„Во адот си слегол, Спасителу мој, и вратата си ја скршил, како Сесилен; умрените си ги воскреснал со Себе, како Создател, и осилото на смртта си го скршил, и Адам беше ослободен од клетвата. Затоа сите ние Ти викаме: Човекољупче Господи, спаси нѐ“ (воскресен кондак глас 5, во недела на Утрена).
На 13.09.2020 година, во Четиринаесеттата недела по Педесетница и на празникот Положување на појасот на Пресвета Богородица и на св. Кипријан Картагински, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Атанас Казанџиски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, го освети новиот храм „Св. мч-ца. Параскева Римјанка“ („Св. Петка“) во Пештани, Охрид. Храмот започна да се гради на 11.10.2014 година, по иницијатива на црковниот одбор, чии членови се: Владе Бакулески, Никола Палоски, Аце Лазески, Боре Христоски и Никола Стенкоски. Истиот се изгради со донациите од локалното население, како и со донациите на сите добронамерни верници од пошироката околина. Фрескоживописот и иконите на иконостасот се дело на Валентина Толеска Мешкоска од Пештани, Охрид. Проектот и изведната се дело на Владо Митрески од Д. Коњско, Охрид. По осветувањето на храмот, беше отслужена и првата света Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
short url link | Nike Dunk - Collection - Sb-roscoff
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Вечното Божјо царство, како што слушнавме од Евангелието на денешната светата литургија, Господ Исус Христос го споредува со свадбена гозба на царскиот син. На оваа свадбена гозба особено е карактеристичен примерот на гостинот кој влегол без соодветна свадбена облека. Царот пристапил кон него и му рекол: „Пријателе, како влезе овде без свадбена облека?" (Мт. 22. 12). Тој молчел и не одговорил ништо. Ниту знаел, ниту пак имал што да одговори. Тогаш царот се свртел кон своите слуги и им наредил да го фатат, да му ги врзат рацете и нозете и да го фрлат во крајна темница „каде ќе биде плач и крцкање со заби" (Мт. 22, 13).
Оваа парабола има своја алегорична смисла. Свадбената гозба е едната, света, соборна и апостолска Црква. Таа е богочовечка установа. Има две Цркви. Едната е земна и се нарекува борбена, а другата е Црквата што торжествува, односно небесна Црква. Поканетите гости се избраниот израилски народ кој бил подготвуван за дочек на Месијата, преку Кого ќе се спаси и ќе се помири со Бога, со Кого бил нарушен првобитниот Завет. Откако еврејскиот народ и неговите првосвештеници и водачи нема да Го примат Месијата Христа, а со тоа и Неговата Црква, царот, односно Бог ги повикува по крстосниците сите останати народи. Овде се мисли на многубожечките народи кои ќе Го примат Христа и ќе поверуваат во Неговата месијанска дејност, ќе појдат по Него, ќе Го следат и ќе живеат согласно со учењето и принципите што ги бара земната Црква.
Во воинствената земна Црква Христова влегуваат сите народи, без разлика на расата, бојата и потеклото, кои ќе поверуваат во Господа Христа како во Син Божји и Спасител на човечкиот род од грев и вечна смрт. Во неа влегуваат луѓето кои ќе поверуваат во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и со себе ќе го понесат дарот од печатот на Светиот Дух.
Во Црквата што торжествува можат да влезат сите крстени и миропомазани кои во земната Црква достоинствено се подготвувале да земат учество во свадбената веселба на царскиот син, што во параболата го означува вечното блаженство во небесното Царство. Небесната Црква ја сочинуваат душите на луѓето кои се облекле во свадбена облека како вистински достоинствени за таа гозба.
Ние сите сме крстени и сите го носиме печатот на Светиот Дух. Сите ние сме членови на земната Црква. Но, не можеме сите да бидеме членови и на небесната, доколку за тоа соодветно не се подготвиме. За тоа ни се потребни свадбени облеки, а за жал не сите од нас ги имаме. Затоа и гостинот кој не бил соодветно облечен бил изгонет од свадбата. Тука се поставува прашањето: Што е тоа свадбена облека? Како треба да се облечат нашите души за да учествуваме во Царството небесно, односно во небесната Црква Христова?
Би требало да кажеме дека во оваа парабола царот е Бог. Слугите се ангелите Божји. Тие го исфрлаат надвор секој човек кој не е достоен за Царството небесно. Ангелите тоа го прават по Божја наредба, зашто никој друг освен Бог нема право да суди, па дури ни ангелите. Преку ова, и ние треба да се поучиме дека нема да влеземе во Царството небесно само затоа што сме крстени и се нарекуваме христијани. Ако немаме достојни добри дела, нашето крштение и името христијани не се доволни за Царството Божјо. Бог од нас ќе побара свадбена облека, односно добродетели во нашиот овоземен живот. Затоа во Евангелието се вели: „Мнозина се повикани, но малцина избрани" (Мт. 22, 24).
Преку оваа парабола, светата Црква нѐ поучува да не се залажуваме дека ако одиме во Црква почесто или поретко, тоа значи дека сме вистински христијани и само заради тоа ќе бидеме удостоени со блажен живот. Оваа парабола нека ни послужи посериозно да се замислиме за нашите постапки, за нашиот живот и да се потрудиме светите цркви и манастири за нас да не бидат само градби, туку да ни послужат за вистинско преумување преку покајание, исповед и правење на добри дела. Така ќе можеме да се надеваме на Божјата милост и да веруваме дека Семилостивиот ќе ни се смилува. По молитвите на света Петка во чиј спомен го осветивме овој храм, како и по молитвите на останатите Божји угодници, Бог сите да не благослови. Особено да ги благослови и да се смилува на сите оние кои се потрудија да го изградат овој дом Божји за спасение на нашиот народ и на секоја христијанска душа која со вера и молитва ќе го посетува овој дом на Севишниот. Амин.
Четиринаесетта недела по Педесетница
Осветување на храм
„Света Петка" с. Пештани, Охрид
13.09.2020 год.







