„Мојсеј и Илија, свештено стоејќи на Таворската Гора, јасно ги видоа знаците на Божјата ипостас, Христа Кој болсна во славата на Отецот, и пееја: Сите дела Господови, благословете Го Господа“ (песна од Канонот на Утрена на Преображение на Господ Исус Христос).

 

На 19.08.2020 година, на денот кога го прославуваме свештениот празник на Светото Преображение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше осветен новиот лозов плод, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Nike air jordan Sneakers | Nike News

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Oвој историски настан – Преображението на Господа Исуса Христа на гората Тавор го опишуваат трите синоптички Евангелија. Се вели дека како што се наближувало времето за страдањето на Господа Христа и Неговото издигнување на крстот на Голгота за спасение на човечкиот род, Христос повеќепати чувствувал потреба да им се обрати на своите ученици и последователи. Тој сакал да им наговести дека Му претстои страдање за избавување на човештвото од гревот. Во еден разговор на Господа Христа со апостолот Петар, апостолот ќе Му се спротивстави на Господа и ќе Го одвраќа од страдањето. Но, Христос ќе го укори мошне строго, укажувајќи му дека овој совет е од сатаната. Со тоа сакал да му каже дека Тој мора да исполни сѐ за што слегол од небото на земјата и да ја изврши искупителната дејност на родот човечки. Христос почувствувал потреба да ги утврди своите следбеници во тоа дека Тој е Синот Божји и Месијата. Тој дошол да го соедини човекот со Бога и повторно да ги отвори рајските порти за сите кои ќе поверуваат и ќе живеат според науката и верата која ја словел на народот.


Како што кажавме, тројцата први евангелисти го опишуваат настанот на Преображението и посочуваат дека Христос зел со себе само тројца од своите ученици – Петар, Јаков и Јован и се искачил на гората Тавор. Таму Тој ја покажал Својата божествена слава, која апостолите не можеле целосно да ја видат со своите телесни очи. Токму затоа паднале ничкум и виделе само толку колку што им било дозволено како на луѓе, предвреме да ја видат небесната божествена слава. Чувствувајќи го царството небесно само за момент, апостолот Петар извикал од длабочината на својата душа: „Добро ни е да бидеме овде" (Мт. 17, 4). Преку овој настан, Господ Христос ги утврдил не само апостолите, туку и целиот човечки род. Тој покажал дека секој кој ќе поверува во Него и ќе живее според Неговата наука, ќе добие ваква награда на небесата. Христос не ги зел сите апостоли, туку најверните. Петар како цврст во верата, Јаков како многустрадален и долготрпелив, а Јован, пак, како милостив. Зел тројца, бидејќи според еврејскиот закон, ниту еден доказ не можел да се прифати како вистинит без најмалку двајца сведоци. Христос зел тројца, за кога ќе проповедаат за ова, уверливоста да биде уште поголема. Појавувањето, пак, на двајцата старозаветни праведници, еден починат – Мојсеј и еден вознесен жив – Илија, укажува на тоа дека доколку Го следиме Христа и се трудиме да се преобразиме нѐ чека вечен и блажен живот, каде што се наоѓаат и Мојсеј и Илија. Науката Христова е наменета не само за избраниот еврејски народ, туку за сите, како што вели свети апостол Павле: „сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината" (1 Тим. 2,4).


Господ Христос со Своето Преображение нѐ поучува дека е потребно не само да сме крстени и да се декларираме како верници, туку неопходно е постојано да се грижиме за нашата душа. Таа грижа се покажува преку борбата во нас со сите наши слабости, страсти и гревови, кои ни попречуваат да Го следиме Христа, Кој ни заповеда да го земеме својот крст и да врвиме по Него (Мт. 16, 28). Носење на крстот подразбира да се спротивставиме на сите желби и наслади кои не врзуваат за овоземните благодети и задоволства. Тие во исто време ни попречуваат да Го следиме Христа и постапно, но постојано да се преобразуваме и да ги заменуваме сите наши слабости со подобро, повозвишено и свето.


Да се обратиме со молитва кон преобразениот Господ, за да ја излее Својата благодат на нас и да ги преобрази нашите мисли. Да се одлепиме од земјата и трулежното, суетното и секојдневното. Нашиот копнеж нека биде насочен кон небото. Секако дека ќе се движиме по земјата, но погледот на нашата душа, нашиот копнеж, нашата носталгија нека бидат кон Бога. Така во нас ќе биде победена гревовноста и острастената состојба, а сите ние ќе станеме светли, како што бил светол нашиот Избавител Богочовекот Христос. Амин.

 

Свето Преображение
Храм „Свети Георгиј Победоносец" Струга
19.08.2020 год.

 

preobraz2020 1preobraz2020 2preobraz2020 3preobraz2020 4preobraz2020 5preobraz2020 6preobraz2020 7preobraz2020 8preobraz2020 9preobraz2020 10preobraz2020 11preobraz2020 12preobraz2020 13preobraz2020 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5