„Откако предавникот зеде леб во рацете, скришно ги пружа и ја прима цената на Оној Кој со Свои раце го создаде човекот, и Јуда остана непоправен слуга и измамник“ (кондак на Утрена на Велики Четврток).

 

На 29.04.2021 година, на Велики Четврток наутро, денот кога го празнуваме востановувањето на светата Тајна Евхаристија на Тајната вечера, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

buy shoes | Nike

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Ние христијаните кои присуствуваме на светата Литургија во нашите цркви и манастири, редовно ги слушаме зборовите на свештенослужителите, кои со светиот путир во раката, изговараат: „Со страв Божји, вера и љубов, пристапете". Каков е тој страв Божји, без кој ние не треба да пристапуваме кон светата причест? Тоа е пред сѐ стравот за кој во Светото Писмо се вели: „Почеток на мудроста е стравот Господов" (Изрек. 1, 7). Тука се имаат предвид привремените и вечните казни, кои ни пречат да вршиме секакви лоши зла, а особено тогаш кога се подготвуваме да ја примиме најголемата светиња – телото и крвта Христови. Таков страв од нас бара и свети апостол Павле кога вели: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни, а мнозина и умираат" (1 Кор. 11, 27-30).


Но, исто така има и повисок Божји страв, кој не е ропски, туку синовски. Тој не произлегува од мислата за казнување, туку од љубов кон Бога или од сознанието да не Го натажиме со нашиот недостоен живот. Тој повозвишен страв го имал предвид пророкот Исаија кога претскажувајќи за Христа, рекол: „Ќе почива врз Него Духот Господов, Дух на премудрост и разум, Дух на совет и крепост, Дух на знаење и благочестивост; ќе се исполни со страв Господов" (Иса. 11, 2-3). Свети преподобен Јован Касијан објаснува дека во овие пророчки зборови стравот Божји на крајот се јавува како најголем дар на Светиот Дух, зашто тој излегува од љубовта кон Бога и по својата суштина, Самиот Тој е љубов. Таков синовски страв, според истиот свет отец имал и свети апостол Петар. Секоја ноќ го слушал пеењето на петелот и во тој миг си спомнувал за своето откажување, облевајќи си го лицето со покајни солзи. Неговиот грев му бил одамна простен од Господа. Според тоа, побудата за покајание на апостолот не била поради страв од казна, туку тоа било страв поради совршената љубов кон Господа.


Повикувајќи нѐ кон страв Божји, светата Црква го има предвид не само почетниот ропски страв, туку и повозвишениот синовски страв. Затоа, да се потрудиме најпрво да го стекнеме првобитниот страв Божји во неговото почетно пројавување. Тој нема да допушти да се оддалечиме од православната вера и од вистинскиот христијански живот. Раководени од него, достојно ќе вкусиме од телото и крвта на Господа Исуса Христа и ќе ја избегнеме страшната казна од Бога, како овде, така и во идниот живот.


Да ги вложиме нашите сили и да го придобиеме повозвишениот страв. Ако сме водени од љубовта кон Христа, ваквиот синовски страв сѐ повеќе ќе го исполнува нашето срце со љубов кон Бога, до тој степен што никогаш нема да отпаднеме од Христа, според силата на апостолските зборови: „љубовта никогаш не престанува" (1 Кор. 13, 8). Нашата љубов ќе прерасне во вечно, нераскинливо и блажено соединување со Него.


Би сакал на крај, на сите вас кои ќе го примите телото и крвта Госпови, молитвено да ви посакам во вашите срца да засветли стравот Божји како основа на христијанскиот живот и како негов венец. Тогаш големата тајна на светата Евхаристија ќе ви биде извор за лекување на душата и телото. Тогаш ќе станеме вистински чеда Божји и светата причест ќе нѐ просветли со својата божествена светлина и ќе нѐ запази од секакво зло, соединувајќи нѐ со Христа за вечна радост во Неговото небесно царство. Амин.


Велики четврток
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон", Плаошник, Охрид
29.04.2021 год.

 

velcetvrtutr2021 1velcetvrtutr2021 2velcetvrtutr2021 3velcetvrtutr2021 4velcetvrtutr2021 5velcetvrtutr2021 6velcetvrtutr2021 7velcetvrtutr2021 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5