„Богоносен Науме, себлажен, ти си им бил на сите чудотворец, молитвеник и патеводител кон Бога. Пофалбо мизиска, ти се молиме, избави ги твоите раби од сегашните неволји и од идниот пламен, со твоето божествено молење“ (седален по второ стихословие на Утрена на преп. Наум Охридски).
Торжествувањето на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец продолжи на 03.07.2021 година, во манастирот над Охридското Езеро, во кој поминаа илјадници верници за да му се поклонат на нашиот застапник пред Бога. Празнувањето беше запечатено со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу интегрално ви ја пренесуваме.
Како што стана веќе и повеќегодишна традиција, така и оваа година, Дебарско-кичевската епархија и манастирот „Св. Наум Охридски“ доделија повеќе благодарници и пофалници. Благодарница ѝ беше доделена на компанијата Прогрес 98 од Гостивар, за нивната квалитетна изведба при асфалтирањето на паркинг-плацот и двете улици во манастирот „Св. Наум Охридски“, а со минимални цени. Пофалници им беа доделени на г-дин Гоце Донески, г-дин Спасе Попоски и г-дин Благоја Димоски, тројцата вработени во компанијата Котур инжињеринг од Охрид, поради несебичното залагање, квалитетното и одговорно работење на лимарски и градежни работи во ман. „Св. Наум Охридски“, како и во други манастири и објекти во Дебарско-кичевската епархија. Оваа година Митрополитот Тимотеј додели и еден Орден на свети Наум Охридски од втор ред на г-дин Мирче Митрески од Охрид, за долгогодишното постојано и неуморно залагање во секојдневното разубавување на храмовите и манастирите во Денарско-кичевската епархија, како и за повеќекратните донации во манастирот „Св. Наум Охридски“. На сите им честитаме за добиените признанија.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Целокупниот живот и дело на нашиот Спасител Господ Исус Христос е спасението на човечкиот род. За таа цел Тој дошол од небесата, се воплотил од света Дева Марија и постанал човек, во сѐ еднаков на нас, освен во гревот. Тој го проповедал словото Божјо, односно Евангелието. На крстот Тој се жртвувал за да даде откуп за првородниот грев. Ја основал Својата света Црква и ги воспоставил светите тајни. Неговите учења ни помагаат да ја вратиме првобитната состојба во која беа создадени нашите прародители.
Секоја христијанска душа е повикана да оди по тој пат, да се уподоби на Бога и да го наследи царството Божјо кон кое се повикани сите луѓе. Но, за да се оствари оваа цел, потребен е подвиг и труд од страна на секој човек кој сака да ја придобие благодатта Божја. Единствено со неа човекот може да ги победи сите страсти и слабости кои неминовно секој ги среќава на својот животен пат. Подвигот се состои во постојана борба помеѓу телото и духот. Таа борба се води внатре во човекот. Телото сака противни работи на духот, а духот противни на телото. Затоа тие се меѓусебно спротивставени (Гал. 5, 17). Ете, во тоа се состои христијанскиот подвиг и во тоа треба да се подвизуваме до крајот на животот. Телото да го коригираме, за да не го вршиме она што го сакаме, туку она што ни е корисно и спасоносно. Христијанинот треба на секој начин да се спротивстави на гревот, зашто е речено: не е можно да му се служи и на Бога и на гревот. Ако сакаме да живееме како христијани со Бога, потребно е да умреме за себе и за гревот. Не е можно да се живее и за Христа и за гревот. Христос нѐ откупи со Својата пречиста крв и затоа ние сме должни да се покоруваме на Него и да не ја вршиме својата волја, туку да ја исполнуваме Христовата. Тоа е нешто слично на односот на слугата кон господарот. Верниот слуга не ја исполнува својата волја, туку волјата на својот господар. Неверниот, пак, слуга ја врши својата волја. Затоа и во Евангелието, Господ често ги прашува учениците: зошто Ме нарекувате Господ, а не го вршите она што ви го кажувам? Суштината и силата на христијанскиот подвиг се состои не во друго, туку во непрекинато трпение во искушенијата и бедите. Подвигот на синовите од овој свет се состои во храброста да се спротивстават на непријателот во борбата и да го покорат преку вршењето добро, со трпеливост, љубов и останатите христијански добродетели. Евангелието нѐ учи: „Благословувајте ги оние што ве колнат и љубете ги оние што ве мразат" (Мт. 5, 44).
Нема подвиг без борба и борба без непријател. Нема венец без победа и победа без подвиг. Нема победа без битка, ниту битка без непријател. Нема ниту христијанин без битка со непријателот, односно со гревот. Таа битка треба да се води со трпение за да биде овенчана од Господа Исуса Христа. Штом сме одлучиле да бидеме Христови војници, треба да одиме по тој пат до крајот на животот за да го добиеме венецот на вечниот и блажен живот. Од нашиот подвиг ќе зависи во каква состојба ќе се најдеме во вечноста. Едни ќе се подвизуваат и ќе го следат Христовиот пат, а други ќе го изберат полесниот пат на гревот и нема да Го најдат Христа, а ќе спечалат маки заедно со вечниот непријател на родот човечки.
Што се однесува на трудот и подвигот на човекот, човекот не може ништо да направи без Бога. Затоа и Христос вели: „Без Мене не можете да направите ништо" (Јн. 15, 5). Бог го започнува делото на нашето спасение и го исполнува ако ние не Му се спротивставиме и ако го вршиме она што содејствува со Неговата благодат. Насекаде ни е неопходна Божјата помош, која им се јавува на оние кои со вера и скрушеност ја бараат од Бога.
Дека таа благодат е можно да се оствари ни сведочат и Божјите угодници, меѓу кои е и свети Наум Охридски чудотворец, чиј спомен денеска празнуваме. Овој Божји угодник живеел кон крајот на IX и почетокот на X век. Целокупниот негов живот бил исполнет со труд и подвизи и работа на нивата Господова. Затоа и Бог го обдарил со Својата благодат. Уште во времето на неговиот земен живот правел безбројни чуда, а уште повеќе по преселувањето покрај престолот Божји. Да се обратиме со молитва кон свети Наум за да ги зацврсти нашата вера и подвиг. Да спечалиме благодат Божја за да можеме да ги исполнуваме заповедите Божји и да измолиме милост Божја за спасение на нашите души. Амин.
Свети Наум Охридски - летен
Манастир „Свети Наум Охридски",Охрид
03.07.2021 год.





