„Ангелските сили на Јордан стоеја како на небесата, трепереа и се чудеа гледајќи го крајното Божјо снисходење, бидејќи Оној Кој ги држи небесните води, во (јорданските) води стоеше во тело - Он, Кој е Бог на нашите татковци“ (песна од канонот на Утрена на Собор на св. славен, пророк, Претеча и Крстител Јован).
На 20.01.2021 година, денот кога го прославуваме празникот Собор на св. славен, пророк, Претеча и Крстител Јован, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Nike sneakers | Nike Air VaporMax for Men & Women - Buy Online - Ietp
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква го прославува соборот на свети Јован Крстител и Претеча Господов. Главната задача на овој Божји праведник се исполнила на вчерашниот празник – Богојавлението на реката Јордан. Уште од најрана древност, светата Божја Црква определила по Господовиот празник да се прославува свети Јован. Овој празник се нарекува и Собор на свети Јован, бидејќи сите верници се повикани на богослужба за торжествено да го прослават најголемиот меѓу родените од жена (Мт. 11, 11). Тој е пророк Божји и праведник. Неговиот спомен се прославува неколку пати во годината, а најсвечено и најторжествено се прославува токму на овој ден.
Помеѓу евангелските личности кои Го опкружувале Господа Исуса Христа, ликот на Претечата зазема особено место, како поради начинот на неговото доаѓање во светот, така и поради неговото неповторливо служење. Неговиот придонес е огромен и во обраќањето на Јудејците кон покајание и нивното подготвување за да Го пресретнат долгоочекуваниот Месија Христос. Неговата проповед и изобличувањето на Ирод ќе ја предизвикаат неговата маченичка смрт кога тој бил на триесет и четири годишна возраст. Помеѓу сите останати пророци, тој се одликувал со тоа што бил удостоен да ја положи својата рака врз Оној за Кого му пророкувал на светот. Овој необичен Божји избраник блеска со многубројни достоинства помеѓу двата Завета. Тој поседувал таква морална чистота, што поскоро би требало да се нарече ангел отколку човек. Затоа и христијанските иконописци и фрескописци го сликаат со крила, препашан со кожен ремен и облека од камилски влакна. На неговиот строг и испоснички живот исполнет со воздржување се огледувале и најголемите христијански подвижници. Неговата доблесна смрт ги вдахновувала сите маченици за време на гонењето на Христовата вера.
Животот на свети Јован нѐ подучува на покајание и исповедание на нашата вера. Кај секој човек има поделеност, односно постојат две сили кои се борат меѓу себе. Едната е доброто, а другата е злото. Доброто нѐ води кон возвишеното, небесното и светото, додека, пак, злото кон лошото, расипаното, ниското, кон задоволување на ниските човечки страсти. Има една приказна за трговецот од Европа кој му продал тутун на еден Индиец. Во продадениот тутун имало и една пара, во вредност од денешни илјада евра. По некое време, Индиецот му ги вратил на трговецот средствата кои ги нашол во тутунот. Европеецот прашал: „Зошто ми ги враќаш?", а одговорот бил: „Јас во себе забележувам двајца луѓе. Едниот е добар, а другиот лош. Кога во тутунот ги најдов парите, лошиот човек ми рече: 'Тоа е твоја среќа, не враќај ја'. На тоа добриот одговори: 'Човекот ти го продаде тутунот, а не и парите'. Двајцата во мене се расправаа додека на крај не го послушав добриот и ти ги донесов парите. Сега спорот престана и јас сум спокоен". Преку овој пример ни се покажува двојноста на душата на човекот, односно борбата која се случува во неа.
Таа борба постои во сите нас. Преку верата во Господа Исуса Христа и преку молитвите кон свети Јован Крстител да се потрудиме во нас да преовлада доброто. На тој начин ќе вршиме добри дела, бидејќи „верата без дела е мртва" (Јк. 2, 26). Свети Јован да биде наш молитвеник и помагач на нашиот пат кон возвишеното, светото, праведното и вечното. Амин.
Св. Јован Крстител
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид
20.01.2021 год.





