„Проникнувајќи во иднината со духовното око, со правилни учења ги исполни сите краишта на земјата; објавувајќи ни Го едносушниот Син со Отецот, си го уништил безумието Ариево, откако ги даде твоите образложенија, како столб на верата православна“ (песна од Канонот на Утрена на св. Николај Архиепископ Мирликиски).

 

На 19.12.2020 година, на денот на споменот на светиот Николај Архиепископ Мирликиски Чудотворец, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, што ви ја пренесуваме во целост.

short url link | Nike Air VaporMax for Men & Women - Buy Online - Ietp

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска нашата света Православна Црква го прославува свети Никола Мирликсикиот чудотворец. Тој бил силен проповедник на верата и ревнител за словото Божјо. Токму овој повод ни дава можност да кажеме неколку збора за вистинската вера која нѐ спасува и ни дава вечен живот.


Би сакал да спомнам еден момент од Евангелието за едно собитие од земниот живот на нашиот Господ Исус Христос, опишан во Евангелието според Матеј (8, 5-13). Еднаш во градот Капернаум кон Спасителот пришол еден стотник, односно началник на римската војска. Тој Го замолил Господа да го излекува неговиот слуга. Овој човек бил јазичник, што значи дека не припаѓал на еврејскиот народ, но слушал за Господа како за голем проповедник и чудотворец. Така, во неговото срце и душа се родила вера во Него. Спасителот му рекол: „Ќе дојдам и ќе го излекувам". Како одговор се слушнал восклик: „Господи, јас сум недостоен за да влезеш под мојот кров. Но, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави". Со овие зборови тој ја искажал својата вера во семожноста на Исуса Христа и чудодејствителната сила на Неговите зборови, со што се удостоил да биде пофален од Спасителот. Свртувајќи се кон оние што Го опкружувале, Христос рекол: „Вистина ви велам, ни во Израилот не најдов толкава вера". На овие зборови, Господ додал: „Ви велам дека ќе дојдат од Исток и Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исаака и Јакова во царството небесно; а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина". Обраќајќи се кон стотникот, му рекол: „Оди си и нека ти биде според твојата вера". Во тој час, неговиот слуга оздравел.


Да си го поставиме прашањето: Кои се синовите на царството за кои зборува Спасителот? Тоа се Јудеите, современиците на Господа Исуса Христа. Тие се гордееле дека потекнуваат од Авраама. Тие во себе расудувале дека како Авраамови потомци и чувари на верата во едниот вистински Бог, ги исполнувале сите обреди на Стариот Завет, па според тоа очекувале дека први ќе го наследат царството Божјо за кое Христос проповедал.


Уште пред Господа Христа, свети Јован Крстител ги укорувал овие горди Јудејци, велејќи: „Немојте да говорите за себе: Наш татко е Авраам, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраама" (Мт. 3, 9). И Самиот Господ Исус Христос повеќепати ги изобличувал за ова самовоздигнување и за тоа што себеси се сметале за наследници на царството Божјо, не внимавајќи при тоа дали се достојни за тоа според нивниот живот и нивните дела. Господ Христос сакал да ги вразуми Јудејците, укажувајќи им дека само заради тоа што произлегуваат од Авраама, а остануваат без дух на благочестие и добродетели, нема да влезат во царството и тоа што се чеда Авраамови нема многу да им помогне. Нам ни се многу добро познати зборовите на Господа Христа Кој вели: „Не секој што Ми вели Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Кој е на небесата" (Мт. 7, 21). Во една друга парабола, Христос им укажува на Јудејците со зборовите: „Ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови" (Мт. 21, 43). Заради гревовноста, нечистотијата и беззаконието на Јудејците, Господ според неговите зборови ќе го одземе од нив царството Божјо и ќе го даде на други луѓе, кои според плодот на нивниот живот ќе бидат достојни за него.


Спомнувајќи ги овие зборови на Господа Исуса Христа, кои се однесувале на Неговите современици, дали ние како Христијани не чувствуваме страв и треперење? И ние сме грешни и недостојни и без добродетелен живот. Затоа да се замислиме над себе, за да не останеме без заслуги и заради нашиот живот да не станеме недостојни за учество во царството, лишувајќи се од нашиот небесен Отец.


Вистинската вера се состои во тоа – да ја исповедаме вистината Божја и таа вистина да ја чувствуваме во нашите срца. Таа се состои во живо убедување на нашето срце, кое ги насочува нашите мисли, чувства, желби и се јавува како раководна сила во целиот наш живот. Можно е да ги исполнуваме сите обреди на Православната Црква, но да бидеме лоши христијани. Дури да бидеме и полоши од незнабошците. Вистинската вера се посведочува со нашиот добродетелен живот. Потребно е нашата вера да свети со добри дела во нашиот живот, бидејќи во Евангелието се вели: „Така треба да свети вашата светлина меѓу луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Кој е на небесата" (Мт. 5, 16).


Да се обратиме со молитва кон свети Никола, за да ја засили нашата вера и да ги умножи нашите добри дела. Така, и ние да испросиме милост пред Бога за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. По молитвите на свети Никола, така нека биде. Амин.


Свети Николај Мирликиски
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид
19.12.2020 год.

 

svnikola2020 1svnikola2020 2svnikola2020 3svnikola2020 4svnikola2020 5svnikola2020 6svnikola2020 7svnikola2020 8svnikola2020 9svnikola2020 10svnikola2020 11svnikola2020 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5