„Откако ги насади учењата на православието, го исече трњето на погрешните учења, и го умножи семето на верата со росата на Светиот Дух, преподобни. Затоа те воспеваме, Атанасие“ (кондак на Утрена на свети Атанасиј Велики).

 

На 31.01.2021 година, денот кога го прославуваме споменот на светите Атанасиј и Кирил Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Sports Shoes | jordan Release Dates

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Има многу луѓе во овој свет кои штом ќе видат некој богат или добро облечен во најнова мода или со скапи алишта или ќе забележат некој познат и значаен големец, му се восхитуваат на можностите кои ги има во овој живот. Но, таквите луѓе често не се за пофалба, ниту пак, се исполнети со среќа, бидејќи таа слава е времена, а таквото богатство непостојано и за кратко време по смртта оваа слава исчезнува и умира. Богатството останува на други, а тој оди гол и без ништо во земјата. На многумина им се случува уште во овој живот да го изгубат богатството и славата кои поминуваат низ нивните раце како сон и сенка. На крај, тие остануваат со празни раце, нажалени, сиромашни, посрамени, па дури и очаени. Таква е непостојаната светска слава. Единствено добродетелта е постојана, вечна, пофална и блажена.


Да си замислиме колкумина силни, богати и славни луѓе поминале низ овој свет, а денеска за нив нема ни глас ни спомен. „Споменот за нив е предаден на заборав" (Проп. 9, 5). Дури и да има спомен за некого, за неговото херојство или световна слава, тој спомен е напразен и безначаен. Единствено добродетелните и светите луѓе имаат неовенлива и бесмртна пофалба и вечен спомен. Нив секој човек со радост ги споменува, како што вели и премудриот Соломон: „Кога праведниците се умножуваат, народот се весели" (Изреки 29, 2).


Така, и ние денеска се радуваме и го прославуваме прекрасниот празник на големиот ерарх Атанасиј Александриски Патријарх. Денес него го фалиме со песни и духовно се просветлуваме. Но, не само него, туку и секогаш кога извршуваме спомен на некој Божји угодник, гледаме дека нивниот спомен свети како сонце и ни ги осветлува душите. Кога слушаме за нивните животи се исполнуваме со ревност и го насочуваме животот на правиот пат. Нив, пак, Бог ги избрал, прославил и оправдал за да бидат наследници на Неговото царство. Навистина, добродетелта е големо нешто и оној што е добродетелен ќе прими неискажлива слава и чест на оној свет. „Затоа праведниците ќе светат како сонце" (Мт. 13, 43). Како што вели Господ Исус Христос: „Каде што Сум Јас, таму ќе бидат и праведниците" (Јн. 12, 26). На друго место, пак, вели: „Дојдете вие, благословени од Мојот Отец и наследете го царството кое што ви е приготвено од создавањето на светот" (Мт. 25, 34). Навистина праведниците вечно живеат и споменот за нив е бескраен. Таквите луѓе на овој свет живеат според Божјиот закон, а на оној одат таму каде што Христос седи оддесно на Отецот, каде што се заедно ангелите, мачениците, пророците, испосниците, ерарсите и големиот Атанасиј, чиј спомен денеска прославуваме. Таму ќе отидеме и ние по смртта, но не сите, туку само тие кои живеат праведно и добродетелно, а оние кои живеат беззаконо, во престапи и гревови, ќе отидат на вечно мачење.


Затоа и ние како слаби луѓе кои носиме тело, живеејќи во овој свет, постојано грешиме. Поради тоа, треба да паднеме пред Бога и да Го молиме да ни прости според Својата голема милост. Секогаш да гледаме кон Него и кон сите наши наставници и учители, кои живееле чесно во овој свет. Да вложиме сили за и ние да поживееме добродетелно и праведно. Кој го слуша и го чита Светото Писмо и не го исполнува она на што нѐ учи словото Божјо, нема да биде оправдан од Бога, ниту, пак, ќе Му биде угоден.


Таков жив пример на бескрајна добродетел, кој може секогаш да поттикне кон служење на Бога е свети Атанасиј Велики. Да се обратиме со молитва кон него за да ни ја засили верата и умножи љубовта. Да одиме по Христовиот пат, да се облагородиме и просветлиме со Божјата благодат. Да правиме добри дела и така да измолиме милост Божја за вечен и блажен живот. По молитвите на свети Атанасиј, така нека биде. Амин.


Свети Атанасиј Велики
Манастир „Свети Наум Охридски"
Метох „Свети Атанасиј Велики"
31.01.2021 год.

 

svatanaszim2021 1svatanaszim2021 2svatanaszim2021 3svatanaszim2021 4svatanaszim2021 5svatanaszim2021 6svatanaszim2021 7svatanaszim2021 8svatanaszim2021 9svatanaszim2021 10svatanaszim2021 11svatanaszim2021 12svatanaszim2021 13svatanaszim2021 14svatanaszim2021 15svatanaszim2021 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5