„Да го распнеме телото со воздржание, да бидеме будни во молитвите, како што е напишано, и да живееме по примерот на Оној Кој пострада и страстите ги умртви“ (песна од канонот на Утрена во Прва среда од Великиот пост).
На 17.03.2021 година, во Првата среда од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на Претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски и димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Running sports | Zapatillas de running Nike - Mujer
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
За време на Велигденските пости ние често пати ја слушаме и читаме молитвата на свети Ефрем Сирин: „Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзеливост, безволност, властољубие и празнословие". Оваа молитва ние ја проследуваме со коленоприклоненија на нашите срца. На секој од нас оваа молитва ни е добро позната. Таа се родила во срцето на еден сириски подвижник. Со неа Црквата ги поучува верниците за време на Велигденскиот пост. Оваа молитва нѐ потсетува на нашите гревови и нѐ свртува кон Бога, Кој е Извор на простување и светост. Молитвата на свети Ефрем започнува со обраќање кон Бога: „Господи и Владико на мојот живот...", затоа што само во Бога е нашето спасение и нашето блаженство. Он е Господ и Владика на сѐ видливо и невидливо. Сѐ се држи во Неговите раце и кон Него како кон Извор на секакви добрини, ни прилега да ги упатуваме нашите погледи и помисли. Нашите гревови и пороци го отежнуваат добриот христијански живот и се јавуваат како препреки на патот кон Бога. Ете зошто ние Го молиме Господа да нѐ избави од сѐ што нѐ попречува во делото на покајанието и исправувањето. Тоа е духот на „мрзеливост, безволност, властољубие и празнословие".
Мрзеливоста е голем грев. Таа е мајка на сите останати пороци со кои за жал се исполнува човечкиот живот. Мрзеливоста ги раслабува нашиот ум, волја и срце и ги води кон безволност и униние. Кога човекот нема никаков ангажман, лесно се подава на празни мисли и глупави постапки. Мрзеливиот човек е расеан и во неговото срце лесно проникнува зло, се сее темнина, а тоа резултира со погубни плодови. Спротивност на мрзеливоста е трудот и ангажманот. Трудот е дар Божји, со кој човекот се усовршува, прима голема длабочина и духовна и телесна цврстина. Без труд, човекот не може да суштествува и да се спаси.
Како и секој порок, и мрзеливоста раѓа други пороци, како што е безволноста. Затоа во оваа молитва Го молиме Господа да не избави токму од ваквата состојба. Безволноста ги убива и духот и телото. Човекот повеќе не размислува за своето спасение. Тој е разочаран од животот и луѓето. Безволноста лесно може да се претвори во неверие, во жестокост и во очајание. Таа ја гаси секоја искра на надеж. Ваквата состојба може да заврши и со најстрашниот грев – со самоубиство.
По безволноста следува порокот властољубие. Тоа претставува страшна желба да се биде повисоко од другите, секогаш и секаде. Тоа е желба да се биде во центарот, да се истакне и покаже над останатите луѓе. Тоа е желба сопственото мислење иако погрешно, да се стави на врвот и да се наметне на другите. Властољубието води кон страста на егоизмот, самољубието, самодоволноста и самопревознесувањето. Овој порок ги разурнува умот и срцето.
Празнословието е грев кој го повторуваме во најголема мера. Нашиот јазик е наш непријател. Свети Јован Златоуст вели дека е полесно да го смириш силниот коњ, отколку својот јазик. Сите ние празнословиме, осудуваме и неретко клеветиме. Дури и во светиот храм често се забележува овој грев. „Јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело. Јазикот никој не може да го скроти; тој е немирно зло, и полн со смртоносен отров" (Јк. 3, 6 и 8).
Да се обратиме кон Господа и Владиката на нашиот живот и усрдно да Го помолиме: „Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзеливост, безволност, властољубие и празнословие".
Да ги вложиме сите наши сили, за со Божја помош да ги победиме нашите пороци и гревови. Така ќе достигнеме чистота и совршенство на што сме повикани. Амин.
Среда од првата седмица на Великиот пост
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
17.03.2021 год.





