„Преподобни, ти си примил слава и дејство на чудеса за твоите долги трудови за Духот, Кој од Отецот исходи и на Синот достојно почива, и ги погуби сите нечисти противења на догматите“ (песна од Канонот на Утрена на свети Климент Охридски Чудотворец).

 

На 08.12.2020 година, денот кога го прославуваме споменот на нашиот патрон, молитвеник и заштитник светиот Климент Охридскиот Чудотворец, во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

bridge media | Autres

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска го прославуваме свети Климент Охридскиот чудотворец. Тој се јавува како патрон на овој свет храм, на Охрид и на Македонската православна црква. Свети Климент е еден од најистакнатите ученици на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј. Тој уште во IX и X век вложил големи напори и поднел големи подвизи следејќи ги своите учители од Солун до Моравија, од Моравија до Рим. По прогонот во Моравија, свети Климент ќе се упати во Плиска во Бугарија. Но, и таму нема да биде прифатен од страна на грчкото духовништво и ќе биде упатен во најоддалечените предели на тогашната Бугарија, во нашиот Охрид. Тука тој развил огромна просветителска и учителска дејност, просветлувајќи ги нашите предци со словото Божјо, односно со името на Господа Исуса Христа, за Кога самиот евангелист објаснува дека е Спасител на народот од гревот (Мт. 1, 21).


Спасението на луѓето од гревовите е најважното дело на Месијата. Гревот е најголемо зло и корен на сите зла во овој свет. Тој е болест поголема од сите останати болести. Христос спасува од тие болести, односно од гревот, а со тоа, преку Својот пример, им покажува на луѓето како треба да се живее на земјава. Христос е најсовршен пример за углед Кој некогаш се појавил во светот. Тој е најдобар и најсветол пример и Единствениот Кој за Себе може да рече: „Јас сум патот, вистината и животот" (Јн. 14, 6).


Спасителот ги воведува луѓето во Божјото царство, како што читаме во Евангелието: „Јас сум вратата. Ако некој влезе преку Мене ќе биде спасен" (Јн. 10, 9). Голема е бедата и несреќата за секој кој е оптоварен со човечките пороци и гревови. Тие во свое време биле толку големи, што луѓето со сопствените сили не можеле да ја најдат вратата преку која се влегува во Царството небесно. Тоа е можно да се постигне само ако се помине преку вратата која со Својата наука, дела и жртва ја отворил Спасителот Христос. Со целото Свое битие, Спасителот ги осветлува патиштата на луѓето кои одат по земјата. Он е вистинската Светлина која го осветлува секој човек кој е обземен од темнината на заблудата и омразата, како и од духовните и телесните пороци. Луѓето во светот живеат помеѓу светлината и темнината. Секој кој ги сака вистината и правдата ќе излезе на Христовата светлина и така ќе биде спасен од секаква темнина и мрак, како што се вели во Евангелието: „Секој што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени" (Јн. 3, 20-21).


На друго место Господ вели: „Синот Човечки е дојден да го спаси тоа што е загубено" (Мт. 18, 11). Богочовекот е Спасител бидејќи го покажува патот на покајанието на оние кои се заблудени, заскитале и се изгубени. Човекот е изгубен кога нема чувство за одговорност на своите постапки и кога ќе престане од Бога да се плаши и од луѓето да се срами. Затоа дошол Спасителот на светот – за да ги спаси луѓето и да го разбуди нивното изгубено чувство на одговорност, како пред Бога, така и пред луѓето.


Господ Исус Христос е Спасител бидејќи ги избавува луѓето од гревот кој води до најголемата несреќа во овој свет, односно до смртта. Со Својата смрт, Он ја победи смртта, а со Своето воскресение му дарува вечен живот на целиот човечки род. Секој човек кој се угледува на животот и делата на Спасителот стекнува вечен живот. Тоа е и највредното што може да се добие од животот на земјата. Господ Исус Христос вели: „Волјата на Оној што Ме прати е: секој што ќе Го види Синот и поверува во Него, да има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден" (Јн. 6, 40).


Свети Климент уште на крајот на IX и почетокот на X век ја словел и ширел оваа наука и ги проповедал овие принципи, не само кај нашите предци туку и кај сите останати словенски народи. И ние да ги примиме овие пораки и да го засакаме словото Божјо, не само со збор, туку да се потрудиме тоа да фати жив корен во нашите животи, постапки и дела. Така ќе можеме да се надеваме на милоста Божја, а по молитвите на свети Климент и на вечен и блажен живот. Амин.


Свети Климент Охридски
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Плаошник, Охрид
08.12.2020 год.

 

svklimzim2020 1svklimzim2020 2svklimzim2020 3svklimzim2020 4svklimzim2020 5svklimzim2020 6svklimzim2020 7svklimzim2020 8svklimzim2020 9svklimzim2020 10svklimzim2020 11svklimzim2020 12svklimzim2020 13svklimzim2020 14svklimzim2020 15svklimzim2020 16svklimzim2020 17 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5