„Кога си слегол кон смртта, Животе бесмртен, тогаш си го умртвил адот со болскотот на Божеството; а кога и умрените си ги воскреснал од бездните, сите сили небесни Ти викаа: Животодавче, Христе Боже наш, слава Ти“ (воскресен тропар, глас 2-ри).
Ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, кои умреле за Христос, пропаднале - вака торжествено богослови св. апостол Павле, обраќајќи им се на Коринтјаните. Но, зошто св. ап. Павле толку многу го нагласувал ова во своето вонвременско и вечно богословие? Затоа што Христовото воскресение не било само победа над Неговата смрт, туку и над смртта воопшто. Затоа и пееме: го празнуваме умртвувањето на смртта, адовото разрушување, почетокот на друг вечен живот. Токму почетокот на другиот (инаков) вечен живот бил силата на христијаните од сите векови, сила којашто не знаела за граници, сила која не се плашела од канџите на смртта, зашто силата и власта на смртта се обессилени. Оваа сила и ветувањето на Спасителот за сеопштото воскресение биле основата за секој еден христијански подвиг, кој се движел дури до рамките на необјасниво трпение, во моментите кога христијаните биле растргнувани, сечени со меч, фрлани на диви животни. Но, оваа воскресенска сила ги објаснува и подоцнежните подвизи и потфати, во времињата кога христијаните (барем официјално) слободно ја исповедале својата вера.
jordan Sneakers | Air JordanСлавата Христова и на Неговите светии, на Неговите исповедници и маченици, кои со своите дела и животи ја потврдувале верата во Воскреснатиот Христос, била изразувана на најразлични начини, но таа особено се манифестирала во градењето на храмовите и манастирите, на Божјите домови, во кои епископите, свештениците, монасите, светиот народ, сите заедно Му се молеле на Воскреснатиот Христос и ја принесувале Бескрвната Жртва. Овој начин на благодарење особено бил изразен и во нашата света Македонија, која има свои светилишта речиси од самиот почеток на христијанството. Славословењето на Бога особено се засилува по проповедта и жртвата на светите Климент и Наум Охридските Чудотворци, кои го научија македонскиот народ на светите книги и го утврдија во светата вера. Нивните светилишта и денеска се расадници на нови монаси, на нови верници, на нови свидетели на силата на Воскресението. Едно вакво светилиште, дело на Архиепископот Охридски Јован Дебранин, манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, денеска не само што прослави еден милениум од своето основање, туку со уште поголема сила како никогаш досега претставува расадник на нови ангелообразни воини Христови, претставува лечилиште за обременетите, спасение за нашиот верен народ, претставува гордост на нашата света Дебарско-кичевска епархија и на Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Токму затоа, и овој ден, во кој го прославивме 1000 годишното постоење на свештената Бигорска обител, дочекан преку Божјиот благослов од нашата генерација, е денот во кој се возрадувавме и се развеселивме, денот во кој уште еднаш непоколебливо ја воспеавме славата и силата на Воскреснатиот Христос.
А како поинаку да се прослави ваков историски настан, освен со светата Евхаристија, на Христа најмилата Жртва. Токму затоа, на 18.10.2020 година, во Деветнаесеттата недела по Педесетница (во Неделата на св. отци од VII Вселенски собор), и на празникот на св. мч-ца. Харитина и на св. свешт-мч. Дионисиј Александриски, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Иларион, Јосиф и Григориј, Епископите Климент, Јаков и Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Никола Грамбозов, Илија Димитриевски, Димче Ѓорѓиески и Бојан Димков, игумените Фотиј и Агатон, протоерејот Васко Голабоски, еромонасите Доситеј и Макариј, свештениците Александар Матески и Александар Димоски, протоѓаконите Ратомир Гроздановски, Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓорѓиевски и ѓаконите Александар Димитријов и Драган Иванов. По завршувањето на Литургијата, Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската обител, му го додели највисокото милениумско одликување на свештената Бигорска обител - лента со ѕвезда и крст со ликот на чесниот Претеча на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој веднаш потоа имаше свое пригодно обраќање кон многубројниот верен народ. Истото подолу ви го пренесуваме во целост.
Откако Архиепископот Стефан заврши со своето богоугодно слово, кон верниците имашпе свое обраќање и покровителот на оваа незаборавна прослава, Претседателот на Р. С. Македонија, г-дин Стево Пендаровски, чиј говор ќе ви го пренесеме посебно. Од името на монашката заедница, се обрати еромонахот Доситеј, кој во знак на благодарност кон својот игумен и во чест на големиот јубилеј, му подари на Епископот Партениј архиерејски енколпии. Од името, пак, на верните чеда, кои секојдневно го наоѓаат своето спасение во Бигорската обител, се обрати г-дин Атанас Цветковски, кој, исто така, му подари на Дедо Партениј архиерејски енколпии. Во продолжение беше доделен орденот „Претеча“ во три реда на личности и организации, кои постојано придонесуваат за благолепието на ова наше светилиште, а беа доделени и повеќе благодарници. По завршувањето на прославата, Епископот Партениј им подари на присутните архиереи архиерејски енколпии, додека на присутното свештенство им подари крстови, а истите изработени и изгравирани со логото од илјадагодишнината на Бигорската обител. Настанот беше проследен од голем број верници, кои освен физички во самиот манастир, истиот можеа да го следат преку директниот пренос на МТВ, како и на Фејсбук и Јутуб каналите. Освен Претседателот на РСМ, меѓу присутните беа и Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, претседателот на Комисијата за односи со верскуте заедници и религиозни групи во РМ, г-дин Даријан Сотировски, членови на Парламентот на РСМ, претставници на дипломатскиот кор, како и многу други гости од Македонија, но и од многу други земји. Од името на Епархијата и на нашиот Митрополит Тимотеј, упатуваме искрени честитки до монашкото братство на Бигорската света обител, на чело со игуменот Епископот Антаниски г. Партениј, со искрени желби и молитви кон Воскреснатиот Христос, Он да им дарува уште повеќе сила, мудрост и трпение во нивните свети подвизи, како и во овие изминати 25 години, та нивните имиња да бидат запишани на небесата, а нивниот подвиг и жртва да бидат за слава на Макеодонската православна црква - Охридска архиепископија и за слава на македонскиот народ. На многаја лета!
Во продолжение ви ја пренесуваме Беседата на Архипископот г.г. Стефан.
ПОБЕДИТЕЛОТ НАД ВРЕМЕТО И НАД ВЕКОВИТЕ
Колку се мили Твоите живеалишта,
Господи на силите[1].
Ти, ...Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш[2],
...на Твојот дом му припаѓа
светост за вечни времиња[3].
Во Светото божествено Писмо има многу места коишто ни го објаснуваат и ни го доловуваат значењето на времето, на целта и на поводот за кои некогаш сме се нашле на некое место. A oвие библиски зборови како да се наменети токму и за денешниов повод и за ова свето место, како и за овие добри и докажани домаќини, што нѐ собраа на прослава, и тоа не на некоја вообичаена и честа, туку на несекојдневна – на милениумска. Ретко кој поединец, па и генерација, се удостоени со ваков благослов Божји – да се биде дел од еден илјадагодишен чин, кога, за еден миг, се застанува за да се погледне назад во времето на едно дело кое не е десетлетно или столетно – туку е илјадалетно. И тоа застанување не е за да се стави крај на таа создавачка историја, туку е погледнување во еден збир од поединци и заедници, на заеднички доживеани таги и радости, на распнувања и воскресенија, на падови и подеми, на страдања и успеси... И тоа набљудувано искуство треба да вроди поттик за продолжување со ново траење во времето...
Инаку, „Свештената историја на Црквата е преисполнета со светли примери, како на одделни личности, така и на духовни центри, кои, со својот живот и со својата дејност, оставиле особен белег на еден временски период, па дури и на една цела епоха"[4]. А овде, во Бигорски, и храмот и конаците, и иконите и фреските, и бигор-каменот и резбите во дрвото, и шумот на недотекливите чешми, чиниш – сѐ е славословие на ист глас и со иста порака! Овој илјадагодишен славеник, кому денес, како и целото ова 2020-то лето Господово, му оддаваме чест, благодарност и особено внимание, е токму тоа: збир од место и од личности. Бигорски постоел, постои и ќе постои за верниот народ, како што и верниот народ постоел, постои и ќе постои за ова богоблагословено место. Бигорски, сам по себе, е нераскинливо ткиво на дела и делатели, на посветени богољупци коишто твореле и творат свештена историја – историја на спасението. А тоа делување е исполнето со благодатта на Светиот Дух и затоа e запишано со неизбришливи букви и во паметта на луѓето, но и на страниците на историјата, и црковната и националната. Зашто, впрочем, само животот и делото што се производ на постојаната вера и на сеоданата љубов кон Христа воскреснатиот и кон Неговата Црква, што се творат во името на нашиот Господ Бог – оставаат белег, поттикнуваат на промена, создаваат духовност, се препознаваат како вистински систем на вредности кој треба да се последува и да се живее.
А манастирите и монаштвото се особено значајни за свештената историја на Православната Црква и во животот на православните христијани. Не е случајно и без смисла исповеданието на еден современ светогорски старец дека „монахот е надежта на човекот, зашто е знак и сведок на Царството Божјо"[5]. И ние, на овој македонски духовен простор, сме сведоци за вистинитоста на тоа – дека монасите се надежта на човекот, зашто монасите низ нашите манастири, и во минатото и во сегашноста, се двигателот на духовниот препород на народот, се доследни чувари и исповедници на автентичниот преданиски дух на нашата христијанска вера.
Монаштвото не е заедница или, пак, поредок надвор од црковното единство, туку е суштински дел од телото на Црквата. „Монаштвото е крвотокот на Црквата", „другото јас на Црквата", како што велат црковните отци. Имајќи го предвид ова, но и реалноста, односно аргументите на црковното искуство, ќе истакнеме дека манастирите, иако се создадени да бидат духовни тврдини надвор од светот, тие, всушност, се молитвени пристаништа за светот. „Монахот својот подвижнички живот го поминува во молитва за сите луѓе, носејќи го на своите плеќи, покрај својот, и крстот на целото човештво. Вистинскиот монах никогаш не може да биде лишен од љубовта. Иако оддалечен, во тишината на својата ќелија, сепак, станува толку близок со секој човек, што дури и самото негово присуство ги просветлува животите на многумина"[6]. И сето тоа во име на примарната цел на монашкиот живот – љубовта, која, според зборовите на свети Исак Сирин, значи „горење на срцето за сето создание"[7].
Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите, е наша гордост што трае, зашто, од љубовта кон него и од љубовта од него, израсна во неисцрплив вруток, во наш духовен горостас и наш најдобар црковен репрезент. Ако само за момент се навратиме на историските случувања од 11. век до денес, нема ниту едно раздобје во кое овој духовен центар, во помала и во поголема мера, не е присутен и активен со својот придонес. Со тоа се оправдува заклучокот дека уште од своето основање манастирот како да бил благословен да биде нешто големо и значајно. А тоа се провејува и се покажува на дело и до ден-денес. Во минатото манастирот претрпел многу премрежија, достигнувал и слава, но и падови; бил уриван и опустошуван, сардисуван и ограбуван, осиромашувал и останувал без монаштво... Сепак, и во тие, како и во своите славни времиња, овој монашки центар бил искра на надежта за македонскиот народ во многу погледи – и културно, и политички, и економски и, пред сè, духовно. Како што е и денес и, дај Боже, да биде и утре и до крајот на вековите.
Возљубени почитувачи на Бигорската обител,
Бигорското постоење започнало со чудо, а тоа чудо продолжило да трае и трае до ден-денес. Впрочем, целото постоење на Бигорски е едно постојано чудо: не во онаа смисла на нешто несекојдневно, на нешто извонредно и надвор од законите на времето и природата, туку разбрано во неговата православна смисла – како создавање. Бигорски откако постои – создава, чудотвори дела во слава на Бога и за доброто и за спасението на нашиот народ; ја создава, рамо до рамо со своите сотрудници, на македонското духовно поле – живата Црква. Но создава не само во духовноста, туку и во уметноста, јазикот, книжевноста, архитектурата..., а неодамна поставената изложба на вредности од ризницата на Бигорскиот манастир, во реализација на МАНУ и на манастирот, го покажаа во форма тоа материјално создавање.
Духовното, пак, создавање, се покажува на очиглед и денес, како и многупати досега, преку присуството на многубројниот воцрковен народ, или како што за тоа создавање во една прилика бигорскиот игумен, опишувајќи го предизвикот на секој бигорски црноризец, рекол: „Мисијата на бигорскиот монах е – да Му принесе како дар на Бога мноштво покајан народ, бројни следбеници, научени и утврдени во Христовото дело. Врз неговото срце е испишана целта на монаштвото – да плаче, да се моли и да љуби како Христа, а и заради Христа, далеку од удобноста и можностите на овој свет"[8].
Ако некому не му е доволно јасно делото на Бигорски, тогаш доволно е да се погледнат последните 25 години, и ќе ни станат јасни значењето и улогата на овој македонски духовен и културен центар низ духовната и низ народната историја на овие простори, па и пошироко. Зашто последниве две ипол децении, ако ги споредиме со историските раздобја во минатото, од таа славна 1020 година до денес, се огледало во кое се огледува целото илјадагодишно минато. Впрочем, ако современите двигатели и жители на Бигорски творат толку и такви дела, подобни и инспирирани од оние што око не ги видело, уво не ги чуло, ниту на човек на ум му паднало[9], тогаш какво ли е минатото? Несомнено, не може сегашноста да е добра, ако не се накалемила и не продолжила на добро минато. Иако, да не биде поттик за горделивост, туку за уште поголема благодарност за славата Божја[10], ова последново, во овие речиси неполни три декади, е најголемиот дострел, и во духовна и во материјална смисла, во неговата илјадагодишна историја.
Па, на Бигорски, на неговиот Преосветен игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, и на братството црнорисци, заедно со сечесните и посветени монахињи од метосите, не можеме да не им го признаеме и да не го пофалиме досегашниот подвиг за спасението на многу поединци, подвиг посведочен со многу сили и со многу труд и за полнотата на нашата Света Црква, како и за целото Православие. Во животот на овие црнорисци, во нивната мисија, не може, а да не се препознае Христовиот повик за сведоштво на спасоносната вистина, упатен кон апостолите, а преку нив и до сите следбеници на Синот Божји: да бидете сол на земјата и светлина на светот[11], и доколку некому нешто правите – го правите за Господа[12].
Вие, Преосветен игумене и преподобни отци, им помогнавте и им помагате на многумина обременети и изморени од тежината на секојдневието, од немирот и од неизвесноста, овде, во Бигорски, и до каде што можевте – им подадовте рака, ги примивте во прегратката на духовничката грижа, земајќи на себе рамноапостолен подвиг, кој се состои од постојана жртва и неуморно сведочење на верата во Триединиот Бог. На современите заточеници на привидната слобода и на гревот, им ја објавивте и ги убедивте во вистинската слобода, која се реализира во Христа, зашто: „Ако го прифати остварувањето на својата лична слобода во Христа, тогаш човекот ги доживува радоста и полнотата на човековото живеење"[13].
А љубовта е таа која сведочи силно за вас, жителите на овој наш земно-небесен остров, и за сите коишто од љубов дошле и во љубовта пребивале; сведочи за Бигорски, од неговите почетоци до денес. Духовниот бедем на оваа духовна тврдина, на овој град на врв планина[14], е изграден од таа љубов. И затоа е препознатлив и приемчив, по зборовите Христови: По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици...[15], ако ...останете во љубовта Моја[16]. Затоа неосвојлива е оваа крепост, и кој и да ѝ се приближи со добра намера, самиот ќе биде освоен и примен, а оној со лоша намера ќе биде посрамен од тоа толку силно сведоштво на љубовта.
Еве, ако ние замолчиме, ќе прозборат и ќе посведочат илјадниците чеда, присутни речиси во секој храм на нашата Света Македонска Православна Црква, како и манастирските штитеници, оние сегашните и тие што го поминале патот на преумувањето, коишто добро се бореле со духовниот непријател и победиле[17]. Тие што некогаш беа во темнина, а сега се светлина во Господа и живеат како деца на светлината[18], ќе ја посведочат таа љубов и таа добрина што „го приближува човекот кон Христа Бога, го изградува, преобразува и осветува"[19]. Го издвоивме подвигот на љубовта, најважниот сегмент од мисијата на бигорското братство, но не и единствениот. Ќе треба уште многу време и простор да се говори и за другите дела, чиј именител е повторно љубовта, за тоа дека Бигорски е еден од пионерите во возобновата на македонското современо монаштво – каде што овој ангелоподобен подвиг се воспоставуваше полека и сигурно, па затоа овој манастир е најголемиот наш духовен центар, е градба што постојано се гради и се зголемува, имајќи го за свој современ ктитор богодаруваниот со уметнички и архитектонски осет – бигорскиот игумен. Исто така, Бигорски е најпрепознатливиот сведок на нашата црковна реалност и на нашата подготвеност, како и потврда на нашето право за црковна самобитност во Православниот свет.
Но свесни сме дека во православното живеење и творење, ништо ниту почнува ниту се остварува без благословот и молитвеното застапништво пред милостивиот Бог за преуспевање и за напредок. Надлежниот архијереј на оваа богочувана епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во овие последни 25 години од ова бигорско илјадолетие, а секако и претходно откако раководи со Дебарско-кичевската епархија, со својата сестрана поддршка и со своите татковски совети, проникнати од неговото силно богољубие и монахољубие, придонесе манастирот да стане она што е денес – вистинска духовна тврдина и цврст столб на нашата Света Охридска Архиепископија, возобновена во Македонската Православна Црква.
Возљубени,
Собрани сме за да оддадеме почит и да си спомнеме за сите коишто Му служеле овде на Бога и знаеле колку е поблажено да се дава отколку да се прима[20], како и за присутните, всушност, за сите коишто се вградија во милениумската историја на Бигорскиот манастир и да посакаме уште многу години историја, уште многу векови постоење, уште милениуми чудотворење и создавање во слава на Бога.
Преосветен игумене, заедно со монаштвото околу Вас,
Молитвено ви посакуваме, Господ да ве дарува со крепко здравје, со многу сили, со ум и разум, за да успевате во допишувањето на иднината на Бигорскиот манастир. Трудете се вашето дело да биде богоугодно, та каде што вие ќе застанете, да продолжат тие што по вас ќе дојдат, за да Му служат на Бога, на македонскиот православен народ, на Македонската Православна Црква и на сите коишто ја почитуваат Бигорската обител. Како што наследивте големи и славни дела, добра основа и просветлено искуство, оставете и вие такви дела за иднината, за ова велелепие да продолжи да векува.
Бог нека го благословува и умножува делото на оваа наша илјадагодишна обител, а за доброто на нашиот благочестив народ и на нашата МПЦ – ОА! Да се молиме на Господа и на патронот св. Јован Крстителот – на Бигорскиот манастир да му се множат годините и вековите, заедно со Македонската Црква и држава! – Амин!
________________________________________
[1] Пс. 83, 1.
[2] Откр. 11, 17.
[3] Пс. 92, 5.
[4] Презвитер Бобан Митевски, „Бигорскиот манастир – возобновител на духовничкото предание во поновата историја на Македонската православна црква", 20 години возобновено монаштво, Свештена Бигорска обител „Свети Јован Крстител", 2019, 271.
[5] Архимандрит Георгиј Капсанис, Евангелско монаштво, „Време покајања и време отпадије, разговори са савременим светогорским старцима", Београд 2003, 11.
[6] „Бигорскиот манастир – возобновител на духовничкото предание..., цит. дело, 273.
[7] Архимандрит Христодул Кутлумушки, Монаштво и култура, „Светогорци обезбоженом свету", Београд 2006, 296.
[8] 20 години возобновено монаштво, Свештена Бигорска обител „Свети Јован Крстител", 2019, 11.
[9] Сп. 1 Кор. 2, 9.
[10] 2 Кор. 4, 5.
[11] Сп. Мт. 5, 13 и 14.
[12] Сп. Мт. 25, 40.
[13] Епископ Јован (Пурић), „Најтеже је наћи меру у животу", http://www.spc.rs/sr/episkop_jovan_puric_najteze_je_naci_meru_u_zivotu, пристапено на 10. 10. 2020.
[14] Сп. Мт. 5, 14.
[15] Јн. 13, 35.
[16] Јн. 15, 10.
[17] Сп. 2 Тим. 4, 7.
[18] Сп. Ефес. 5, 8-9.
[19] Отац Јустин Поповић, Тумчење посланице Ефесцима светог апостола Павла, Београд 1983, 123.
[20] Сп. Дела 20, 35.





