На 11.04.2021 година, во Четвртата недела од Великиот пост - Недела на св. Јован Лествичник, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј присуствуваше на светата Божествена Литургија во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. По завршувањето на Литургијата, редовниот свештенослужител, со благослов на Митрополитот, ја прочитра беседата наменета за оваа недела, напишана од Митрополитот Тимотеј. Истата ви ја пренесуваме во целост.
best Running shoes | Air Jordan 1 Retro High OG "UNC Patent" Obsidian/Blue Chill-White For Sale – Fitforhealth
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денешното Евангелско четиво прочитано за време на Литургијата, содржи парабола за исцелението на човекот кој бил измачуван од зол дух (Мк. 9, 17-31). Во Евангелието од една страна се зборува за радоста, зашто болниот се исцелил. Но, од друга страна, расказот е драматичен, бидејќи јадниот татко скршен од болка поради страдањето на неговиот син од лошиот дух, дошол кај Спасителот и Го молел за избавување.
Од Евангелието ни е познато дека таткото најпрво се обратил со молба до учениците, бидејќи во тоа време Спасителот не бил со нив. Тој бил на Тавор, заедно со Петар, Јаков и Јован, а останатите ученици останале таму. Тогаш кај нив дошол некој човек од Галилеја и молел за исцеление на синот кој страдал од лоша болест. Лошиот дух го фрлал на земја, па тој се биел себеси со камења по главата и телото, ја губел свеста и беснеел без да знае што прави. Со други зборови тој станувал безумен и не бил способен за општење со околината. Несомнено, срцето на овој родител било исполнето со огромна жал, па тој им се обратил на учениците за да го излекуваат синот (Мт. 10, 8). Но, учениците не можеле да го изгонат духот, па таткото, со последната надеж се обратил кон Спасителот кога Тој слегол од Тавор. Тогаш таткото Му рекол: „Учениците Твои не можеа да го направат тоа. Те молам излекувај го мојот син". Господ побарал еден услов. Тој го прашал таткото дали верува дека може тоа да се случи. Тогаш несреќниот родител одговорил: „Верувам Господи, помогни му на моето неверие". Значи неверието во одреден степен сѐ уште се криело во длабочините на душата на родителот. Навистина, тешко било тој да си претстави дека во само еден миг може да се исцели неговиот син. Но, тој Го моли Господа да му помогне да го надмине неверието. Токму тогаш, Господ го излекувал од нечестивиот.
Останува прашањето: Зошто апостолите не можеле да го исцелат? Господ не ги укорил дека немаат доволна вера. Соочувајќи се лице в лице со бесомачниот младич, тие се исплашиле од лошиот дух кој целосно господарел над личноста на овој човек. Некаде во длабочините на своите души помислиле: „Како би можеле ние да го излекуваме овој?". Можеби го рекле и ова: „Нема ништо да се случи". Затоа Господ им вели: „Овој род се истерува само со молитва и пост". Токму затоа и ние го читаме овој извадок денес – во четвртата недела од Велигденскиот пост.
Што значи тоа дека човекот бил опседнат со нечист дух? Во таа форма во која ни е опишано од евангелистот, тоа е полно господарење на темните сили над духовната и физичката природа на човекот. И мислите и чувствата и движењата – сѐ е во рацете на лошите сили, кои по својата природа немаат способност да донесат полза и да воспостават ред и поредок, туку го туркаат животот во потполн неред. Може да се каже и дека тоа не е човечки живот. Во него нема ништо човечко, туку само болка и страдање, бидејќи со човекот господари лошиот дух. Тоа е крајна форма на демоноопседнатост и целосен израз на злото кое го покажува своето влијание на луѓето. Секогаш кога им се предаваме на искушенијата и свесно грешиме, ние во одреден степен се предаваме на нечистиот дух. Дел од нашата волја, нашиот разум и нашите чувства се окупирани од лошата сила, која е спротивна на нашето религиозно убедување, на нашата вера и нашето знаење на Светото Писмо, кои не нѐ задржуваат од правење грев, бидејќи самите сме дозволиле гревот да загосподари со нас.
За среќа, често по извршениот грев доаѓа покајанието. Човекот дури и кога прави грев, длабоко во себе знае дека ја исполнува ѓаволската волја, а ја нарушува Божјата. Затоа и нашето времено бранување од лошиот дух покажува дека тој дејствува на нас. Секој од нас поминува низ ова и во оваа состојба, присуството Божјо се заменува со присуството на лошиот дух. Но, со покајание и со другите дарови Божји, благодатта се враќа во нас.
Денеска ние го прославуваме свети Јован Лествичник. Овој преподобен отец ја напишал познатата книга „Лествица", преку која ни дава поука како да се бориме со нечестивиот. Тој нѐ поучува како да ги отстраниме нашите пороци, кои служат за пројава на гревовноста, односно на демонското начело во човечкиот живот. Оваа творба е дело на мудроста и преку неа влегуваме во тајните на духовната борба, чувани од преданието на нашата Црква. Многумина монаси и монахињи, но и мирјани се спасуваат, читајќи ги зборовите на овој Синајски игумен и постапувајќи согласно со неговите упатства. Кога човек ќе се ослободи од тегобите на лошите сили, тогаш тој чувствува радост на Божјото присуство. Преку тоа во неговото срце се намалува злото и расте доброто, а преку доброто и радоста се јавува и душениот мир, кој го нарекуваме среќа. Да се обратиме со молитва кон свети Јован Лествичник, за тој со неговите подвизи да не укрепи во невидливата борба, која се води во човековото срце. Амин.
Четврта недела од Великиот пост
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон"
Плаошник, Охрид
11.04.2021 год.





