„Сите ние, кои сме верни, да го воспееме божествениот ученик и сопатник на апостолот Павле, Тимотеја, оддавајќ му почит и на мудриот Анастасиј, кој засветли од Персија како ѕвезда, и кој ги протерува нашите душевни страсти, и телесни болести“ (кондак на Утрена на св. ап. Тимотеј).
На 04.02.2021 година, денот кога го прославуваме празникот на светиот апостол Тимотеј и на преп. мч. Анастасиј Персиски, како и по повод именденот на нашиот возљубен архиереј Митрополитот Тимотеј, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
Asics shoes | Nike
Во овој апостолски ден, нашата света Македонска црква доби уште еден служител Христов. Од рацете на нашиот Митрополит Тимотеј, денеска беше ракопложен во ѓаконски чин богословот Васил Михајлоски од Охрид. Васил е роден на 16.04.1995 година во Охрид, од благочестиви родители Милчо и Славица. Основното училиште го завршил во Охрид, а средно во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Потоа се запишува и на ПБФ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде што за брзо треба и да дипломира. Во брак стапил на 01.11.2020 година со Емилија Богданоска од Охрид. Од името на нашиот Митрополит, свештенството, монаштвото и сите верници му го честитаме ѓаконскиот чин на Васил, со молитви чесно и достоинствено да го носи својот крст, да Му служи на Христа со бел образ, а за доброто на МПЦ-ОА и за спасение на неговата душа.
По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, со благослов на Митрополитот Тимотеј, искажа пригодно слово, во кое се задржа на животот на св. ап. Тимотеј, како и на архиерејската послушност и духовно раководство на нашиот Митрополит Тимотеј. Од името на свештенството, монаштвото и сите верни чеда на нашата света Епархија, му го честитаме именденот на Митрополитот Тимотеј, со неуморни прозби и молитви до нашиот Спасител, Он многу години да го поткрепува во неговата архиерејска служба, да му дава крепко здравје и мудрост, та и понатаму да нѐ раководи сите нас на патот на спасението. На многаја лета, Високопреосвештени Владико!





