„Израсна гора златозарна! Ти, отче преблажени, горите и пештерите осоговски ги исполни со ангелско пеење, со кое се развесели осоговската пустина и како крин процвета. Затоа, преподобни, стоејќи во слава со ангелите, моли се за нас непрестајно“ (песна од Канонот на Утрена на преп. Јоаким Осоговски).

 

На 29.08.2020 година, денот кога го прославуваме празникот на Неракотворниот образ на Господа Исуса Христа и на преподобниот Јоаким Осоговски, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

Sports Shoes | Archives des Sneakers

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,

Вчера ја прославивме Пресвета Богородица која е издигната повисоко од сите човечки битија. Тоа го постигнала благодарение на нејзината покорност на волјата Божја. Денеска, пак, го прославуваме големиот семакедонски пустиножител и чудотворец, преподобниот Јоаким Осогов-ски. Благодарение на неговиот испоснички живот кој се состоел од пост и молитва и сецело предавање на Бога, тој постанал пустински жител и ангел во тело.


Ние знаеме дека за своето дело на земјата, Бог ги избрал слабите, бедните, незначајните, неучените, бидејќи силните, богатите и значајните го извршуваат човечкото дело, а Божјото го забораваат. Уште во Стариот завет, пророците немилостиво ги изобличуваат таквите. Затоа и свети Јован Крстител изговорил такви силни зборови против нив и не се исплашил дури ни од царот Ирод, кого го изобличил заради големите престапи. Исус Христос го истакнува духовното слепило на книжниците и фарисеите, како и на богатите и силните. Сите тие повеќе верувале во себеси, отколку во Бога. Таквите повеќе се надеваат на своите земни сили и можности, отколку на благодатната Божја сила.


За своето дело на земјата за создавање на царството Божјо, Тој ги избрал простите рибари, кои не биле оптоварени со никакви овоземни богатства и биле подготвени и доколку имаат нешто овоземно да го жртвуваат за создавање на Божјото царство. Тие се оние што Го исповедаат и величаат Бога и Тој се вселува во нивните души за да бидат преобразени и да станат создатели на нов живот, словејќи го словото Божјо.


Богатите тешко можат да влезат во царството Божјо заради нивната приврзаност кон земното богатство. Тие не можат лесно да се откажат од таа приврзаност, па за таквите, вратите на царството Божјо се затворени. Токму затоа Господ Христос вели: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!" (Мк. 10, 23-25).


Исус Христос вели дека не ја бара Својата слава (Јн. 8, 50) и кажува дека слава од луѓе не прима (Јн. 5, 41), бидејќи Он беше прославен од Бога. Затоа Исус ги побара незначајните, тие кои не бараа човечка слава, туку бараа да се прослави Божјото име со делото на верата. Апостолот Павле подоцна ќе каже дека Бог Го избрал она што е слабо во овој свет за да ги посрами силните (1 Кор. 1, 27). Ако го погледнеме нашиот календар, ќе забележиме дека повеќето Божји угодници во овој свет биле непознати и нечуени. Тоа секако не значи дека во Црквата нема и учени и богати, но нивниот број е значително помал.


Денеска, го прославуваме свети Јоаким Осоговски кој живеел во втората половина на XI век и почетокот на XII век. Од житието не можеме да дознаеме многу за неговото потекло и за материјалната состојба на неговото семејство, но знаеме и цврсто веруваме дека тој презрел сѐ од овој свет и сецело се предал на молитва и пост и на извршување на волјата Божја. Се подвизувал во Осоговската планина во пештера во Градец, а при крајот на неговиот живот дошол на местото каде се упокоил во една пештера. По неговото упокојување на неговиот гроб се оформил општежителен манастир. Поминале скоро десет века од неговото преселување во небесниот свет. Но, неговиот гроб постојано зрачи со благодатна светлина, просветлувајќи и осветлувајќи безброј христољубиви души кои му се обраќаат со искрена молитва и просат помош од него. Тој, пак, како Божји угодник кој има сила пред Бога, се застапува и ги исполнува прозбите и молбите на луѓето. Затоа и ние да се обратиме со искрена молитва, за преку застапништвото на свети Јоаким Осоговски, Бог да ни даде сила. И ние кои сме слаби според човечката природа, со благодатта Божја да станеме силни и подготвени за градење на царството Божјо. По молитвите на свети Јоаким Осоговски да испросиме милост Божја, па нашите имиња да бидат запишани во книгата на животот. Амин.

преп. Јоаким Осоговски
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Плаошник
29.08.2020 год.

 

prepjoakim2020 1prepjoakim2020 2prepjoakim2020 3prepjoakim2020 4prepjoakim2020 5prepjoakim2020 6prepjoakim2020 7prepjoakim2020 8prepjoakim2020 9prepjoakim2020 10prepjoakim2020 11prepjoakim2020 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5