„Од сите краишта те фалат славејќи те и со љубов ти викаат: радувај се, книго света, во која со прст се напиша Словото на Отецот, Чиста. Него моли Го во книгата на животот да се запишат слугите твои, Богородице“ (песна од канонот на Акатист на Пресвета Богородица).
На 19.03.2021 година, во петокот од Првата седмица на Великиот пост, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужено Мало повечерие со Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Running sneakers | Nike Air Force 1 Low White Grey Gold - CZ0270-106
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Ние секогаш се обраќаме кон Пресветата Богородица со многубројни молитви и прозби, за таа да биде наша молитвеница или застапница пред Господа Исуса Христа, нејзиниот Син и нашиот Господ. Но, се поставува прашањето: Какви достојни пофалби можеме да ѝ искажеме ние со нашите сиромашни мисли на онаа која е почесна од сите созданија и повисока од ангелите и архангелите, на онаа која се удостоила да биде Мајка на Бога Вишниот и застапница на родот христијански. Но, од друга страна, нејзиното застапништво не значи дека ние не треба да бидеме и достојни христијани и да бидеме послушни на волјата Божја, а само да гледаме на нејзината љубов кон нас.
Пресвета Дева Марија се нарекува Мајка Божја, но и Мајка на христијаните. Таа е Мајка Божја според човековата природа, бидејќи Го родила Бога Словото, нашиот Господ Исус Христос. Но, таа е и Мајка на христијаните по благодатта на посинувањето. Ако Господ Исус Христос нè нарекол сите верници во Него свои браќа и сестри (Мт. 12, 49-50), и ако Он престојува помеѓу верниците како Првороден помеѓу многуте браќа (Рим. 8, 29), според тоа, природно, ние сме и синови на Богородица. Како Мајка Божја и според мајчинското достоинство, Пресветата Владичица има во Бога да има таква благодат и таква чест, како што прилега да има Мајка кај Синот. А, од друга страна, како Мајка на христијаните, таа има силна мајчинска љубов, и таа покажува кон христијаните таква милост, како што секоја мајка е должна да ја манифестира кон своите чеда. Благодатта што ја има Пресвета Дева Марија од Бога, соодветна на достоинството на Мајката Божја, е неспоредлива со која и да е друга благодат. А преку таа благодат, таа покажува милост кон христијаните, слично на онаа што мајката ја покажува кон своите рожби. Но, оваа благодат на Света Богородица е неспоредлива. Таа има неизмерна сила и моќ, бидејќи е како големо море исполнето со сила и дарови.
Затоа и светата Црква достоинствено ја прославува и слави Пресветата Дева Марија со многу песни во нејзина чест, знаејќи дека во никој друг нема таков помошник пред Бога како што е Мајката Божја. Таа, како Мајка на Бога, е повисока од сите светии и од ангелите и архангелите, и има храброст пред својот Син и наш Бог, а како мајка на христијаните има повеќе разбирање од сите свети ангели и ја покажува својата добрина. Затоа и светата Црква ја нарекува застапница пред својот Син и наш Бог, а затоа и Господ Христос ни заповедува првенствено да се обраќаме со молитва кон Света Дева Марија.
Но, некој можеби ќе каже дека не е потребно секогаш да се обраќаме за посредништво кон Господа Исуса Христа, бидејќи Он е наш Спасител и нѐ има избавено од гревовите и дека Он ги прима нашите молитви без посредништво. Да, ние христијаните имаме смелост пред Господа, но само тогаш кога нашата совест не е оптоварена со гревови, „кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога" (1. Јн. 3, 21). Но, кој од нас може да каже дека има чиста совест? Кој може да се пофали дека по исповедта не направил престапи и гревови? Кој може да се пофали дека не ги нарушил Божјите заповеди? Ние сите сме грешни, исполнети со најразлични престапи, со кои го осквернуваме и нашиот живот. Колку лукавства гледа Синот Божји кај нас? Он се гледа, но и трпи, бидејќи е долготрпелив.
Но, кога ние како неразумни остануваме непокајани и неисправни и остануваме упорни во нашите гревови, ние Го разжалостуваме Бога и праведно го предизвикуваме Божјиот гнев врз нас. Затоа и Бог на различни начини нѐ казнува со разни маки, болести и беди. Затоа се вели: „Он ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне својот лак и ќе го насочи, и затега смртна стрела (Пс. 7, 12-13). Но, кој ќе има смелост да бара директна милост од Бога?
Тогаш се обраќаме за посредништво и застапништво кон Богородица. Таа има смелост поголема од сите небесни сили. Таа е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. И кога таа моли пред својот Син и наш Бог, тогаш Бог не ги отфрла нејзините прозби. Таа, пак, со љубов посредува за христијаните кои веруваат во Христа, кои се должни да ги отфрлат сите свои беззаконија и да бидат вистински ревносни христијани. Таа ги знае нашите слабости и немоќи и нашите искушенија, но знае и колку е тешко да се бориме со нив без помош одозгора. Затоа таа секогаш е подготвена да се застапува за сите наши молби и воздишки и да моли милост за наше спасение.
И ние денеска, кои се наоѓаме во овој свет храм, да се обратиме со искрена молитва кон Пресвета Богородица, таа да се застапува за нас пред нејзиниот Син и нашиот Господ, Исус Христос, та да ни бидат простени сите наши престапи и грешки, па откако ќе ја зацврстиме нашата вера, да ја исполнуваме Божјата волја, да правиме добри дела и да се надеваме на милоста Божја, а за спасение на нашите души и вечен и блажен живот. Амин.
Прв акатист на Прес. Богородица
храм „Пресвета Богородица" - Каменско, Охрид
19.03.2021 год.





