„Пеејќи ја спасителната песна, дојдете сите верни, да се поклониме во домот на Господа, велејќи: Ти, Кој на Крстот се распна, и од мртвите воскресна, и Кој си во прегратките на Отецот, очисти ги нашите гревови“ (стихира на Господи повикав... на Воскресна вечерна богослужба, глас 2-ри).
На 17.10.2020 година, во Навечерието на прославата на големиот јубилеј 1000 години од основањето на славниот Бигорски манастир, беше отслужена Воскресна вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, еромонахот Доситеј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Пред почетокот на Вечерната богослужба, игуменот на светиот Бигорски манастир, Епископот Антаниски г. Партениј, му го додели на Митрополитот Тимотеј највисокото милениумско одликување на Свештената Бигорска обител - лента со ѕвезда и крст со ликот на чесниот Претеча. Пред доделувањето на орденот, Епископот Партениј се обрати со пригодно слово, коешто интегрално посебно ви го пренесуваме. Веднаш потоа се обрати и Митрополитот Тимотеј со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост, а на самиот крај Митрополитот Тимотеј се заблагодари и за големата чест да го добие ова високо одликување.
buy footwear | Nike Air Force 1 , Sneakers , Ietp STORE
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска сме собрани во овој свет манастир за да одбележиме два значајни поводи. Едниот е воскресниот ден за кој нашата народна песна вели: „нашата вера е убава, секоја недела е Велигден". Вториот повод е да ја одбележиме илјадагодиш-нината од постоењето на оваа света обител.
Уште во дамнешните времиња, Бог го опоменувал избраниот еврејски народ преку устата на пророкот Мојсеј со зборовите: „Гледајте, да не го заборавите заветот на Господа, вашиот Бог, што Он го склучи со вас" (5 Мојс. 4, 23). Нашиот народ, откако ќе го прими христијанството, ќе започне да се просветува и да се издигнува на нивото на останатите културни народи. Пред примањето на христијанството, не само македонскиот народ, туку и сите словенски народи немаат сериозни показатели на своето културно наследство и не даваат особен придонес во културата во светски размери. Но, со примањето на словото Божјо преку рамноапостолните словенски просветители свети Кирил и Методиј, а особено преку нивните најзнаменити ученици Климент и Наум, делото на светите браќа заживеало, а на нашите простори пуштило особено длабоки корени. Токму Евангелието ги учело нашите предци да го почитуваат заветот Божји, односно евангелските заповеди и да ја негуваат верата Христова.
Постојат сигурни податоци дека овој манастир постоел во XI век – време кога Самоиловата држава била поразена од страна на византискиот император Василиј II. Со паѓањето на Самоиловото царство, како на политички, така и на социјален план во животот на нашиот народ, настапила тешка и специфична состојба. На црковен план, пак, исто така нашиот народ се соочил со потешкотии, бидејќи на Охридската црква ќе ѝ биде одземено патријаршиското достоинство и ќе биде рангирана како архиепископија. За прв архиепископ ќе биде избран игуменот Јован, кој бил старешина на некој манастир во Дебарскиот крај. Во подоцнежниот период, со падот на Византија и настапувањето на османлиската власт, нашиот народ ќе доживее уште потешка судбина, бидејќи во XV век, Oсманлиите ќе се служат со секакви средства со цел да го исламизираат христијанското население. Тие на христијанското население ќе му нудат различни привилегии, на материјален, социјален и друг план, со цел да ја прифати исламската вера. За жал, еден дел од населението на овие краишта, во подоцнежниот период нема да успее да одолее на овие понуди и ќе го прими исламот. Но, најголем дел од населението на овие простори ревносно ќе ја сочува верата, јазикот, писмото и народноста. Тоа е така најмногу благодарение на дејноста на ова светилиште, кое постојано ги потсетувало нашите предци на заветот Божји.
Во поновата историја, нашиот народ како и другите преживеал големи миграции од село во град, а во поново време и во други земји. Но, верата и јазикот македонски нѐ поврзуваат со нашата родна татковина Македонија, а манастирите како што е Бигорскиот манастир, нѐ опоменуваат и предупредуваат да не ги заборавиме татковските корени, верата на нашите предци и македонските обичаи и традиции. Овој јубилеј од илјада години нека ни послужи да се потсетиме и на дамнешната историја, да помислиме на денешницата, но да размислиме и за заветот кој треба да го оставиме на идните поколенија. Оваа света обител светела и го осветлувала патот на нашиот македонски народ низ долгата и тешка историја. Таа и денеска свети и просветлува и ја осветлува секоја душа која ќе го посети овој наш духовен и национален стожер. Да се обратиме со молитва кон Господа, Тој да ја излее својата благодат врз оваа света обител. Како до сега, така и од сега, таа да свети и да нѐ утврдува за да одиме по Христовиот пат, да го зачуваме националниот македонски бит и верата во Христа воскреснатиот. Да се надеваме на милоста Божја за и во иднина овој манастир да биде за прослава на Севишниот Бог и за спасение на нашите души. Амин.
Вечерна на 1000 години Бигорски манастир
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
18.10.2020 год.





