„Господи, жените мироносици трчаа кон гробот да Те видат Тебе - Христа, Кој заради нас пострада. И, кога пристигнаа, најдоа ангел седнат на каменот од страв тргнат, и повика кон нив, велејќи: Воскресна Господ! Кажете им на учениците дека воскресна од мртвите Оној Кој ги спасува душите наши“ (хвалитна стихира на Утрена во Светли Четврток).
На 06.05.2021 година, во Четвртокот од Светлата седмица и на празникот на св. вмч. Ѓорѓи - Ѓурѓовден, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светла седмица и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Sports brands | Air Jordan 1 Low White/Black-Midnight Navy For Sale – Fitforhealth
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денес нашата света Црква прославува еден од големите маченици за верата Христова. За ширењето и торжеството на христијанството била неопходна не само проповедта на апостолите, туку и мачеништвото. Светите апостоли го проповедале „Христа распнатиот и воскреснатиот од мртвите", додека, пак, мачениците со својата крв ја запечатиле вистинитоста на апостолската проповед. „Крвта на мачениците е семе за нови христијани", како што рекол еден древен заштитник на христијаните по име Тертулијан. Еден од мачениците чија крв постанала семе за нови христијани бил и денешниот славеник – свети великомаченик Георгиј Победоносец.
Епохата во која живеел свети великомаченик Георгиј била една од најтешките за христијаните. Тоа било почетокот на IV век, кога императорот Диоклецијан (285-305) решил со оган да го истреби христијанството од лицето на земјата. Навистина, неописливи биле бедите, страдањата и мачењата кои ги снаоѓале христијаните. Но, Бог испраќал силни верници, кои со својата силна вера и со себеоткажувањето, со добрина и благородништво, со трпеливост и кротост, ги надвладеале, надживеале и победиле збеснатите јазичници, односно незнабошци.
Гледајќи ги ужасите на кои биле подложени христијаните, и покрај тоа што во тоа време заземал висока државна позиција како военоначалник во Кападокија, свети Георгиј согледал дека настапило времето и самиот јавно да Го исповеда Христа пред гонителите на христијанството. Затоа започнал да се подготвува за смртта. Ги разделил парите и скапоценостите на оние што имале потреба, ги ослободил робовите и го раздал целиот свој имот. Така, откако оставил сѐ во овој свет, ослободен од секаков страв, се јавил пред царскиот совет кој заседавал во Никомидија. Таму се решавала судбината на христијаните. Кога таму се јавил свети Георгиј, тој повикал со силен глас за сите да го слушнат и рекол:
- До кога ти царе, и вие кнезови и советници ќе ги правите овие насилија и ќе ги прогонувате христијаните под изговор дека го пазите законот? До кога ќе ги прогонувате невините луѓе, кои никого не навредиле, туку напротив – даваат пример на добар живот? Вие се заблудувате поклонувајќи се на идоли. Исус Христос е вистинскиот Бог. Познајте ја вистината и престанете со вашето безумие да ги збунувате оние кои ја познале.
- Што ти се случило па си почнал така дрско да постапуваш – го прашал по заповед на Диоклецијан еден член на царската свита.
- Вистината – одговорил Георгиј.
- Каква е таа вистина?
- Вистината е Самиот Господ Исус Христос Кој е гонет од вас.
- Дали и ти си христијанин?
- Да, јас сум слуга на Господа Исуса Христа, на Мојот Бог. Со надеж во Него дојдов да протестирам пред вас против гонењето на христијаните и нивното убивање, против рушењето на црквите и уништувањето на нивните книги. Дојдов да сведочам за вистината.
По овој дијалог, настапило разубедувањето, преку ветување на уште поголеми почести доколку се откаже од верата. Но, свети Георгиј до крај останал верен на Христа, иако бил подложен на маки и страдања, за на крајот да биде погубен.
Прославувајќи го светиот великомаченик Георгиј, светата Црква ни го покажува примерот на верата. Со маченичката смрт на свети Георгиј, Црквата сака да ни каже дека за да бидеме вистински христијани не е доволно да ги храниме гладните, да ги посетуваме болните и сл., туку ако е потребно, треба и своите животи да ги посветиме на Бога. „Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот" (Откр. 2, 10). Се разбира дека ние денеска живееме во слобода и никој не ни ја попречува нашата вера во Бога. Никој од нас не бара мачеништво. Но, Црквата од нас бара да бидеме достојни христијани. Тоа подразбира да се бориме со сите ниски страсти и гревови кои нѐ оддалечуваат и од Бога и од луѓето. Да ја засакаме вистината, правдата, љубовта и да правиме добри дела на луѓето околу нас, за на тој начин да посведочиме дека сме достојни да се наречеме христијани. Само така достојно ќе го прославиме и овој маченик за верата Христова. По молитвите на свети великомаченик Георгиј, Семилостивиот Бог да ги услиши нашите молби и да ни подари сѐ што е полезно за нашето спасение. Амин.
Христос воскресе!
Свети Георгиј Победоносец - Ѓурѓовден
Храм „Свети Георгиј Победоносец" Охрид
06.05.2021 год.





