„На оние од Атос, од Кареја, си им бил како ангел, кој подвигот добро го заврши. Си израснал како дрво плодоносно во реки од воздржание, а душата си ја исчистил со потоци од солзи. Сите те познаваат како Божествен сосуд на Духот, отче Нектарие“ (кондак на Утрена на преп. Нектариј Битолски).
Прославата на преподобниот Нектариј Битолски и светиот Сава Освештен, започна ден претходно на 17.12.2020 година во вечерните часови, со Празнична вечерна богослужба, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше прекршен празничниот колач во спомен на преп. Нектариј Битолски и во чест на именденот на игуменот на манастирот, архимандритот Нектариј.
Sportswear free shipping | nike air barkley posite 76ers shoes for women Maximum Volume DJ4633-010 Release Date - SBD
Празнувањето продолжи на 18.12.2020 година, во истиот параклис, каде беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Пред почетокот на секоја архиерејска Литургија, ѓаконите ги изговараат зборовите на евагелистот Матеј: „Така нека свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!" (Мт. 5, 16).
Светлината и темнината се спротивност една на друга, исто како доброто и злото, радоста и тагата, среќата и несреќата, слободата и ропството, љубовта и омразата и вистината и лагата. Во свештената историја, Бог често пати се нарекува „Татко на светлината", а сатаната „татко на темнината".
Спасителот Господ Исус Христос дојде во светот за да го разбие мракот на злото и да ја уништи темнината на гревот. Дојде за да свети во темнината на човечките заблуди, гревови, пороци и невистини. Господ Христос дојде како „вистинска Светлина што го осветува секој човек што доаѓа на светот" (Јн. 1, 9). Он направил сѐ што е потребно за луѓето да се осветат со Неговата светлина, да се преродат и да се ослободат од злото и гревот. Палејќи ги своите срца и души со тој небесен оган и зрачејќи со таа светлина, човекот започнува и самиот да свети, да грее со своето однесување и со својот пример. Луѓето се вистински христијани дури тогаш кога со својот живот и карактер ќе засветат меѓу луѓето. Не е доволно човек формално да припаѓа на Црквата Христова, да се крсти, одвреме-навреме да оди во црква, да празнува некој празник, да слави слава и да се нарекува христијанин. Потребно е да засвети со својата светлина пред луѓето, односно со светлината на Христовата љубов и евангелската вистина и правда. Со еден збор, потребно е човек да живее со Христовиот морал и да се раководи од начелата на Неговото Евангелие. Потребно е луѓето постојано да чувствуваат дека се деца Божји. „Живејте како деца на светлината" – вели свети апостол Павле, „зашто плодот на Духот се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито " (Еф. 5, 8-9).
Човекот никогаш не се појавува сам пред Бога, туку во друштво на своите блиски. Бог секого го прашува слично како некогаш Каин: „Каде ти е братот" (1 Мојс. 4, 9), каде ти е семејството, каде ти се родителите, децата, жената? Каде се твоите браќа со кои живееш и соработуваш? Ти си должен да одговориш за секоја своја постапка кон нив. Ти си должен со својот живот, работа и пример да им служиш на сите и секаде. „Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така нека свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!" (Мт. 5, 15-16).
Како што обичната жица во контакт со електричната струја и самата ќе се наелектризира, така и човекот ќе се наелектризира со небесен електрицитет, ако со жиците на својата душа се допре до Христа Спасителот. Тогаш и самиот почнува да свети меѓу луѓето и да ги грее со електрицитетот на својата вера и љубов и со својот пример. Христијаните во голем дел се одговорни за сите луѓе меѓу кои живеат, независно дали се праведни или грешни, добри или лоши, верници или неверници. Посебно се должни да им помагаат на оние кои живеат во мрачната заблуда на омразата и духовна и морална беда од секој вид. Тука најмногу помага примерот кој најдобро може да ни покаже колку е прекрасна христијанската вера и да ни укаже на Христовата вистина.
Примерот на верата и подвижништвото на свети преподобен Нектариј Битолски чиј спомен денес празнуваме, да ни послужи да ја зацврстиме нашата вера во Христа. Да го коригираме нашиот живот согласно со науката на нашиот Спасител, па така и ние да засветиме пред луѓето и да покажеме добри дела. Така ќе го прославиме нашиот Отец небесен, сега и во сета вечност. Амин.
На игуменот на манастирот му го честитаме именденот и му посакуваме и понатака да принесува молитви пред свети Наум за добробит на нашата света Црква и на благочестивиот и верен македонски народ.
Свети Нектариј Битолски
Параклис „Свети Кирил и Методиј"
Манастир „Свети Наум Охридски"
18.12.2020 год.





