„Твојот извор, Дево, излева Божествена и за восхит достојна вода, бидејќи со призивот на Божјата благидат, лекува од хидропизија (воден аболест). Затоа, Извору, те почитуваме во вековите“ (песна од Канонот на Утрена во Петок од Светла седмица).
На 07.05.2021 година, во Петокот од Светлата седмица - Источен петок - Балаклија, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светлата седмица и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
jordan release date | Air Jordan 4 - Collection - Sb-roscoff
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Христос воскресе!
Во овој свештен ден се поздравуваме помеѓу себе со поздравот: „Христос воскресе!" Нема повозвишени, поутешителни и поубави зборови за христијаните. Поминати се векови во кои овие зборови се изговараат со восхит и светла надеж од милиони христијани. И денес кога го прославуваме Светол петок или Балаклија, овие зборови ни ја полнат душата со чувство на восхит и радост.
Воскресението Христово е основа на христијанството. Тоа е крајаголен камен. И доколку ги исполниме сите христијански заповеди за милоста, простувањето, љубовта, а не веруваме во Христовото воскресение, тогаш не сме вистински Христови последователи. Ако го одрекуваме воскресението на Господа Исуса Христа, ние го одрекуваме и Неговото Божество. Три факти од земниот живот на Спасителот се најважни и ја сочинуваат суштината на Евангелската историја. Тоа се: чудата, смртта и воскресението. Воскресението на Христа сведочи дека Он не е обичен човек, туку Богочовек. Во проповедничката дејност, апостолите во ништо не биле толку уверливи и настојчиви како во фактот на тридневното Христово воскресение од мртвите. Самите апостоли се нарекуваат свидетели на Христовото воскресение (Дела 5, 32). И покрај тоа што нивната дејност била да сведочат не само за воскресението туку и за големото учење на Христа, за нив е многу важна вистината за воскресението. Тие проповедале за чудата, за исцеленијата, и самите лекувајќи болни и воскреснувајќи мртви. Сето тоа го правеле со силата и во името на распнатиот и воскреснатиот Христос. Христијанството без вера во воскресението на Христа е ништо. Христијанството не е теорија туку живот. Ако Христијанството беше само збир на морални правила, тогаш каде останува Голготата, смртта на Исуса Христа и Гетсиманската градина? Христијанството без Голгота, без смртта и без воскресението на Господа Исуса Христа, може да биде сѐ освен христијанство. Токму затоа, свети апостол Павле им пишува на Коринтјаните: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера" (1 Кор. 15,14).
Но, Христос воскресна! Тоа е засведочено од многумина. Навистина, во моментот на воскресението никој не бил во градината на Јосифа за да види на кој начин и во кој час воскреснал Христос. Но, по воскресението Негово, Он се јавил на многумина и токму тие сведочат за Неговото воскресение. Најнапред се јавил на Марија Магдалена и на другите жени мироносици. Потоа се јавил и на апостолот Петар, па на двајцата ученици кои оделе кон Емаус. Потоа се јавил и на единаесетте ученици кои биле собрани, па на апостолот Тома и на крај на петстотини ученици. На крај и на апостолите Јаков и Павле.
По воскресението, Господ Исус Христос во продолжение од четириесет дена им се јавувал на учениците со цел да ги увери во Своето воскресение. „Ним по Своето страдање им се претстави жив, со многу верни докази, јавувајќи им се четириесет дни и зборувајќи им за царството Божјо" (Дела 1, 3).
И ние кои денеска го прославуваме Светлиот петок или Балаклија, да се обидеме да проникнеме во тајната на Христовото воскресение и да ја разбереме важноста на земниот живот на нашиот Спасител. Да разбереме и да запомниме дека основа на нашата вера е воскресението Христово. Со искрена вера, силен дух и пламено срце да се поздравуваме со овој свештен поздрав: Христос воскресе! Амин.
Светол петок
„Пресвета Богородица Каменско" Охрид
07.05.2021 г.





