„Христе Боже, Ти се всели во пештера, јасли Те примија, а пастирите и Мудреците Ти се поклонија. Тогаш се сиполнија претскажувањата на пророците, и ангелските сили се восхитуваа, викајќи и говорејќи: Слава Му на Твоето понижување, единствен Човекољупче“ (стихира на Слава... на Стиховни стихири на Вечерна на Рождество Христово).

 

На 06.01.2021 година, во вечерните часови, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечернта богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

short url link | Autres

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Вечерва сме собрани во овој свет храм за да го прославиме Бадник, во очи на големиот и значаен Господов празник, кога го прославуваме раѓањето на Синот Божји. Господ Исус Христос како Син Божји се родил во најголема сиромаштија. Шталата станала Негов дом, а јаслите – Негова колевка. Првите Негови поклоници биле овчарите – луѓе од најнискиот општествен сталеж во тоа време и во таа средина. Мудреците, пак, од Исток, како учени и богати, кои Му се поклониле на Христа биле туѓинци.


Христос се родил во време на најтешката морална и духовна криза во светот и во време на најголема духовна сиромаштија. Тогаш царувало безверие и празноверие. Владеела крајна економска и политичка несигурност. Во Светата Земја власта била двојна – и римска и јудејска. Римскиот вазал и слуга Ирод се дофатил до Давидовиот престол преку насилство, колежи и пустошења и до денеска останува запомнет како најистакнат тиранин. Тој се плашел од сите појави и од секоја нова личност што би го ослободила јудејскиот народ. Затоа и кога слушнал дека се родил нов јудејски цар, направил такво злодело што наредил сите новороденчиња до двегодишна возраст да бидат погубени. Затоа и новородениот Спасител во првите денови по раѓањето морал да бега во туѓа земја – во Египет, за да не биде погубен. Така, Најбогатиот Кој слегол од престолот на Творецот и Создателот и Спасител на сите созданија се родил во најголема сиромаштија. Уште свети апостол Павле вели дека тоа било потребно за луѓето да се обогатат со Неговото сиромаштво (2. Кор. 8, 9). И навистина, од робовладетелско друштво, од политичка, морална и материјална беда, засветило Сонце на правдата, како што пееме во Божикниот тропар. Се родиле нови начела според кои сите луѓе се браќа, бидејќи сите подеднакво се синови на едниот Отец небесен. „Оние што седеа во темнина, видоа голема светлина" (Мт. 4, 16). Таква духовна преобразба не можеше ни да се замисли во она време. Богатството на братската љубов, чувствувото на еднаквост, жедта за правда и слобода, засветлиле од бедата и сиромаштвото и од овчарските штали, од дрводелските колиби и од бегалските немаштии.


Ние имаме многу причини да се радуваме, славејќи ги Бадник и Божик. Имаме многу причини да се надеваме на милоста Божја. Нека вечерашниов Бадник и Божикната светлина ги огреат и осветлат нашите души и срца. Нека овој ден внесе многу нови надежи и радост во нашите семејства и во браковите, и однос на почит помеѓу старите и младите. Нека силата и љубовта Божја се манифестираат преку отстранување на оваа епидемија која го загрозува целиот човечки род и предизвикува не само страв, туку и уништување на многу животи. Нека Христос се роди во нашите срца и души, па така да Го примиме како вистински христијани. Да ги исполнуваме Неговите заповеди и Неговата света волја. На тој начин ќе измолиме милост за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин. Честит Бадник и уште порадосни да го дочекаме и Божик.


Бадник
Храм „Свети Петар и Павле" Кичево
06.01.2021 год.

 

badnik2021 1badnik2021 2badnik2021 3badnik2021 4badnik2021 5badnik2021 6

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5