„Денес се исполни зборот пророчки: ете, се поклонуваме на местото каде што стоеја нозете Твои Господи и, откако го примивме дрвото на спасението, примивме слобода од страстите гревовни, по молитвите на Богородицам единствен Човекољупче“ (седален на Утрена на Воздвижение на чениот и животворен Крст - Крстовден).
На 27.09.2020 година, денот кога го прославуваме празникот Воздвижение на ченсиот и животворен Крст - Крстовден, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор австралиско-сиднејски г. Тимотеј во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која нтегрално ви ја пренесуваме.
Best Authentic Sneakers | NIKE Chaussures, Sacs, Vetements, Montres, Accessoires, Accessoires-textile, Beaute, Sous-vetements - Livraison Gratuite
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Секој човек има свој пат на кој го среќаваат најразлични згоди и незгоди. Одејќи по тој пат, го пресретнуваат разни препреки, страсни желби, искушенија, но исто така и духовна жед и глад за спокој и наоѓање на Бога. На тој пат понекогаш човекот ќе најде и тивки пристаништа со ладовини и пријатно чувство. Но, патувајќи во животот, ние не сме сигурни дека ќе стасаме до посакуваната цел, односно до царството небесно.
За тоа најдобро ни зборува историјата на израилскиот избран народ. Кога Господ се смилувал и преку Мојсеј го извел народот од египетското ропство, го повел во пустината за да го воведе во ветената земја, во која течело мед и млеко. Но, пустинските песоци и ветрови и другите непогодности, предизвикале незадоволство кај израилскиот народ, како кон Мојсеј, така и кон Бога. Како што вели пророкот Давид во псалмот: „леб ангелски јадеше човекот; Он им испрати храна до наситување" (Пс. 77, 24-25). Но, израилскиот народ незадоволен од тоа, роптал со зборовите: „Зошто нѐ изведе од Египет, па да умреме во пустинава: тука нема ни леб ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна" (4 Мојс. 21, 5). Како казна за ова роптање, Бог на избраниот народ му испратил отровни змии и од нивното каснување многумина умирале. Тогаш народот повторно го замолил Господа да испрати лек за ова зло што ги снашло поради нивното грешење. Тогаш Бог на Мојсеја му наредил да направи бакарна змија и да ја издигне високо. Секој што ќе погледне кон змијата ќе биде избавен. Ова е прво симболично преставување на Христовиот крст кое го навестува распетието Господово. Змијата претставува вечен непријател на човечкиот род. Ева беше прелажана од нечестивиот кој беше примил облик на змија.
Предвечниот совет на Света Троица одлучил да го спаси човечкиот род преку жртвувањето на Синот Божји кој ќе биде издигнат на крст. Во старозаветната историја постојат и други примери и праобрази кои го наговестуваат Христовото распнување. Така, и во борбите на еврејскиот народ, Мојсеј ги подигнувал своите раце крстовидно и сѐ додека така ги држел рацете, народот победувал.
Во времето на земниот живот на нашиот Спасител Христос, крстот бил орудие за казнување на најголемите престапници, какви што биле разбојниците и убијците. Како што Мојсеј ја избрал мртвата змија за да го порази ѓаволот, исто така и Господ Христос доброволно го избрал за себе крстот, одејќи на срамна смрт како единствен безгрешен. Затоа и самиот Христос вели: „Како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки" (Јн. 3, 14). Само за семоќниот Бог било можно да направи вакво моќно дело за помирување на родот човечки со Бога. Божјата промисла била таа која на ваков начин го избавила човечкиот род од страдање и вечни маки. Сето ова го надминува човечкиот ум и земните мудрувања. Силата и дејството на крстот се неспоредливи со силата на било кое орудие. Затоа и апостолот Павле вели: „Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост, ние пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство ... а за нас е пак, Божја сила и Божја премудрост" (1 Кор. 1, 22-24).
Страшна и спасителна е божествената тајна на Голгота. Царот на славата како беден разбојник виси на крстот. Пролевајќи ја Својата крв Го моли небесниот Отец да го помилува паднатото човештво. „Зашто Бог толку го возљуби светот што Го даде Својот единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен" (Јн. 3, 16).
Господ Исус Христос, издигнувајќи се на крстот, ги повикува сите народи во Своите прегратки. Тоа е Неговиот повик кон сите за да Го следат со смиреност и покорност и да ги исполнуваат Неговите заповеди и така да спечалат вечен и блажен живот. Како што древниот Израил со погледот кон издигнатата змија се избавувал од смртта, така и ние да се загледуваме во крстот Христов за да се избавиме од гревот кој ни ги труе душата и телото. Издигнувањето на бакарната змија на дрвото било јасен образ за Голготската Жртва. Колку јасно и сликовито ни е дадена силата и цврстината на божественото искупување со чесниот и животворен крст Господов.
Денеска, прославувајќи го воздигнувањето на крстот Господов од страна на царицата Елена во IV век, и ние да пристапиме како неа со чиста и непоколеблива вера кон животворниот крст Господов. Да одиме по патот кој води во Царството небесно и е за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Воздвижение на чесниот крст
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник
27.09.2020 год.





