„На мудроста - Наставнику, на разум - Дарителу, на немудри - Учителу и на сиромашни - Заштитинику! Утврди го, вразуми го срцето мое Владико! Ти дај ми збор, Слово на Отецот, зашто на мојата уста нема да ѝ забранам да Ти вика: Милостиве, мене паднатиот помилувај ме“ (кондак на Утрена на Сиропусна недела).

 

На 14.03.2021 година, во Сиропусната недела, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

latest Running Sneakers | Women's Nike Superrep

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Оваа недела се нарекува Сиропусна и во неа си спомнуваме за истерувањето на Адама од Рајот. Во паметењето на луѓето нема ништо потажно од споменувањето за гревопаѓањето на првите луѓе Адам и Ева. Првите луѓе биле прекрасни. Тоа можеме донекаде да го согледаме кога ќе се загледаме во едно мало детенце. Прародителите, не знаејќи за грев, се насладувале со целокупното свое битие во Рајската градина. Ништо не им било забрането од Создателот на Своите сакани созданија, освен да јадат од забранетиот плод. Им било кажано дека доколку вкусат ќе умрат и ќе отидат во адот. Овој мал плод ги содржел сите идни гревови на човечкиот род.


Создателот го надарил човечкиот род со многу дарови, а помеѓу нив најголем е слободната волја. Небесниот Отец од луѓето очекувал не слепо потчинување, туку одговор на љубов. Бог не го сокрил забранетото дрво од Своите деца, но просто ги предупредил да не јадат од него, укажувајќи им дека доколку го направат тоа ќе умрат (1 Мој. 2, 17). Но, за жал нашите прародители не Му поверувале на Бога, туку му поверувале на ѓаволот. Тие биле прелажени од лукавата змија. Поверувале на лагата и клеветата од змијата, која била исполнета со горделивост и завист кон Господа. Таа им рекла на прародителите: „Ќе бидете како богови и ќе го разликувате доброто од злото" (1 Мој. 3, 5). Првите луѓе немале потреба да прават разлика помеѓу доброто и злото. Тие самите биле добри и создадени по образ и подобие на Бога. Да разликуваат добро од зло, значело да допуштат злото да се всели во нивната душа и да им го помрачи првосоздадениот свет. Така нашите прародители се определиле за непослушност и биле истерани од Рајот. Тие отпаднале од Бога и станале послушни на демонот.


Секој еден од нас отпаднал од Бога заедно со нашите прародители. Кој од нас има смелост да каже дека ја сочувал детската невиност, чистата мисла и совршената љубов? Кој не се подал на безбројните лукави искушенија во животот и на тој начин не го осквернил образот Божји? Тоа значи дека сите можеме да речеме слично на апосотлот Павле: „Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам" (Рим. 7, 19).


Последицата од првородниот грев е многу страшна и нѐ втурнува во сѐ поголеми гревови и бездни. Но, Бог со својата љубов и милост не го заборава Своето создание и не го остава да пропадне. Преку устата на Своите пророци и праведници, Господ ги повикувал луѓето кон Себе, а преку тоа ги повикувал да се изменат, да се преродат во дух и вистина. Но, кога се исполнило времето, Бог Го испратил Својот возљубен Син за да го спаси светот. Единородниот Син Божји примил човечко тело за повторно да го освети. Се предал Себеси на страдања и смрт, ја пролеал Својата крв, за да го измие Адамовиот грев и последователните безбројни гревови на луѓето. Како што заедно со паднатиот Адам се потопивме во гробната смрт, така и со воскреснатиот Христос секој од нас прима можност и надеж да се врати на Изворот на вечен живот.


За нашите прародители, воздржувањето од јадење на плодовите на забранетото дрво било знак на љубов кон Господа. Ако, пак, ние како нивни наследници сакаме да се вратиме кон Господа Кој нѐ милува, должни сме да стекнуваме добродетели преку воздржување од злото.


Сега, кога настапува Великиот пост, потребно е со очистени срца од секакво зло, да се поучиме од зборовите на Господа: „Aко им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; aко, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите" (Мт. 6, 14-15). Амин.


Сиропусна недела
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Плаошник, Охрид
14.03.2021 год.

 

siropusna2021 1siropusna2021 2siropusna2021 3siropusna2021 4siropusna2021 5siropusna2021 6siropusna2021 7siropusna2021 8siropusna2021 9siropusna2021 10siropusna2021 11 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5