„Носителу на свет венец, кој со ангелите сега стоиш пред Христовиот престол и оттаму се исполнуваш со светлинам страстоносецу, кој непрестајно посредуваш за мир во светот и за спасение на нас, кои благочестиво го славиме твојот светлоносен спомен, Теодоре себогати, преукрасен маченику“ (кондак на Утрена на Тодорова сабота).
На 20.03.2021 година, во Саботата од Првата седмица на Великиот пост, Тодорова сабота, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. Овој ден беше посебен и за монахот Никодим (Паскали), кој од раката на Митрополитот Тимотеј, беше ракоположен во ероѓаконски чин. Од името на нашиот Митрополит, од свештенството, монаштвото и сиот верен народ, му го честитаме чинот на ероѓаконот Никодим, со молитви кон Бога Он да го укрепува во сите негови служби на Бога, та и тој да ја добие наградата на верните и мудри градители. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
best Running shoes brand | Nike Shoes
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска најголем дел од вас дојдовте за да се причестите. Нашиот Спасител Господ Исус Христос не дал посебни објаснувања, туку укажувајќи на лебот и чашата со вино на светата тајна вечера, рекол: „Земете, јадете, зашто ова е Моето тело" и „пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на Новиот завет која се пролева за мнозина, за простување на гревовите" (Мт. 26, 26-28). И на крај додава: „Ова правете го во Мој спомен" (Лк. 22, 19).
Како лебот и виното се претвораат во тело и крв Христови – за тоа нема ниту збор. Тоа е голема тајна. Затоа, сѐ што се случува во неа се нарекува „света тајна причест". Светите отци го нарекле светото причестување „тајна над тајните" и печат и круна на сите божествени тајни. Не треба да се чудиме за тоа. Колку ли тајни има во овој свет, кои засекогаш ќе останат необјаснети? Нас нѐ восхитува фактот дека храната која ја јаде мајката се претвора во млеко, со кое таа ги храни своите деца. Како би можеле себеси да си објасниме на кој начин лебот се претвора во тело и виното во крв Христова, со кои ние денес се причестуваме?
Свети апостол Павле советува: „Секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша" (1 Кор. 11, 28). Оваа порака е упатена и кон сите нас денес, а особено кон оние што размислуваат за тоа што е светата тајна причест. Пред да се постави ова прашање, човекот треба да се преиспита себеси, да ја прелиста книгата на својата совест, да се провери себеси, разгледувајќи ги сопствените мисли, чувства и постапки. Од својата душа треба да откорне сѐ што не е добро, благородно и праведно. Да се причестиш, значи да се присоединиш себеси кон Христа. Од таму и доаѓа зборот „причестување" – што значи „присоединување".
Како е можно соединување со Бога на она што е човечко? Како е можно соединување на чистата и совршена Христова природа со човечките грешни навики и искривени однесувања? За да се постигне тоа, потребно е човекот да се преиспита себеси. Тој треба да ги согледа своите мани, слабости и лоши постапки и да се измени. Додека не согледа дека греши, нема да може да се покае и не може да зажали за своите грешки. Дотогаш не може ниту да се измени, ниту, пак, да се преобрази. Додека човекот не го доживее покајанието, преобразувањето и обраќањето кон Бога, не може ниту да се приближи кон светата тајна причестување и не може да се соедини со Бога. Светата причест постанува поблиска на духовното разбирање на човекот, доколку човекот е поблиску до Бога со своите мисли, чувства и постапки. Затоа потребно е постојано да ги доживуваме апостолските зборови: „Секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша" (1 Кор, 11, 28).
Додека постојат луѓе на земјава, тие ќе бидат гладни и жедни за Бога на животот, за Неговата правда, вистина и љубов. Христос е леб и пиење, кое доаѓа од небото за да ја угаси вечната глад и жед на срцата и душите на луѓето. И ние кои денеска сме дојдени во овој свет храм, ја потврдуваме вистината за оваа духовна жед и глад. За да ги задоволиме, неопходно е да ја преиспитаме нашата совест. Пред да се причестиме, да зажалиме што сме се огрешиле пред Бога и луѓето и искрено да се покаеме.
Спасителот е совршена чистота, правда и вистина. Како со Него да се соединиме, ако претходно не се измениме, поправиме и преобразиме? Како е можно да се соединат правдата и неправдата, вистината и лагата, љубовта и омразата? Неопходно е од нашите души да отфрлиме секаква омраза, неправда и невистина и секој друг човечки порок и грев, па потоа да се причестиме и да се соединиме со Бога. Нека светата причест ни помогне да ги доживееме знаците на Христовото присуство во нашите души. Причеста да не ни биде за суд и осуда, туку за исцеление на душата и телото. Амин.
Тодорова сабота
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон"
Плаошник, Охрид
23.03.2021 год.





