„Мојот Спасител и Избавител, како Бог, ги воскресна од гробот и ги ослободи од оковите родените на земјата, и ја скрши адовата врата и, како Господар, воскресна по три дена“ (воскресен кондак глас 4-ти, на Утрена во недела).
На 06.09.2020 година, во Тринаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. свешт-мч. Евтихиј, св. мч. Татијан и св. мч-чка Сира, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на новиот храм „Св. вмч-чка. Варвара“ во с. Сливово, општина Дебарца, Охрид. Храмот започна да се гради во 2015 година, по иницијатива на црковниот одбор, чии членови се: Климе Ванкоски, Јордан Алексоски, Лазе Јованоски, Стојо Филипоски и Трајан Божиноски. Иконостасот е дело на Стефан и Божин Стојкоски од Охрид. По осветувањето на храмот беше отслужена и првата света Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
affiliate link trace | nike fashion
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Секој ден од нашиот живот се одвива според промислата Божја. Секој поминат ден ни напомнува дека сме должни да ја чуваме чистотата на нашата света вера и да ја поддржуваме светата соборна и апостолска Црква. Ние сме повикани на овој пат за да стасаме во вечен живот и да бидеме достојни наследници на Царството Божјо, што ни го приготвил нашиот Бог, доколку ги следиме и исполнуваме пораките и принципите што ни ги дал Господ преку Неговата света Црква. Токму за тоа ни зборува и денешното свето Евангелие.
Од Евангелието ја слушнавме Христовата парабола за домаќинот кој насадил лозје, го оградил, ископал бунар, направил кула и ја дал на лозарите за да ја обработуваат и да му дадат отчет за сработеното. Секогаш кога Господ Исус Христос зборува и поучува, сите Негови зборови и дела имаат големо значење, не само во времето кога ги изговорил, туку имаат постојано значење и носат поука за сиот човечки род. И оваа парабола нѐ поучува на алегоричен начин. Овде домаќинот е Самиот Бог. Лозјето е целиот свет, а пред сѐ избраниот еврејски народ, кој е од родот на Авраама, Исака и Јакова. Ним им било ветено дека од нивниот род, преку жена ќе дојде Месијата на светот, Кој ќе ја столчи главата на змијата. „Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата" (1Мојс 3,15) – ѝ се обраќа Бог на змијата. Оној Кој ќе ја згази главата на змијата е Месијата, односно Господ Исус Христос. Оградата ја претставува заштитата на еврејскиот народ кој бил ограден со Законот што Бог му го дал на Синај, според кој еврејскиот народ требало да живее и да не се оддалечува од вистинскиот Бог и да не потпаѓа во многубоштво како останатите народи кои го опкружувале. Лозарите се пред сѐ избраниот народ, а во прв план нивните духовни водачи, книжници, фарисеи и садукеи, кои треба да го водат народот и да го чуваат во единство со вистинскиот Бог, учејќи го да ги исполнува законите и прописите. Бунарот се сите закони и правила што Господ му ги дал на избраниот народ за преку нив да се раководи и напојува за да го зачува единството со Бога. Кулата ги претставува постапките на избраниот народ и тоа – како и колку ги исполнува прописите и законите Божји. Некои кулата ја толкуваат како старозаветната Скинија или старозаветниот ерусалимски Храм, кој е место за поправање и исполнување на Божјата волја. Кулата се толкува и како светињата над светињите во која се чувале најсветите нешта за старозаветниот избран народ.
Како што ни е познато од историјата на избраниот народ, Израилот често пати отстапувал од својот Бог и затоа Бог му испраќал Свои пратеници за да го опоменат, да го поправат и да го наведат да се врати на вистинскиот пат, односно да се обрати кон единствениот вистински Бог. Во оваа парабола симбол на овие пророци и пратеници Божји се слугите, кои наместо да ги послуша, избраниот народ ги отфрлала на различни начини – некои со тепање, некои со каменување, а некои ги сечел со пила. На последниот од нив – свети Јован Крстител му била отсечена главата. Оние кои ги убиваат пророците ја претставуваат старозаветната Црква, односно нејзините водачи. А кога се исполнило времето, домаќинот Господ Го испратил и Својот Син за да се посрамат, но нам ни е познато како ќе се однесуваат дури и кон Синот Божји, Господа Исуса Христа, Кого еврејскиот народ цело време се подготвувал да Го пречека. Наместо да Го примат Господа како Месија и Спасител, книжниците и фарисеите гледаат како да Го убијат и да се ослободат од Него, плашејќи се дека поради многуте чуда што ги прави целиот народ ќе појде по Него. Затоа и Кајафа рекол: Подобро е да загине еден човек, отколку цел народ (Јн. 11, 47-50).
Откако еврејскиот народ не Го примил Христа, тогаш Законот и учењето на Црквата, Господ ги поделил и раздал на другите народи, па сите што ќе поверуваат во Исуса Христа да имаат вечен живот. Еврејскиот народ очекувал земен цар, кој ќе го ослободи од римскиот цар, ќе основа еврејско царство, а Евреите ќе седат на првите места и ќе господарат. Но Господ вели дека Неговото царство не е земно, туку небесно.
Ние денеска, наоѓајќи се во овој храм посветен и осветен во чест на света Варвара да се поучиме од денешната евангелска парабола и да Го примиме Христа како наш Учител и Спасител Кој нѐ раководи во овоземниот живот. Да ги надминеме сите маки и препреки и нашиот живот да го уподобиме според учењето на нашата православна вера и Црква. Така ќе наследиме вечен и блажен живот. На сите кои се потрудиле да го подготват овој свет храм за осветување, Бог да ја излие својата благодат, сега и во сета вечност. Амин.
Тринаесетта недела по Педесетница
Осветување на храм
„Света Варвара" с. Сливово, Охрид
06.09.2020 год.





