„Благочестива Параскево, украсу на мачениците, откако со силата на крстот ги порази сплетките на непријателите, и храбро ја победи свирепоста на мачителите, ја проповедаше верата во Бога“ (песна од Канонот на Утрена на преподобномаченица Параскева).

 

На 08.08.2020 година, денот кога го празнуваме споменот на св. свештеномаченик Ермолај и на светата преподобномаченица Параскева (Петка), во храмот „Св. Петка“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

trace affiliate link | Men’s shoes

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Во денешното свето Евангелие, слушнавме за чудесното исцеление на крвоточивата жена (Мк. 5, 24-34). Нашиот Спасител, одејќи од село во село и од град во град, го проповедал словото Божјо, но истовремено правел и многу чуда, лекувајќи разни болести на луѓето кои ја барале Неговата помош. Така, одејќи кон Капернаум, на молба од еден човек по име Јаир, кој бил старешина на синагогата, поитал кон неговиот дом, за да ја излекува неговата единствена ќерка. По патот по кој одел Христос, се собрал многу народ, а меѓу народот имало и една жена која страдала од крвотечение и сѐ што имала потрошила по лекари, но не добила никаква помош. Откако слушнала за Христа и дознала дека Тој е милостив и лекува секакви болести, силно поверувала дека само ако се допре до еден дел од облеката Христова, Тој како Син Божји ќе ја излекува. Нејзината силна и непоколеблива вера ја довела до Христа и откако се допрела до облеката на Господа, жената се излекувала.


Крвотечението во еврејскиот народ се сметало за зараза и на таквите им било забрането да се движат меѓу луѓето, па овие луѓе, како и лепрозните, живееле надвор од населените места. Чудото над ваквата жена се случило тајно. Но, Христос сакал да ја истакне нејзината вера, па затоа и прашал: „Кој се допре до Мене, бидејќи почувствував дела од Мене излезе сила". Иако учениците се зачудиле зошто поставува такво прашање, бидејќи од сите страни е притиснат од народот, Христос бил упорен и ја барал жената која ја излекувал. Откако разбрала дека не може да се сокрие, таа паднала пред Христа и Му ја кажала целата вистина. Жената била преплашена од можната реакција на Лекарот, знаејќи ги прописите на еврејскиот народ за таквите болести. Но, Христос ја пофалил нејзината вера и токму затоа ја побарал – за да ѝ каже: „Верата твоја те спаси". Тој ја нарекува „ќерка", за да ја охрабри и да покаже пред другите дека таа веќе не е нечиста, како што учел Законот за крвотечението на жената (3 Мојс. 15, 25-37). На крај, Христос ѝ вели: „Оди си со мир и биди здрава од болеста своја". Тоа значи дека таа го добила Божјиот мир, што обезбедува чувство на сигурност за иднината. Спасителот како да ѝ рекол: „Ти која до сега си била во маки и неспокојство, од сега па натаму биди спокојна". Сето ова нејзе ѝ дало сигурност во новиот живот. Со овие зборови, Христос како да ѝ дал документ дека може слободно да се движи и да не се плаши дека е презрена и отфрлена, туку да знае дека е здрава и телесно и духовно.


Често пати Господ Христос го поставува прашањето за верата на оној кој сака да го исцели. Основен услов за некој да се награди со исцеление е токму верата. Господ ја пофалува верата и на римскиот стотник кој Го моли да го исцели неговиот слуга, но истовремено Му вели дека не е достоен да влезе во неговиот дом. Тој верува дека само од Христовиот збор неговиот слуга ќе оздрави. Токму оваа вера ќе ја пофали Христос и ќе каже дека ниту кај израилскиот народ не нашол таква вера, каква што нашол кај овој римски војник.


Денеска, прославувајќи го празникот на света Петка Римјанка, да се потсетиме дека и оваа света душа имала силна и непоколеблива вера. Затоа Господ ѝ дал благодат, па преку нејзините молитви се случиле многу чуда додека била подложена на мачења. Самиот император кој ја мачел го изгубил видот, а Бог преку неа му го вратил. Света Петка, во II век по Христа, привела кон христијанската вера многуброен народ, бидејќи Бог ја обдарил со таква сила, што таа можела да им помогне на многумина болни, на тој начин засилувајќи ја христијанската вера. Својата силна и непоколеблива вера, таа ја запечатила со својата маченичка смрт. По нејзината смрт, нејзините мошти ќе бидат пренесени од Рим во Цариград, а преку Цариград ќе бидат распространети на многу места, а нејзиниот култ ќе стане многу силен во целиот православен свет. Таа ќе стане помошничка на сите кои и пристапуваат со искрена молба за застапништво. По нејзините молитви Семилостивиот Бог да ни подари сѐ што е корисно за нашите тела и души. Амин.


Света Петка Римјанка
Параклис „Света Петка Римјанка"
Манастир „Свети Наум Охридски" Охрид
08.08.2020 год.

 

svpetkalet2020 1svpetkalet2020 2svpetkalet2020 3svpetkalet2020 4svpetkalet2020 5svpetkalet2020 6svpetkalet2020 7svpetkalet2020 8svpetkalet2020 9svpetkalet2020 10svpetkalet2020 11svpetkalet2020 12svpetkalet2020 13 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5