„Свештен и божествен органу на Премудроста, светла трубо на богословието, согласно те воспеваме, Григорие Богопроповедниче: но, како ум којшто стоиш пред првиот Ум, кон Него упати го и нашиот ум, за да викаме: Радувај се, проповедниче на благодатта“ (кондак на Утрена на свети Григориј Палама во Втора недела од Великиот пост).
На 28.03.2021 година, во Втората недела од Великиот пост - Недела на свети Григориј Палама, во храмот „Св. Никола Чудотворец“ во Долна Маала, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Ристески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Buy Kicks | Trending
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
„На православието светилнику, на Црквата тврдино и учителу, на монасите украсу, на богословите непоколеблив заштитнику, Григорие чудотворче, Солунска пофалбо, на благодатта проповеднику, моли се секогаш да се спасат душите наши" (Тропар).
Драги браќа и сестри,
Со овие прекрасни зборови Црквата ги опишува животот и дејноста на денешниот славеник. Фактот што Црквата определила неговиот спомен да се слави во втората недела од Великиот пост покажува дека тој бил еден од поистакнатите Божји угодници и архиереи на Црквата Христова. Како што слушнавме од тропарот, тој е „светилник на православието". Едноставно Црквата немала доволно зборови за да го опише неговиот богоугоден живот и неговите заслуги за Црквата. Сите нешта што може да ја украсат душата на христијанинот: силната вера, милосрдието, топлата молитва, испосничките подвизи, телесната и духовната чистота и подготвеноста да се жртвува за верата – биле карактеристики на свети Григориј Палама.
Времето во кое живеел свети Григориј било бурно и несигурно за православната Црква. Во тоа време тој бил светилник на православието, кој светел од Атонските врвови. Во неговата епоха Црквата била силно вознемирувана од учењето на монахот Варлаам кој потекнувал од Калабрија. Овој учен монах почнал да ги обвинува светогорските монаси дека лажно учат и дека преку постот и молитвата не е можно да се согледа светлината Божја. На овој начин, тој ја негирал целата наука на тихувањето, односно на исихазмот. Поради тоа, помеѓу светогорското монаштво се развила голема бура и наместо Атос да биде место на пост и молитва и созерцание на Бога во тихување, се претворил во центар на кавги и расправии. Затоа Црквата била принудена да свика два собора во Цариград, на кои било разобличено како еретичко учењето на монахот Варлаам и неговиот ученик Акиндин. За појаснување, свети Григориј Палама бил повикан во Цариград како претставник на светогорските манастири. Тој двапати го изобличил еретичкото учење врз основа на Светото Писмо и покажал дека преку постот и молитвата може да се дојде до духовно совршенство и созерцание на Божествената светлина каква што ја виделе светите апостоли за време на преображението на гората Тавор. Постот и молитвата водат кон праведност. Тоа се крилата кои ја издигнуваат душата до светост. Не е напразно речено за праведниците во Светото Писмо: „Праведниците ќе засветлат како сонце".
Свети Григориј се пројавил како ревносен заштитник на православието и не само со зборови, туку и со својот личен живот се издигнал во очите и на духовништвото и на императорот. Како голем авторитет, откако Солунската архиепископска катедра била испразнета, тој бил избран за архиереј на Солун и станал „Солунска пофалба". Поради неговите големи заслуги за Црквата, по неговото упокојување било одлучено тој да се прославува во втората недела од Великиот пост.
Навистина, колку е умесно да се прославува свети Григориј токму во текот на Велигденскиот пост! Преку неговиот живот и испосничките подвизи, светата Црква ни покажала дека треба да се угледаме на личноста на свети Григориј Палама, кој целиот свој живот го поминал во пост и молитва и врз основа на неговиот пример да увидиме дали за нашето телесно очистување и духовно издигнување се потребни постот и молитвата. И денес многумина знаат да речат дека не е грев тоа што влегува, туку тоа што излегува од устата. Да се чуваме од таквите заблуди. Ако постот бил бескорисен, тогаш зошто и Самиот Господ Исус Христос постел четириесет дена и ноќи не јадејќи ништо? Постот е потребен за да се исцелиме и ослободиме од пороците и страстите, а преку тоа да ги излекуваме и душата и телото.
Нека подвижничкиот живот на свети Григориј Палама ни биде пример за подражавање во времето на Велигденскиот пост. И ние како него, да се држиме цврсто и непоколебливо за постот, како што му приличи на секој христијанин. Да не обрнуваме внимание на лекомислените кои без да ја познаваат верата го одрекуваат значењето на постот и се противат на него. Да запомниме дека постот му дава торжество на духот над материјата. Постот ја утврдува верата и таа непоколеблива духовна сила на човекот му дава повисоко достоинство, издигнувајќи го над земните нешта и приближувајќи го кон Бога. Да запомниме дека Црквата го нарекува постот „чудно орудие", кое Мојсеј го направи боговидец, пророкот Илија го вознесе со огнена кола на небото, а апостолот Павле го издигна до третото небо, односно уште за време на животот го внесе во Рајот. Нашиот, пак, славеник свети Григориј Палама преку постот ја виде божествената светлина како што ја видоа и апостолите на Тавор.
Да се обратиме со молитва кон свети Григориј Палама за да нѐ зацврсти во постот и молитвата и да нѐ избави од секакви злобни и грешни мисли, кои имаат за цел да нѐ ослабат во постот и молитвата. Амин.
Недела на свети Григориј Палама
Храм „Св. Никола" Д. Маала, Охрид
28.03.2021 год.





