„Сите набожно да ја воспееме сечесна Параскева, светата застапница на оние кои се во неволји, зашто таа го остави гнилежниот живот, и прими негнилежен за вечноста; затоа, по Божја заповед, најде слава и благодат да прави чудеса“ (кондак на Утрена на преподобна Параскева Епиватска - света Петка).
На 27.10.2020 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобната мајка Параскева - света Петка (Петковден) во манастирот „Св. Петка“ во Велгошти, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Никола Кипријанов и Павел Крцоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше направен и мал парастос за покој на душата на протерејот-ставрофор Тоди Јован од Поградец, Албанија (Албанска православна црква), кој денеска ја предаде својата душа на Господа, а прота Тоди беше чест гостин во Охрид и наш сослужител пред Престолот на Севиушниот Бог. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Asics footwear | nike mercurial superfly green size 7 shoes europe Magic Mushroom , Where To Buy , DH7650-600 , Ietp
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Првобитните луѓе не знаеле за несреќа, за грев, болка и мака. Светото Писмо зборува дека несреќите започнале со првородниот грев. Со други зборови, злото започнало со откажувањето од послушноста кон Бога. Тоа е всушност бегање од Него со мисли, зборови и дела. Така, злото се множело и ширело, прераснувајќи во тешка морална и духовна болест.
Во десетте заповеди, Бог вели: „Јас Сум твој Господ Бог и немој да имаш други богови освен Мене" (2 Мојс. 20, 2-3). Свртувајќи Му грб на Бога, многу често човекот барал други богови и не престанал да верува. Губењето на верата во вистинскиот Бог, секогаш води кон верување во идоли, независно дали се тоа луѓе, предмети или идеи. Несомнено е дека отсуството на вистинската вера се заменува со идолопоклонство и суеверие. Штом Господ вели: „Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог " (2 Мојс. 20, 7), тогаш како да се објасни толку големото и страшно богохулство кое го среќаваме насекаде околу нас? Уште пожалосно е тоа што и верниците понекогаш Го хулат својот небесен Отец. Но, потврда за Неговото постоење е и хулата што ја искажуваат неверниците за Оној за Кого велат дека не постои или поточно дека не сакаат да постои.
Петтата заповед, пак, вели: „Не прави прељуба" (2 Мојс. 20, 14). Меѓутоа во нашето современие се споменува „сексуалната револуција" како многу напредна појава во современото човештво. Но, всушност, оваа појава не се покажува како општествена револуција, туку како трагична морална разузданост која упропастува многу бракови, разорува семејства, ги води младите во блуд, криминал, наркоманија и тешки болести, кои можат да се објаснат само како казна Божја. Свети апостол Јаков, пак, вели: „Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас" (Јк. 4, 8).
Во светото Евангелие, нашиот Спасител многу често повикува: „Дојдете при Мене" (Мт. 11, 28). Дојдете, не обрнувајќи внимание на тешките бремиња кои ги носите на вашите плеќи. Дојдете, не за да ви се суди, туку за да ви се прости. Дојдете вие кои сте навредени, отфрлени, запоставени и понижени. Бог сите ќе ве прифати доколку се покаете и искрено Му пристапите. Ако и цел свет ве отфрли од себе и се откаже од вас, Бог никогаш нема тоа да го направи. Он ќе ви се смилува. Дојдете сите, без разлика кои сте, зашто Бог е Отец на сите луѓе, независно од возраст, положба, знаење и образование. Он е подеднакво расположен кон сите. Подеднакво се радува за секого кој Му се обраќа и Му приоѓа со вера, надеж и љубов. Бог го чека секого да се врати на правиот пат. Бог сите подеднакво ги повикува со зборовите: Дојдете кон мене! Дојдете сите вие кои сте изгубиле надеж во неприликите на вашиот живот. Пред Бога нема ниту една изгубена битка. Потребно е само човек да ја послуша пораката на апостолот Јаков: „Приближете се кон Бога и Он ќе се приближи кон вас" (Јк. 4, 8).
Бог е секаде присутен, па според тоа, блиску е до секој човек. Он дури стои пред вратите на секое човечко срце „и чука" (Откр. 3, 20). Потребно е само да Му се отворат вратите. Бог не влегува со сила во човечките срца и не ја користи Својата семожност. Тој влегува само преку слободната човечка волја. Инаку не би постела човековата слобода која е основата на односот помеѓу Бога и луѓето. Затоа Христос често пати во Евангелието вели: „Кој сака да врви по Мене..." (Мт. 16, 24).
Денеска ја прославуваме света Параскева-Петка која од најмлади години ги слушнала Христовите зборови: „Кој сака да врви по Мене..." и ги сфатила многу сериозно. И покрај тоа што потекнувала од богато и угледно семејство, таа го презрела целокупниот свој имот и богатство, се оддала на подвижнички и испоснички живот, се оддалечила од родниот Епиват и се посветила на подвиг во Јорданската пустина. Откако ѝ се јавил ангел Божји и ѝ соопштил дека Божјата волја е да се врати во родниот крај пред да се пресели во вечноста, таа ја послушала оваа порака. Откако биле откриени, нејзините свети мошти најпрво биле однесени во Цариград, а од таму во Трново, па во Белград, за на крај да бидат пренесени во Јаш, каде и денес почиваат. Бог ја прославил заради нејзината силна и непоколеблива вера. Затоа, секој што кон неа се обраќа со вера, го добива нејзиното застапништво за избавување од секакви зла. По нејзините молитви, Бог да ги услиши нашите прозби. Да живееме во согласност со нашата православна вера и да измолиме милост Божја за спасение на нашите души. Амин.
Света Петка Епиватска - Петковден
Манастир „Света Петка" Велгошти
27.10.2020 год.





