„Твојот храм, Светителу, се покажа како преславно духовно лечилиште за оние кои пристапуваат со вера, бидејќи од сите различни болести избавува, а разните душевни страсти ги умртвува. Затоа, Себлажени, како топол застапник те одбележуваме“ (кондак на Утрена на св. Климент Охридски Чудотворец).

 

Споменот на нашиот застапник, покровител и заштитник, светиот Климент Охридскиот Чудотворец, како и на св. вмч. Пантелејмон и на светите Седмочисленици, и оваа година свечено се одбележа во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, а верниот народ како река што непрестајно тече постојано пристапуваше пред моштите на светителот, барајќи од него здравје и негово присно застапништво пред Бога за нас неговите наследници. Празнувањето започна со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Васил Михајлоски и Марко Спасовски. Со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Ѓорѓи Блажевски се обрати пред присутниот верен народ со пригодно слово, во кое ја истакна аскетската фигура на светиот Климент, кој секогаш, побуден од љубов кон Бога и ближните, бил подготвен за жртва за своите чеда и браќа. Подоцна беше отслужен и Акатист на свети Климент Охридски пред неговите свети мошти. 

 

Торжествувањата на големите светии продолжија на 09.08.2021 година, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Васил Михајлоски и Марко Спасовски. Св. Климент, преку раката на нашиот Митрополит Тимотеј, продолжи да го сее свештеничкото семе и оваа година. Имено, ѓаконот Васил Михајлоски од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во свештенички чин. Од името на Митрополитот, свештенството и монаштвото од нашата Епархија му го честитаме чинот на отец Васил, и Го молиме Севишниот Он да го раководи на сите патишта негови, за спасение на неговата душа и за спасение на сите оние кои Бог ќе му ги довери. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Денеска го прославуваме свети Климент Охридскиот Чудотворец. Тој го словел словото Божјо на нашите предци на свој словенски јазик во втората половина на IX и почетокот на X век. Главната порака на светото Евангелие била да бидеме едно со нашиот небесен Создател преку молитва и пост и исполнување на волјата Божја. За да се постигне сето тоа, потребна е силна и непоколеблива вера и владеење над себеси. Уште во Стариот Завет, премудриот Соломон рекол: „Она што е разрушениот град без ѕидови, тоа е и човекот кој не владее со духот свој" (Изреки 25, 28). Градот без бедеми е незаштитен и однадвор и однатре. Во таков град може да влезе секој, па и оној кој не би требало да влезе, а и да излезе секој, па и оној кој не би требало да излезе. Таквиот град е сличен на човек што не владее со себе кога се во прашање влијанијата кои доаѓаат однадвор. Но, исто така не владее со себе ниту во поглед на чувствата, мислите, желбите и страстите кои се наоѓаат внатре во него. Тоа е главната причина што таквиот човек не е во состојба да разговара со Бога преку молитвата и да се сретне со Него кога тоа е потребно.

Секој човек треба да се подготвува за средба и разговор со Бога. Во секојдневниот живот тој се подготвува за средба со обичните луѓе, размислува за што ќе зборува со нив, како ќе се однесува, како ќе се облече и слично. Многу попотребно е човек да се подготви за средба со Бога анализирајќи го своето срце и душа, управувајќи со своите мисли и чувства кон небото и Бога, измивајќи ја својата душа од сѐ што не е добро и благородно и облекувајќи се во нова духовна облека и соблекувајќи од себе сѐ што е нечисто.

Луѓето често се жалат дека Бог не одговара на нивните молитви и дека е отсутен кога Го бараат. Им изгледа дека е далеку, па ниту ги слуша ниту ги гледа. Но, не си го поставуваат себеси прашањето дали можеби тие се оние за кои е речено: „имаат очи, а не гледаат, имаат уши, а не слушаат" (Мк. 8, 18).

Дали тие не спаѓаат во оние кои премногу се зафатени со работи од овој свет, па немаат време да го слушнат гласот и пораката на Бога, Кој постојано ги упатува на правиот пат, преку устата на многумина познати и непознати. Он се наоѓа во лицето на многумина кои се покрај нас. Бог се јавува и им зборува на луѓето. Потребно е само човек добро да гледа со очите и да слуша со ушите. „Кој има очи нека види и кој има уши нека чуе" (Мт. 9, 19) – му вели Господ денес на секој човек. Колку пати Господ ќе зачука на нашите врати, на нашата совест, на нашите мисли и чувства, но ние не слушаме? Како човекот постојано да вели: „Зафатен сум и немам време. Дојди друг пат. Изморен сум и се одмарам. И мене ми е потребна забава. Патувам и имам потреба да видам што повеќе свет и живот во него". Еве, од прилика вака современиот човек одговара на Божјиот повик. Но, Бога најмногу можеме да го сретнеме пред вратите на нашите срца: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него и тој со Мене" (Откр. 3, 20). Како што Бог по Својата сопствена волја приоѓа кон нас така и ние луѓето треба слободно да пристапуваме кон Бога, отворајќи му ги вратите на своето срце. Претходно, потребно е да го истераме демонот од себе било тој да седи во нас преку облеката на нечисти мисли и чувства било преку злобните навики или во некој друг облик. Тоа е најважната подготовка на човекот за средбата со Бога.

Денеска, како што кажавме, го прославуваме свети Климент, а со него и свети Пантелејмон. На нив е посветен и овој свет манастир. Да се радуваме што ги имаме свети Климент и свети Пантелејмон како наши учители и молитвеници. Да се обратиме со искрена молитва кон нив за тие да бидат наши молитвеници и застапници пред Бога. Да ги очистиме нашите души од секакво зло за да се всели во нас мирот, а со него и љубовта. Така ќе го прославиме Триединиот Бог, сега и во сета вечност.

Ја користам оваа прилика од името на свештенослужителите и од свое име на новоракоположениот свештеник Васил да му го честитаме чинот. Истовремено му посакуваме свети Климент да му биде образец и пример во словењето на словото Божјо на доверената му паства, која ќе ја добие како духовен пастир и раководител за да ја води по патот кон вечен и блажен живот. Свештеничкиот чин носи го со бел образ за прослава на Бога, за афирмација на светиклиментовата Македонска православна црква и за спасение на твојата душа. Амин.

Свети Климент Охридски

Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон", Охрид

09.08.2021 год.

 

svklimentlet2021 1svklimentlet2021 2svklimentlet2021 3svklimentlet2021 4svklimentlet2021 5svklimentlet2021 6svklimentlet2021 7svklimentlet2021 8svklimentlet2021 9svklimentlet2021 10svklimentlet2021 11svklimentlet2021 12svklimentlet2021 13svklimentlet2021 14svklimentlet2021 15svklimentlet2021 16svklimentlet2021 17svklimentlet2021 18svklimentlet2021 19svklimentlet2021 20svklimentlet2021 21svklimentlet2021 22svklimentlet2021 23svklimentlet2021 24svklimentlet2021 25svklimentlet2021 26svklimentlet2021 27svklimentlet2021 28svklimentlet2021 29svklimentlet2021 30svklimentlet2021 31svklimentlet2021 32svklimentlet2021 33svklimentlet2021 34svklimentlet2021 35svklimentlet2021 36svklimentlet2021 37svklimentlet2021 38svklimentlet2021 39

   

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5