„Словото неописливо на Отецот, стана описливо со воплотувањето од тебе, Богородице. И, кога го обнови осквернетиот образ во неговото поранешно достоинство, го соедини со Божествената убавина. А ние, исповедајќи го спасението, го изразуваме тоа со збор и дело“ (кондак на Утрена во Прва недела од Великиот пост - Недела на православието).
На 21.03.2021 година, во Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
latest Running | Nike Dunk - Collection - Sb-roscoff
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Секој поздрав Божји ја објавува славата со зборовите „Радувај се". „Радувај се благодатна, Господ е со тебе" – ѝ се обраќа на Дева Марија преку архангелот Гаврил и ја известува дека е достојна за големи почести. „Мир вам" – исто така ги поздравува Христос Своите ученици по воскресението, возвестувајќи им радост. И празникот Победа на православието е голема радост подарена од Господа на секој човек кој во овој ден гледа празник на победа на чистотата на христијанството и на православното учење над сите заблуди и искривувања на вистината. Торжеството на православието е прослава на Бога преку човечката радост и триумф на силата на благодатта Божја. Господ рекол: „Правете го ова во Мој спомен". Секој празник е невидливо присуство на живиот Бог меѓу луѓето.
Во продолжение на Велигденскиот пост, Црквата ги подготвува луѓето за највеличественото собитие – воскресението на Бога и Спасителот наш Исус Христос. На тој начин Црквата му помага на христијанинот да се утврди во исповеданието на верата. Велигденскиот пост започнува со празнување на Победата на православието. Овој празник бил воспоставен како благодарност на Господа Бога, Кој ѝ подарил на Црквата победа над иконоборците и над сите еретици преку Седмиот вселенски собор. Овој собор се одржал во 787 г. во Никеја. Соборот го осудил иконоборството како ерес и определил во храмовите и манастирите да се постават крстот Господов и светите икони и да се утврди нивното почитување, со воздигнување на умот и срцето кон Господа Бога, Божјата Мајка и светиите кои се изобразени.
Со оваа одлука бил објавен догматот за светите икони. Согласно со ова учење, откако Бог постанал човек, Тој се изобразил со Своето воплотување. Невидливиот и Недостижниот Господ примил човечки лик и ликот Божји може да биде ликовно изобразен како претстава, како внатрешен и таинствен образ Божји, познаван и преживуван во Црквата. Светиот апостол и евангелист Јован сведочи за тоа: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога... и Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот " (Јн. 1, 1 и 14).
Потребно е да знаеме дека имало време кога поклонувањето на светите икони ги чинело христијаните и живот. Покрај тоа, потребно е да се каже дека ова прогонување, мачење и убивање не се вршело од страна на многубошците, ниту пак, од Јудејците, туку од страна на христијани кои некогаш во минатото правилно ја чувале Христовата вера, а тоа е Византиската империја. Ова прогонство на иконопочитувачите не било кратко, туку траело повеќе од еден век.
Иконоборците тврделе дека не е можно и долично да се изобрази Бог. Но, православните отци на Црквата, врз основа на Светото Писмо и свештеното предание докажале дека почитувањето на иконите е тесно поврзано со самиот почеток на христијанството. Иконопочитувањето од страна на православните и поклонувањето пред иконите не се однесува на дрвото или било кој материјал од кој е направена иконата, туку претставува поклонување кон образот кој е изобразен. На пречистиот Твој образ се поклонуваме Благи, просејќи прошка за нашите гревови. Нашите молитви ги воздигнуваат нашиот ум и срце кон горниот Ерусалим, кон престолот на Севишниот Бог.
И ние кои сме собрани во овој свет храм, во оваа Недела на православието, да се обратиме со искрена молитва кон Господа Исуса Христа, кон Неговата Пречиста Мајка и кон сите светии, да ни дадат сила за утврдување во нашата вера православна, онака како што нѐ учи нашата света Црква. Да ја исповедаме оваа вера, но и да живееме според учењето и прописите на нашата Црква и да измолиме милост од Бога за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Недела на православието
Храм „Свети Никола Геракомија" Охрид
21.03.2021 год.





