„Откако ја прими благодатта од небесата да правиш чуда, и со крштението ги очисти словенските народи, ти стана похвала и слава на светителите и великопроповедник и апостол во Македонија. Имајќи, пак, смелост пред Бога, моли Го да ги спаси нашите души“ (Литиска стихира на Вечерна на свети Климент Охридски Чудотворец).

 

На 07.12.2020 година, во навечерието на празникот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, протоерејот Зоран Данев, свештениците Љупчо Бакрачески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Оваа служба ќе остане засекогаш запаметена за завршениот богослов Наум Паскали, кој денеска даде монашки завет, ветувајќи пред својот архиереј и пред Великиот Архиереј Христа дека верно ќе служи во послушание, девственост и сиромаштво на светата Црква. Митрополитот Тимотеј го потстрижа Наум во монашки чин и му го даде името Никодим, во чест на светиот Никодим Светогоорец. Од името на Епархијата, му го честитаме монашкиот рамноангелски чин на монахот Никодим, со молитви кон Бога Он да го поткрепува во неговиот подвиг за слава на свети Климента, на светата Македонска православна црква - Охридска архиепископија и за спасение на неговата душа. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

latest Running Sneakers | Nike WMNS Air Force 1 '07 Essential , CZ0270-102 , Querrey

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Нашиот Спасител Господ Исус Христос, избирајќи ги своите први апостоли Петар и Андреј, а потоа и Јаков и Јован, ги повикал со зборовите: „Појдете по Mене!" (Мт. 4, 19). На овој прв повик, тие пошле по Него. Ги оставиле своите домови и сѐ што имале. Сигурно сите кои слушнале за ова, многу се изненадиле. Замислете доколку ова би се случило и денес. Кој би поверувал? Необична одлука, но уште понеобичен избор. Се поставува прашањето: Зошто меѓу бројните учени луѓе во Израел, Синот Божји ги избрал токму овие неуки луѓе? Помеѓу толку многу познати законици, книжници и народни водачи, Христос се обратил на овие непознати рибари. На ист начин, Христос ги избрал и останатите Свои ученици. Најголемиот дел од нив биле неуки и сиромашни.


Тоа било навистина необичен избор во тоа време. Но, подеднакво необичен е и за денешното време. Луѓето и денес ги избираат своите соработници и пријатели, прашувајќи дали се способни, дали се учени, дали имаат некакво влијание. Но, Бог гледа поинаку од луѓето. Богочовекот постапил поинаку од обичните луѓе. Неговиот избор не бил случаен. Богочовекот се загледал најнапред во нивните души и срца и кај нив согледал дека тие се способни да Го сакаат Бога повеќе од сѐ во овој свет. Почувствувал дека се со чисто срце и без зло во себе. Тоа е основен услов за познание на небесните тајни. „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога" (Мт. 5, 8). Оној кој ќе Го види Бога, ја гледа вистината. Тоа е прв услов за разбирање на Христос и христијанството. Сѐ останато е второстепено. Овие жилави и упорни рибари веќе биле навикнати да одат по тој пат не обрнувајќи внимание на тоа што мислат другите за нив. Тие и немале многу, но сепак, брзо и без двоумење одлучиле да појдат по Учителот Кој не им ветил ниту богатство, ни слава, ни привилегии во овој свет. Тие ги сакале своите, но веднаш сфатиле дека се заедно со сите свои и се наоѓаат во прегратките на заедничкиот Отец небесен. Затоа така брзо одлучиле да остават сѐ, па дури и она што им било најмило, одговарајќи на овој небесен повик.


Со векови нашиот Спасител Господ Исус Христос стои на брегот на човековото море и повикува: „Појдете по Мене!". Многу луѓе одговориле на овој повик. На местото на дванаесетте апостоли, денес по Него одат илјадници апостоли, носејќи го Неговото Евангелие и проповедајќи го по целиот свет. Он повикува апостоли и служители и во нашата црква. Спасителот се загледува во многу срца и повикува: Појдете по Мене, оставете ги вашите мрежи.


Он се обраќа и кон сите нас и нѐ повикува да појдеме по Него: Оставете ги вашите мрежи кои ги фрлате во морето на животот, мислејќи дека ќе уловите среќа. Среќата се наоѓа блиску до нас. Евангелието вели: „Царството Божјо е во вас внатре" (Лк. 17, 21). Тоа е во Црквата. Ако тука не го најдете, нема да го најдете ниту во светот. „Барајте го најнапред царството Божјо и неговата правда и сѐ ова ќе ви се придодаде" (Лк. 12, 31).


Христијанскиот пат е долг колку што е и земниот живот на човекот. Тој пат е тежок, зашто на него има многу препреки и искушенија, кои го среќаваат секого кој сака да врви по Христа и да го задобие царството Божјо. Човекот со свои сили, колку и да се тие големи, без помошта Божја и верата во Бога како најважен извор на сила на тој пат, не може да направи ништо. За значењето на верата, Христос нѐ поучува со своите многубројни исцеленија на луѓето кои страдале. „Ако можеш да веруваш, сѐ е можно за оној кој верува" (Мк. 9, 23) – вели Спасителот.


Како што кажавме, секој човек кој се стреми да Го следи Христа се среќава со безброј искушенија, преку кои нечестивиот се обидува да го оттргне од патот и да го однесе на спротивната страна од спасението. Нечестивиот особено ги напаѓа црнорисците и служителите на Црквата, кои го поучуваат народот во борбата против нечестивиот. Не треба да забораваме дека нечестивиот има голема сила и ги користи сите можни сплетки и интриги за да го напаѓа христијанинот и да го спротивстави на Бога, на правдата, на вистината, на љубовта и на сето она што е позитивно и благородно во светот. Но, и покрај оваа голема сила, не треба да забораваме дека Божјата сила и благодат надвишуваат сѐ и ако ние како христијани искрено се посветиме на Бога, ќе можеме да ги совладаме сите препреки и да се избавиме од замките на нечестивиот. Човекот пред сѐ е објект на Божјата љубов. Христос ја примил човечката природа и ја обожил. Затоа нечестивиот има толкава омраза кон човекот и бара секаква прилика за да го прелаже. Затоа и апостолот Петар вели: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта" (1 Петр. 5, 8).


Да се обратиме со искрена молитва кон божјите угодници, кон свети Климент и свети Наум, како и кон св. Никодим Светогорец, чие име како монах го носи, нека му бидат инспирација за неговиот живот и подвиг како и поткрепа на неговиот монашки пат. Носи го ангелскиот лик за прослава на Севишниот, за афирмација на МПЦ и за спасение на твојата душа. Амин.


Свети Климент Охридски
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Плаошник, Охрид
07.12.2020 год.

 

svklimzimvec2020 1svklimzimvec2020 2svklimzimvec2020 3svklimzimvec2020 4svklimzimvec2020 5svklimzimvec2020 6svklimzimvec2020 7svklimzimvec2020 8svklimzimvec2020 9svklimzimvec2020 10svklimzimvec2020 11svklimzimvec2020 12svklimzimvec2020 13svklimzimvec2020 14svklimzimvec2020 15svklimzimvec2020 16svklimzimvec2020 17svklimzimvec2020 18svklimzimvec2020 19svklimzimvec2020 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5