„На небесата носен на престолот, а на земјата - на осле, Христе Боже, си ја примил похвалата од ангелите и песната од децата, кои Ти викаат: Благословен си Ти, Кој доаѓаш да го повикаш адама“ (кондак на Утрена во Недела цветна - Цветници).

 

На 25.04.2021 година, во Неделата цветна - Цветници, денот кога нашиот Спасител, Господ Исус Христос, смирено влегува во Ерусалим знаејќи дека Неговиот пат оди кон Голгота, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата беа осветени палмовите и врбови гранчиња, а по завршетокот на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

latest Running | Nike Shoes

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Оваа недела е последна пред Велигден. Во неа си спомнуваме за еден посебен настан, кој има огромно значење за разбирање на мисијата која Господ ја извршил за спасение на родот човечки. Овој настан ни помага да разбереме која е смислата на служењето кое Црквата како продолжителка на апостолското служење на Бога им ја пренесува на луѓето.


Кога Господ Исус Христос влегол во Ерусалим на мало осле, луѓето Го пресретнувале со воскликот „осана". Овој еврејски збор на повеќе словенски јазици се преведува како „помош" или „спаси нѐ", што значи дека Исус бил признаен како Спасител Кој го избавил Лазар од мртвите и преку Кого доаѓа спасение за целиот еврејски род. Свети евангелист Лука, кој го напишал Евангелието на грчки, наместо зборот „осана" употребил друг збор – „докса", кој во превод значи „слава". На тој начин, луѓето во Ерусалим и поклониците кои дошле да ја прослават еврејската Пасха во свештениот град Ерусалим, го пресретнувале Оној Кој го воскреснал Лазар, кој четири дена лежел мртов во гробот. Тие Го дочекувале како цар и извикувале „Осана на Синот Давидов, Царот Израилев".


Тоа што се случило во Витанија – село недалеку од Ерусалим, било јасен показател за силата Божја во Христа и природно, никого не го оставило рамнодушен. Евреите си велеле дека оној кој може да воскресне умрен, има сила да го ослободи и Израилот од римската власт и да го основа најмоќното Израилско царство. Затоа мноштво народ се обраќал кон Спасителот со зборовите: „осана... од Тебе се очекува спасение" – бидејќи тоа им било главната болка – да се ослободат од римската окупација.


Но, што се случило по неколку дена? Спасителот бил затворен и бил предаден на жестоки измачувања. Потоа бил предаден на распнување. Истиот народ кој очекуваше да биде избавен од римското ропство и се надеваше дека Христос ќе направи силно Израилско царство, сега негодува против Него. Тие во Спасителот виделе лажливец, Кој лажно го зел името „Цар Јудејски". Сега сите нивни надежи пропаднале. Од Него не може да се очекува никаква помош, зашто и Самиот страдал со најстрашни маки, распнат помеѓу двајца разбојници. Сите човечки надежи поврзани со Неговата божествена сила биле посрамени. Никој повеќе не верувал во Неговата мисија. Навистина, не случајно Господ влегол во Ерусалим не на коњ, туку на мало магаре. На коњ триумфално влегувале победниците и хероите, кои народот ги дочекувал со воскликот „осана". Со ваквата постапка, Господ сакал да им каже дека напразно и попусто Го дочекуваат како Цар на Израилот и како Избавител на Палестина од римската окупација. Тој на светот му носел сосема поинаква порака, односно имал сосема поинаква мисија од онаа која ја очекувале. Тој се издигнал на крстот, не за да стави крај на римската окупација, туку за да го спаси целиот човечки род од поинаква окупација, од поинаква власт – од власта на ѓаволот. Тоа што Спасителот го извршил има значење не за една држава или за еден народ, не за определена историска ситуација, туку за целата историја на човечкиот род. Преку Своите страдања и смрт, преку Своето посрамување, Господ ги искупил гревовите на човечкиот род и ги ослободил луѓето од несовладливата сила на злото. Црквата е повикана да го извршува и да го продолжи служењето на Спасителот.


И денеска некои партии велат: „Ако Црквата е со нас, ние ќе ја поддржуваме, ќе ја фалиме и слично, а во спротивно ќе ја напаѓаме". Други пак велат: „Црквата треба да нѐ поддржува нас, бидејќи ние сме подобри, почесни и сл.". На нас останува да одлучиме дали ќе се качиме на коњи или на магаре, и дали ќе ја играме политичката улога или ќе го исполнуваме она што ни го заповедал Господ – да имаме улога во историјата. Но, какви и да се соблазните и колку и да се страшни заплашувањата, Црквата ќе ја игра улогата за која е повикана од Спасителот – да го продолжи Неговото дело на служење, да го проповеда царството Божјо и да ги повикува луѓето да се стремат кон тоа царство, а со тоа и да најдат спасение и вечен живот.


Продолжувајќи го делото на Спасителот и Неговата проповед, ние претрпуваме и радости и жалости. Некои ни велат „осана", а некои „распни". Тоа значи дека нема ништо ново и ние, архиереите, свештенството, монаштвото и народот Божји сме должни да се укрепуваме преку помислата дека после „осана" и „распни" дошло и воскресението Христово. Тоа во потполност ја објавува дефинитивната Христова победа над секој грев и над сите човечки страдања. Да веруваме дека ако сме заедно со Христа и го извршуваме она за кое Тој нѐ повикува, тогаш нема да ги слушаме само човечките зборови на пофалби и напади, туку ќе постанеме и сведоци на незаодното Христово царство, откриено преку тајната на воскресението. Амин.


Цветници
Манастир „Пресвета Богородица Пречиста" Кичево
25.04.2021 год.

 

cvetnici2021 1cvetnici2021 2cvetnici2021 3cvetnici2021 4cvetnici2021 5cvetnici2021 6cvetnici2021 7cvetnici2021 8cvetnici2021 9cvetnici2021 10cvetnici2021 11 

 

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5