„Времето посно светло да го почнеме и на духовни подвизи себе да се подложиме; душата да ја очистиме, телото да го очистиме; да постиме од секоја страст како од храна и со добродетели духот да го насладуваме; со љубов во нив усовршувајќи се, да се удостоиме сите да го видиме сечесното страдање на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Сиропусна недела).
На 14.03.2021 година, во вечерните часови, според одамна востановената традиција, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба, на која со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј началаствуваше Архимандритот Нектариј, во сослужение на свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. На Вечерната богослужба присуствуваше и Митрополитот Тимотеј, кој се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
url clone | Best Selling Air Jordan 1 Mid Light Smoke Grey For Sale 554724-092
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Преку устата на големите пророци Натан, Јона и други, славата Божја нѐ повикувала и нѐ повикува кон покајание. Претечата Господов Јован, а и Самиот Господ Исус Христос го дополнуваат тој повик со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно" (Мт. 3, 2; 4, 17). Велигденскиот пост како период кој ние сега го пресретнуваме е време на покајание и приближување кон нашата земна и небесна Пасха, односно кон нашето избавување во царството небесно. Времето на Велигденскиот пост е време на покајание и очистување. Без покајание нема очистување, а без очистување нема спасение. Со покајание, како што слушаме од црковните песни и молитви, се оправдал цариникот и ѝ било простено на грешницата. Покајанието на разбојникот му ги отворило рајските двери. Со покајанието, апостолот Петар добил прошка за трикратното одрекување од Христа и бил вратен во апостолското достоинство.
За вистинското покајание, според учењето на Црквата, неопходен услов е простување на навредите и помирување. Сите ние живееме во општество во кое заедно се трудиме и заедно го одиме нашиот животен пат. Кај секој од нас се воспоставуваат односи со луѓето. За некои блиски луѓе велиме дека се лоши или тешки карактери, а им припишуваме и други особености. Но, сепак, и со таквите луѓе, како што треба, остануваме и понатака блиски. Слично, можеби и другите луѓе мислат за нас, но независно од сѐ, ние мора да одиме заедно. Ние сме обврзани да се разбираме еден со друг и взаемно да се помагаме, бидејќи апостолот Павле вели: „Носејќи ја тежината еден на друг, можеме да го исполниме законот Христов" (Гал. 6, 2).
Зошто е потребно да им простуваме на нашите ближни? Да се простат гревовите на ближните е исполнување на законот на Евангелието: „Ако не им ги простите грешките на луѓето, ниту вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки" (Мт. 6, 15). Во молитвата „Оче наш" која често ја изговараме, ги слушаме зборовите: „прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници" (Мт. 6, 12). Ако ние не им простуваме на нашите должници, тогаш овие зборови ги изговараме како лажливци пред Бога. Таквите молитви не донесуваат ниту мир, ниту Божји благослов. Потребно е да им простиме на нашите должници за сeто она за што го подразбираме и чувствуваме дека нѐ поврдедиле и ни нанеле болка. Сето тоа треба да го простиме и да го искорениме од нас. Само со взаемно смирение, разбирање и простување е возможно човекот да најде душевен мир и да оди по патот на покајанието, приближувајќи се кон Бога.
Нетрпеливоста помеѓу нас произведува гнев, со кој е неопходно да се бориме. Гневот и гревот, според учењето на светите отци, е разгорен оган. Според мерата на намалување на материјалите фрлени во огнот, тој се намалува и згаснува, а според мерата на зголемувањето на овие материјали – тој се разгорува уште повеќе. Сознавајќи ја својата одговорност пред Бога и луѓето, кога стапуваме во Велигденскиот пост, да ги намалиме огнените материјали. Да не се навредуваме еден со друг. Да се погрижиме, нашиот живот да биде согласен со зборовите на еден Божји угодник, кој вели: „Во утринската молитва да бидеме серафими, во работата херувими, а во однесувањето со сите – ангели" (Свети Димитриј Ростовски).
На патот кон сеопростувањето не пресретнуваат многу искушенија. Главно меѓу нив е нашето самољубие и сатанската гордост. На тој пат нѐ следи и ѓаволот, кој има за цел да го попречи нашето спасение. Но, во споредба со средствата и можностите кои ги имаме, демонските замисли се ништожни. Со нас секогаш е Бог и Неговата сесилна помош преку благодатта на Светиот Дух, помошта на светите ангели и застапништвото на светите Божји угодници. Тука е и религиозното искуство и учењето и уставите на светата Црква. Со други зборови, со нас е Бог! А што може да ни даде поголема надеж од ова? Со такво сознание да зачекориме одговорно по патот на нашиот живот. Да отфрлиме од нашите срца секакви навреди и горчина и од дното на душата да им простиме на нашите ближни и далечни. Само тогаш и нам Бог ќе ни прости. Лесни и благословени да ни бидат Велигденските пости. Амин.
Прочка
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
14.03.2021 год.





