„Како првини на природата, Засадителу на тварта, вселената Ти ги принесува, Господи, Твоите богоносни маченици. По нивните молитви, Многумилостиве, во длабок мир запази ја Црквата Твоја и народот Твој, преку Богородица“ (кондак на Утрена во Неделата на сите светии).
На 27.06.2021 година, во Неделата на сите светии, во манастирот „Сите светии“ („Си свети“) во с. Лешани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Вартоломеј, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денешната недела, прва по Педесетница е посветена на сите светии, а во Охрид овој празник е познат како „Си свети". Во бројот на Божјите угодници спаѓаат древните патријарси, пророци, апостоли, маченици, испосници, подвижници, исповедници... Со еден збор, сите светии кои со вера, дела и подвизи, страдања и други добродетели го прославиле името Божјо на земјата. Во Делата апостолски, од кои читавме денес за време на Литургијата, светиите Божји се споредуваат со облак. „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба" (Евр. 12, 1). Сведоците за кои зборува светиот апостол Павле се Божјите угодници од сите времиња и народи кои го прославиле името Божјо.
Зошто Црквата одредила да се празнува нивниот спомен? Каква цел има ова прославување? Одговорот е: За да ги подражаваме. Црковните празници се воведени не само за да ги прославуваме Божјите угодници и да им се восхитуваме, туку и да ги подражаваме – да одиме по оној пат по кој оделе и тие. Треба да водиме живот сличен на нивниот, но да не забораваме дека секој од нив одел по сопствен пат за да ја постигне светоста и да дојде до боговдахновен живот. Затоа и светата Црква, кога го прославува празникот на сите светии ни дава можност да си избереме како идеал некој од светиите и да одиме по пат сличен на оној по кој тој одел за да стигне до светоста. Уште во Стариот Завет, Бог му беше рекол на избраниот народ: „Бидете свети, бидејќи Јас Сум Свет" (4 Мојс. 11, 41). Едни од светите постанале такви преку молитва, втори преку милосрдие, трети преку пост, четврти преку исповедништво, петти преку самотен живот, шести преку мачеништво, седми преку самоодрекување итн. На ова некој ќе рече: Ние не можеме да се молиме како нив, да постиме како нив, не можеме да бидеме милостиви како нив, сострадални како нив и сл. Според тоа не можеме да бидеме подражавачи на светиите. Без сомневање, ваквиот обид за оправдување е напразен. Оправдувањето дека немаме сила каква што имале светиите не е вистинско. Ние знаеме какви биле светиите – Божјите угодници. Нели и тие беа луѓе, слични на нас? И за нив, тешкотиите и мачењата не биле поподносливи отколку за нас. Ова јасно покажува дека и ние можеме да ги подражаваме светите Божји угодници.
Навистина, светите Божји угодници кои ги почитуваме биле во се подобни на нас, бидејќи биле луѓе. Немале поинакво тело или душа различна од нашата. По природа биле исти како нас. Се родиле како и ние, чувствувале потреба за храна и пијалак како и ние. Биле немоќни како нас. Со ништо не се разликувале од нас кога е во прашање човечката природа. Ништо не ја издигнувало нивната природа над нашата. Според тоа, како можеме да зборуваме дека ние сме неспособни за подвизи слични на подвизите на светиите? Нели е невистина тоа дека само светите можеле да живеат возвишено, да ја пазат вистината и да ја сочуваат правдата, да живеат во мир со блиските, да не се осветуваат и да не ги осудуваат ближните?
Навистина, Божјите угодници не можеле да го постигнат тоа со сопствени сили. Високото морално совршенство се достигнува преку поткрепата на Божјата благодат. Божјата благодат, пак, се дава и на едни и на други. Според тоа: Дали ние можеме да се надеваме на Божјата помош? Нели Бог сака сите да се спасиме. Дали може некому да му посакува пропаст и погибел? Напротив! Колку поголеми се потешкотиите на патот кон спасението, толку поголема помош од Бога треба да очекуваме. Впрочем, да не бидеме мрзливи, туку да ги подражаваме со ревност Божјите угодници кои го наследиле небесното живеалиште. Да ги подражаваме во верата, надежта и љубовта. Амин.
Недела на Сите светии
Манастир „Си свети" с. Лешани, Охрид
27.06.2021 год.





