„Дојдете верници да го воспееме пречесниот Христов војник, светлиот светилник на мизиските земји, кој јасно свети со чудеса и кон него да запееме: Спомнувај не сите нас, кои го празнуваме твојот спомен и кои те повикуваме на помош; и бидејќи имаш смелост пред Господа, моли да се спасиме“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на преп. Наум Охридски).
Споменот на преп. Наум Охридскиот Чудотворец започна да се слави на 02.07.2021 година, во манастирот каде што тој се подвизуваше пред Господа и каде многумина исцели од секакви болести, а на крајот и каде што ги остави своите свети мошти, за оние кои веруваат во него, и по многу години и од неговото блажено упокојување, да добиваат утешение и исцеление. Прославувањето на преподобниот започна со Вечерна богослужба на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Свети апостол Павле вели: „Сите сте синови Божји преку верата во Исуса Христа" (Гал. 3, 26). Да се задржиме на овие зборови што апостолот Павле како проповедник на народите ги упатил до христијанската заедница на Галатјаните. Прекрасно е Божјото создание – човекот. Творецот ја излил Својата премудрост врз сите Свои дела (Мудр. Сир. 1, 9), а особено врз човекот. Го надарил со умствени способности и човекот може да се издигнува до висините на познавањето на вселената, да проникнува во утробата на земјата за да ги открие нејзините тајни, се мачи за да ја опфати длабочината на човековиот живот, на човековото срце и неговиот дух. Човекот е прекрасно создание. Ние сѐ повеќе се уверуваме во тоа, особено во оваа наша забележителна епоха на постигнувања во науката, техниката, електрониката и други области и дисциплини. Би можеле заедно со старозаветниот псалмопејач во моментите на признателност кон Создателот да ја искажеме возвишената оценка за човекот: „Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го венчал, и си го поставил над делата од рацете Твои, и сѐ си потчинил под нозете негови" (Пс. 8, 5-6).
Но, најважна и најценета кај човекот е човечноста и стремежот да ја постигне, бидејќи без неа, независно од сите дарови кои ги прима од Бога и успесите и постигнувањата, тој човек не е и не може да се нарече прекрасно создание. Човечноста е најценетото нешто кое човекот го добива од Бога и кога се стреми да ја постигне, тој се надминува себеси и се издигнува до вистинското духовно и културно суштествување. Ние веруваме дека човечноста целосно се постигнува преку духовното општење со Господа Исуса Христа, за кого Пилат беше рекол: „Еве Човек" (Јн. 19, 5). Ние знаеме дека Он е совршен образ по кој е создаден човекот. Ако останеме во општење со Него, ја постигнуваме човечноста во најсовршена мерка – вистинската човечност кон која се стреми човечкото срце.
Ние знаеме дека човекот е круна на Божјото создание, но исто така знаеме колку е возвишен и неговиот призив да Го подражава Исуса Христа како пример за совршен Човек. Само така може да го постигне синовството и да стане син Божји. Само преку општење со Бога се остварува човечката задача.
Знаеме дека сите Божји светии кои Му угодиле на Бога се Негови синови и ќерки. Тие произлегуваат од разни човечки родови и народи, живееле во различни времиња и повеќе од две илјади години ја исполнуваат историјата на христијанската Црква и со Божествен блесок го осветлуваат небото на верата. Сите тие припаѓаат на едно исто Божјо царство и на небото и на земјата и го изразуваат единството во верата на сите христијани. Тие се образец и пример за човечкото единство. Светителите Божји преку делотворната вера го осуштествуваат единството на целиот човечки род и докажуваат дека во Црквата Божја нема ни Грк ни варварин, ни роб ни слободен, туку сите во Христа се едно. Токму Божјите угодници се потврда дека со образот кој ни го дал Бог кога нѐ создал, задачата која ни е зададена да ја оствариме е можна за постигнување.
И свети Наум Охридскиот Чудотворец чиј спомен денеска го прославуваме во оваа света обител е една од тие духовни рожби на светиите Божји. Преку подвиг, молитва и непоколеблива вера, свети Наум засветлил на нашево поднебје во втората половина на IX и првата декада од X век. Од тогаш верниот народ му принесува молби и величанија. Го моли за негово застапништво, за сите да се присоединат во животот на Христа и да станат синови и ќерки на Божјата љубов. И ние, присуствувајќи во Црквата Божја со вера во Исуса Христа, се стремиме да примиме Божји благослов и да станеме Негови синови и ќерки. Да бидеме цврсти и непоколебливи во тој наш стремеж кон богопосинувањето, па со тоа ќе ја потврдиме нашата човечност како носители на Божјиот образ. По молитвите на свети Наум Охридскиот Чудотворец, Бог да нѐ удостои со Неговите благодатни дарови за да постанеме синови и ќерки Божји. По молитвите на свети Наум така нека биде. Амин!
Свети Наум Охридски – летен, вечерна
Манастир „Свети Наум Охридски",Охрид
02.07.2021 год.





