„Во она време вна Синајската Гора Мојсеј Го виде Бога одзади, и се удостои да го слушне тенкиот глас Божји во мракот и ветрето; но сега Симеон можеше во своите раце да Го држи Бога, Кој заради нас се воплоти неизменливо, и радосно брзаше да замине одовде во вечниот живот. Затоа викаше: Сега го отпушташ Својот слуга, Владико“ (седален на Утрена на Сретение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос).

 

На 15.02.2021 година, денот кога го прославуваме славниот празник Сретение на Господ Исус Христос, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Buy Sneakers | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска го прославуваме Сретението на Господ Исус Христос во четириесеттиот ден од раѓањето. Неговата мајка Пресвета Дева Марија Го донесла во храмот, согласно со уредбите од Мојсеевиот закон. Согласно овие уредби, секое првородено машко дете требало да биде однесено во храмот и при тоа мајката требало да се очисти, принесувајќи жртва во храмот. Така постапила и света Дева Марија и покрај тоа што таа била очистена од Светиот Дух. Во Ерусалимскиот храм ги пресретнал прастариот човек по име Симеон. Тој бил благочестив и праведен. Тој го зел Богомладенецот Христос во своите старечки раце, а на Богородица ѝ рекол: „О, Девојко, Овој твој Син е за паѓање и станување на многумина во Израилот" (Лк. 2, 34). Кога се родил Младенецот, ангелите им кажале на Витлеемските пастири: „Ете, денес се роди Спасителот на светот, Кого го очекуваат народите и надежта на Израилот и живот на мнозина" (Лк. 2, 11). Денеска, пак, старецот Симеон вели дека Тој лежи за паѓање на мнозина, што на некој начин е спротивно со ангелските зборови. Зашто ако беше рекол дека ќе биде за паѓање на Вавилонците или незнабошците кои не Го познаваат Бога, тоа немаше да биде толку тажно. Но, тој вели дека ќе биде за паѓање на многумина од Израелците кои Го познаваа Бога. Но, тоа не беше кажано само од старецот Симеон. Тоа беше пророкувано уште од пророкот Исаија кој вели: „Ете Јас поставувам на Сион за основа Камен и мнозина ќе се сопнат и ќе паднат" (Ис. 28,16). Бог не вели дека Го поставува тој Камен за сопнување и паѓање, туку вели: „за основа". Но, се случува мнозина да се сопнат и да паднат. Тоа паѓање не е од Бога, туку од нашата лажна волја, како што вели пророкот Исаија: „О, Израиле, твојата погибел не е од Мене, туку од тебе". Но, да го насочиме нашето внимание кон Симеоновото пророштво и да видиме како Каменот лежи за паѓање на мнозина. И навистина, мнозина се сопнале на тој Камен и паднале како и денес што паѓаат.


Најпрво паднале Евреите кои се соблазниле од однесувањето на Христос, кога Он отишол кај нив со смирен и сиромашен изглед. Тие очекувале Месијата да дојде како земен цар, торжествено со слава и војска во Ерусалим и да го воспостави паднатиот Давидов престол, а нив да ги ослободи од римската власт, која во тоа време господарела со целиот свет. Како што беше рекол ангелот Божји на Дева Марија пред нејзиното зачнување, Бог ќе Му Го даде Давидовиот престол и ќе царува над Израилот (Лк. 1, 32-33). Но, Неговото царство е духовно, односно утврдено во срцата на верниците. Така, и победата Му беше духовна, односно таа е утврдување на верата во срцата на луѓето. На овој начин Тој го победи адот и идолопоклонството. Затоа Христос дојде во Витлеемската пештера како голем бедник, а Евреите се посрамија од таквиот Цар и се откажаа од Него. Пред Пилат изјавија дека немаат друг цар освен Кесарот (Јн. 19, 15). Така, се соблазнија и тешко паднаа, па не можат да станат до денеска. Низ историјата на Христовата Црква паднале сите еретици кои се соблазниле, едни од Христовото Божество, други од воплотувањето, трети од Неговото учење и така се изродиле многу погрешни учења.


Но, откако видовме за кои Христос бил за паѓање, да видиме за кого бил за станување, согласно со Симеоновото пророштво. Тој бил за станување најмногу за нас, бидејќи заради Него бевме ослободени од гревот и од Божјиот гнев. Тој нѐ избави од вечната осуда, го исправи гонителот Савле, правејќи го Павле и проповедник на верата. Тој така постапи и со Петровото откажување, со цариникот, со разбојникот и со многу други. Никој грешник не може без Неговата помош да стане од своето паѓање. Затоа треба сите да побрзаме кон покајанието и да измолиме помош од Бога. Христос е за спасение на мнозина, но не на сите. Навистина, Бог го посакува спасението на сите, но не сите го добиваме, бидејќи спасението зависи и од нашата волја и дали тоа го сакаме. За тоа е потребно усрдно молење и покајни солзи. Така може да измолиме милост Божја за спасение на нашите души. Амин.


Сретение Господово
ман. „Св. Климент и Пантелејмон" Плаошник, Охрид
15.02.2021 год.

 

sretenie2021 1sretenie2021 2sretenie2021 3sretenie2021 4sretenie2021 5sretenie2021 6sretenie2021 7sretenie2021 8sretenie2021 9sretenie2021 10sretenie2021 11sretenie2021 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5