да бидеме послушни синови и ќерки на небесниот Создател. Кога, пак, ќе згрешиме, треба да имаме храброст и доблест да побараме прошка. Нашиот Создател е подготвен секогаш да ги задоволи нашите вистински потреби и искрени барања. Тој е како таткото кој го примил синот кој неразумно го потрошил целото богатство на разврат. Добриот отец го примил својот покајан син со радост и гозба за сите во куќата. Да се поучиме од овие Евангелски зборови, па да не бидеме маловерни како апостолот Петар во миговите кога тонел. Да бидеме со цврста и непоколеблива вера за да го исполниме законот Божји. Да одиме по Божјиот пат и да Го прославиме Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.


Деветта недела по Педесетница
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Охрид
22.08.2021 год.

 

devttanedped2021 1devttanedped2021 2devttanedped2021 3devttanedped2021 4devttanedped2021 5devttanedped2021 6devttanedped2021 7devttanedped2021 8devttanedped2021 9devttanedped2021 10devttanedped2021 11devttanedped2021 12devttanedped2021 13devttanedped2021 14 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5