„Дојдете сите вие што го славите сепразничното, светло и славно Воскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволјите и од гревовите“ (хвалитна стихира на Утрена на св.вмч. Ѓорѓи).
На 07.05.2021 година, вториот ден по празникот на светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец, во вечерните часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Христијан Костоски, протошаконот Николче Ѓурѓиноски, ероѓаконот Анатолиј и ѓаконот Васил Михајлоски. На Вечерната богослужба присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кој потоа чиноначалствуваше на Трисагијата во чест на сите порано упокоени ктитори, приложници, свештенослужители во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. По завршувањето на Вечерната богослужба, преубаво украсените мошти на светиот великомаченик Ѓорѓи заедно со чудотворната икона, носени од рацете на видни граѓани од Струга, а следени од свештенството и монаштвото од Дебарско-кичевската епархија, со свечена литија торжествено беа носени низ градот Струга. Оваа година, поради актуелната пандемиска криза, верниот народ не ја следеше литијата, но застанат по струшките улици и тротоари, почитувајќи ги сите здравствени мерки, свечено ја поздравуваше еордијата, со гласно воскликнување: Христос воскресе!
Sport media | Men’s shoes
Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри!
Во овие светли Велигденски празнични денови, целиот православен свет торжествено ја прославува Христовата Пасха. Пасхата, односно Воскресението Христово е најголемиот празник во православната Црква. Затоа и Црквата го нарекува „празник над празниците и торжество над торжествата". Од таму произлегува на овој празник да се искажат прекрасни зборови, кои ние ги чувствуваме како духовно торжество, заедно со целата Црква и постојано ги повторуваме, поздравувајќи се со: „Христос воскресе!". Како одговор на тоа ги слушаме потврдните зборови: „Навистина воскресе!".
Пасхалната радост за воскреснатиот Спасител не се ограничува во тесните граници на нашите срца, туку таа се прелева преку нашите души и придонесува за духовно обновување и на други луѓе. На зборовите „Христос воскресе!" им нема рамни во јазиците на луѓето. Тие ја изразуваат најголемата светиња на нашите срца, зашто во нив се содржи сета суштина на нашата вера, сета цврстина на нашата надеж и сета сила на нашата љубов кон Спасителот, Кој беше распнат за нас и во третиот ден, според Писмото – воскресна. Ако христијанството треба да се собере во еден ден, тогаш тоа е денот на воскресението Христово. Ако во годината има ден кој е исклучиво и целосно Божји и во кој Бог ја открил целата Своја вистина, ја објавил сета Своја сила и љубов – тоа е денот на Христовото воскресение. Затоа и Црквата воскликнува: „Ова е денот што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него" (Пс. 117, 24). Воскресението Христово е темел на христијанството и основа на Црквата, зашто Господ го потврдил целото Свое учење во овој ден. До воскресението, Toj поучувал за вечниот живот. Со воскресението го потврдил Своето учење и докажал дека Тој е навистина живот вечен. До воскресението Тој поучувал дека е Син Божји и Бог. Со воскресението Свое го потврдил Своето учење и покажал дека е Бог и Син Божји. Без Христовото воскресение, христијанската вера би била бесмислена и немоќна, бидејќи главниот непријател на човештвото – смртта, би останала неповредена доколку Христос не воскреснел. Затоа и апостолот на народите во посланието до Коринтјаните вели: „ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера" (1 Кор. 15, 14).
Воскресението Христово е историски факт и основа на нашата вера. Светиот апостол и евангелист Јован вели: „Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот – и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави" (1 Јн. 1, 1-2). Тој божествен живот се јави во лицето на Христа Спасителот, Кој пострада и умре заради нас, поради големата Своја љубов кон човечкиот род. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот" (Јн. 3, 16).
Но, Христос не бил само човек, туку Богочовек и затоа Тој ја победил смртта и ја обессилил силата на ѓаволот. Гревот бил прикован на крстот и животот восторжествувал над смртта. „Он е почеток, првороден од мртвите" (Кол. 1, 18). Со Своето воскресение Тој го докажал Своето божествено достоинство и дал залог за идното наше воскресение. Христос постанал родоначалник на новото обновено човештво. Во Бога сите ние сме едно. Ако Тој воскреснал – ќе воскреснеме и ние.
Токму таа вера дека Христос воскреснал, ја посведочиле илјадници маченици и исповедници, кои пред лицето на смртта пројавиле непоколеблива мажественост и храброст кои ги вовеле во вечниот живот. Еден од многубројните маченици е и свети великомаченик Георгиј Победоносец, чиј спомен денес во Струга на посебен начин го прославуваме. Тоа го правиме со литија на која ги носиме неговите чудотворни мошти и неговата света икона. Свети Георгиј ја жртвувал својата младост, својата кариера, своето богатство и храбро застанал во одбрана на верата Христова, знаејќи дека ќе биде подложен на различни маки и страдања. Но, токму поради неговата силна и непоколеблива вера, која ја исповедал и посведочил, Бог му дал благодат и сила да може да ги поднесе сите тие маки и да остане неповреден, покажувајќи многубројни натчовечки чуда. На крај, го завршил маченички својот живот. Од тогаш се поминати повеќе од 17 века. Но, неговото свето име е прославувано во светата православна Црква, а тој, пак, се застапува пред престолот на Севишниот за сите кои со вера и надеж му се обраќаат. Па и ние, кои го прославуваме овој Божји угодник, да ги очистиме нашите срца и души од секакви нечистотии и да се удостоиме Христос да воскресне и во нашите срца, мисли и чувства. Да одиме по Неговиот пат и да се надеваме на Божјата милост, за спасение на нашите души. Амин!
Христос воскресе!
Литија во чест на свети Георгиј Победоносец
Храм „Свети Георгиј Победоносец" Струга
07.05.2021 год.





