„Пречесниот спомен на твоите светли подвизи е како големо сонце кое свети, просветлувајќи ги сите оние кои те слават тебе, бидејќи изгонува секаква болест и бесови. Поради тоа, собрани, со љубов верно да го прославиме“ (кондак на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

На 04.01.2021 година, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, во вечерните часови, беше отслужена празнична Вечерна богослужба во чест на преподобниот Наум, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

Adidas footwear | Nike SB

 

Прославата на Охридскиот Чудотворец Наум продолжи утредента на 05.01.2021 година, во Светинаумовиот манастир, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христсоки, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Уште во најраната Црква се среќава името христијани. Според Делата на апостолите, ова именување најрано било употребено во Антиохија (Дела 11, 26). Јасно е од каде доаѓа ова име. Сите луѓе кои постанале членови на Христовата Црква се нарекувале христијани, а ова именување го добиле по својот основач – Господ Исус Христос.


Повикувајќи ги Своите ученици и следбеници, Спасителот обично велел: „Појдете по Mене" или „Ако некој сака да оди по Мене нека се одрече од себе". Тоа бил повик на слободно определување да се појде по Него. Да се појде по Христа значи пред сѐ да се одрече од сите земни и времени задоволства кога се во прашање големите Христови начела, односно Евангелската радосна вест на Спасителот Христос. Кој сака да биде христијанин, неопходно е да оди по Христа и да оди по Неговиот пример во животот и работата, да живее со Неговите начела и да го носи својот животен крст.


Ние се нарекуваме православни христијани не затоа што сме се родиле во православна земја и семејство или затоа што сме крстени во Христовото име или затоа што одвреме-навреме одиме во храмот и славиме слави и христијански празници. Сите овие нешта се важни и тие не вклучуваат во христијанскиот живот. Но, најважно е следењето на Христа Господа и на Неговиот пример. Само така ќе бидеме вистински христијани. Во спротивно немаме право да се нарекуваме православни христијани.


Би сакале да раскажеме една анегдота поврзана со големиот војсководец Александар Македонски. Општо познато е дека овој војсководец и храбар воин го освоил безмалку целиот познат свет во тоа време. Во неговата војска имало некој војник по име Александар кој се карактеризирал со голема плашливост и затоа често бил подложуван на потсмев од страна на останатите војници. Како што се случува и обично, пренесувана од човек на човек информацијата за неговата плашливост стигнала и до великиот војсководец Александар Македонски. Тогаш истоимениот војник бил повикан и од војсководецот му било заповедано или да стане храбар или да се откаже од името Александар. Не е својствено за еден Александар да биде плашлив, туку храбар и одлучен. Нешто слично се случува и со нас. Ако ги немаме христијанските добродетели, христијанските начела и учењето на нашата света Црква, тогаш немаме право да се нарекуваме православни христијани.


Спасителот кажал: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен" (Мт. 5, 48). Овие зборови значат дека христијанскиот пат не завршува во овој свет. Во целиот свој животен од, секој човек е должен да се искачува во „гората Господова" за да стигне во царството Божјо, во својата небесна татковина. Овој пат не е лесен, туку е мошне стрмен и исполнет со многу препреки и потешкотии. Човекот секогаш е опфатен од многу бури, слично на брод во морето. Постојано е потребно тој да биде буден, за да не потоне во морето на потешкотиите и предизвиците животни и искушенијата од секој вид. Силната и непоколеблива вера му дава сила и можност на секој еден кој искрено верува да може да ги преброди сите искушенија и страдања. Со верата и со надежта во Бога се победуваат сите мрачни сили и онаму каде што престојува Светиот Дух, таму отстапуваат сите лоши сили. Духот, пак, Божји може да престојува само во чиста и благородна душа.


Дека сето ова е можно, ни сведочат Божјите угодници. Таков е и свети Наум Охридски, чиј спомен денес празнуваме. Тој бил сличен на нас со тело и крв, но се разликувал од нас со неговата силна и непоколеблива вера и добродетелен живот. Затоа Светиот Дух, односно благодатта Божја била постојано со него во овоземниот живот, па можел да ги совлада сите животни препреки, почнувајќи од Моравија, па преку Белград и Плиска и сѐ до овие наши простори, каде го сеел Евангелското семе. Затоа Бог го обдарил уште во тело со благодат и сила да прави големи дела, а уште поголема моќ му дал откако се преселил во царството Божјо. Да се обратиме со искрена молитва кон свети Наум Охридски, по неговите молитви, Христовата светлина да ни го осветлува патот, па и ние кои сме во оваа земна Црква да бидеме водени од оваа светлина, за да не отстапиме од Христовиот пат, туку одејќи по него да спечалиме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин.


Свети Наум Охридски
Манастир „Свети Наум Охридски"
05.01.2021 год.

 

prepnaumohrzim2021 1prepnaumohrzim2021 2prepnaumohrzim2021 3prepnaumohrzim2021 4prepnaumohrzim2021 5prepnaumohrzim2021 6prepnaumohrzim2021 7prepnaumohrzim2021 8prepnaumohrzim2021 9prepnaumohrzim2021 10prepnaumohrzim2021 11prepnaumohrzim2021 12prepnaumohrzim2021 13prepnaumohrzim2021 14prepnaumohrzim2021 15prepnaumohrzim2021 16prepnaumohrzim2021 17prepnaumohrzim2021 22prepnaumohrzim2021 24

prepnaumohrzim2021 25prepnaumohrzim2021 26

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5