„Водачи на небесните војски, ние, недостојните, Ве молиме секогаш, со Вашите молитви да нѐ заштитите под покривот на Вашата бестелесна слава, чувајќи нѐнас кои усрдно паѓаме и воскликнуваме: од беди избавете нѐ како чиноначалници на небесните сили!“ (тропар на Собор на св. Архангел Михаил).

 

На 19.09.2020 година, на празникот Спомен на чудата на св. Архангел Михаил, во храмот „Св. Никола“ во с. Трпејца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Атанас Казанџиски и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Повод за оваа наша свеченост беше Јубилејот на храмот „Св. Никола“, односно 15 години од поставувањето и осветувањето на камен-темелникот на храмот, како и 10 години од неговото осветување. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Best Authentic Sneakers | Jordan

 

Оваа наше денешно богослужение и овој Јубилеј беше надополнет со уште еден историски настан за трпејчани, но и за сите нас, а тоа беше промоцијата на делото Трпејца - Трпеза со духовна благодат, чиј автор е протоерејт-ставрофор Игор Никовски. Книгата се издава по повод Јубилејот 10 години од осветувањето на храмот „Св. Никола“ во с. Трпејца, Охрид, а претставува своевидна монографија за селото. Во првиот дел се опфатени историјата на селото, стопанските гранки со кои селаните се занимавале и се занимаваат, црковните треби, селското училиште, црквите и манастирите, славите, свештенството. Вториот и поголем дел го претставува родословното стебло на семејствата и фамилиите во Трпејца. Промотор на книгата беше свештеникот Александар Димоски, а воведен збор зеде и парохискиот свештеник Атанас Казанџиски. На крајит се обрати и авторот, отец Игор Никовски. Од името на нашиот Митрополит Тимотеј, како и од името на свештенството, монаштвото и сите верни чеда на нашата Епархија, им го честитаме Јубилејот на сите трпејчани, а на истите, како и на авторот Игор Никовски, им го честитаме излегувањето од печат на ова навистина значајно, детално и историско дело. 

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Во денешното свето Евангелие што го слушнавме за време на светата Литургија се раскажува како седумдесетте апостоли се заблагодариле на Господа Исуса Христа и со восхит Го известиле дека во Негово име и демоните им се покоруваат. Овој настан се случил откако апостолите кои биле испратени на различни места да го проповедаат Евангелието, по подолг временски период се вратиле и се сретнале со Господа Исуса Христа. Во оваа прилика тие Му раскажале за нивните успеси при проповедта. Но, Господ Христос им вели дека не треба да се радуваат за тоа што демоните им се покоруваат во името на Господа, туку дека треба да се радуваат поради тоа што нивните имиња се запишани на небесата (Лк. 10, 20). Господ Христос како сезнаен, сакал да им каже на Своите ученици дека кнезот на демоните одамна е отпаднат од небото. Како ангел на светлината, тој бил најблиску до Бога. Но, поради својот бунт е отфрлен од Бога. Така, штом некогашниот Деница, а сега кнез на демоните е поразен, сосема природно е неговите слуги и последователи да бидат исто така поразени. Затоа Христос им вели на учениците дека тие ќе газат и на змии и скорпии и на секаква демонска сила, но ништо нема да им наштети (Лк. 10, 19). Тука Христос им дава сила да можат да го победат демонот кој е претставен во оној изглед во кој ја прелажал прамајката Ева. Во ликот на змијата и скорпијата, светите отци ги препознаваат и сите демонски искушенија со кои нечистите сили сакаат да го оддалечат човештвото од правдата и вистината и да го турнат во погибел. Тука спаѓаат сите страсти и демони кои го возмутуваат човекот и прават да го заборави исправниот живот и да се оддаде на разни сласти, кои на крај завршуваат со отпаѓање од Христовиот пат и страдање, како телесно, така и духовно. По ова страдање следува духовна погибел и вечни маки и страдања на човекот. Затоа Христос им вели на учениците да не се радуваат што демоните им се покоруваат, туку да се радуваат за тоа што нивните имиња се запишани на небесата. Тоа значи дека со нивната проповед, со нивното апостолско делување и со нивниот живот, тие се удостојуваат за вечниот и блажен живот. Затоа на некои икони, Господ Христос се изобразува со книга во рацете, што значи дека во таа книга се запишани имињата на сите кои ќе го наследат вечниот и блажен живот. Тоа не значи дека Тој секогаш се изобразува на овој начин, но тоа го означува затворената книга во Неговите раце.


Евангелието завршува со радоста која ја изразува Христос, искажувајќи благодарност на Бога Отецот што ова го сокрил од мудрите и разумните, а го открил на простите. Тука Христос пред сѐ мисли на учените старозаветни водачи на еврејскиот народ, на фарисеите и книжниците, кои биле познавачи на Законот Божји, но само формално и привидно. Тие не постапувале и не живееле според него и покрај тоа што биле водачи на избраниот народ. Тие требало да го подготват народот за пречек на Месијата. Но, наместо тоа, тие Го обвинувале Христа со најразлични лажни обвиненија, за на крај да го казнат со смрт како најголем грешник распнувајќи го на крстот. За разлика од нив, простите и неуките апостоли, кои биле обични граѓани и се занимавале со риболов и со други обични и незначајни дејности, кои биле далеку од книгите и учењето на законот Божји, се удостоиле со благодатта Божја да го примат Христовото учење. Тие го словеле ова учење не само кај избраниот народ, туку кај сите народи, бидејќи Христос дошол да му даде спасение на сиот човечки род и на секој што ќе поверува и ќе живее според принципите на нашата православна вера и учењето на Господа Исуса Христа.


И ние кои денеска се собравме во овој свет храм да се поучиме од ова евангелско четиво, па со скрушеност и смиреност, угледувајќи се на светите апостоли, да ги примиме начелата на нашата света Црква, да постапуваме и да живееме според нив и така да го оправдаме христијанското име и да се надеваме на Божјата милост. Така и нашите имиња ќе бидат запишани во книгата на вечниот и блажен живот. Амин.

 

Спомен на чудата на св. архангел Михаил
Храм „Свети Никола" с. Трпејца, Охрид
19.09.2020 год.

 

jubtrpejca2020 1jubtrpejca2020 2jubtrpejca2020 3jubtrpejca2020 4jubtrpejca2020 5jubtrpejca2020 6jubtrpejca2020 7jubtrpejca2020 8jubtrpejca2020 9jubtrpejca2020 10jubtrpejca2020 11jubtrpejca2020 12jubtrpejca2020 13jubtrpejca2020 14jubtrpejca2020 15jubtrpejca2020 16jubtrpejca2020 17jubtrpejca2020 18jubtrpejca2020 19jubtrpejca2020 20jubtrpejca2020 21jubtrpejca2020 22jubtrpejca2020 23jubtrpejca2020 24

  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5