„Целото создание божествено се радува поради твоето раѓање, зашто ти, Претечо, како земен ангел и небесен човек се покажа, навестувајќи ни го воплотувањето на Небесниот Бог“ (песна од Канонот на Утрена на Рождество на св. Јован Претеча).

 

На 07.07.2020 година, денот кога го прославуваме Рождеството на чесниот, славен пророк, Претеча и Крстител Јован - Иванден, во ман. „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, архимандритот Партениј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил и ероѓаконите Порфириј, Силуан и Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

best Running shoes brand | Nike

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска светата Православна Црква го прославува раѓањето на најголемиот човек роден на земјата, а тоа е светиот, славен пророк, претеча и крстител Господов Јован. Светата Црква го чува споменот на сите собитија од неговиот живот. Ги слави неговото зачнување, раѓање, неговата мисија и крштевањето на Господа, неговиот собор и неговата маченичка смрт. Во кругот на целата година, секој вторник Црквата молитвено го прославува свети Јован Крстител.


Ние денес од светото Евангелие слушнавме како светиот првосвештеник Захариј по редот на својата служба влегол во Ерусалимскиот храм во Светињата на светињите да покади и тогаш му се јавил ангел Господов кој стоел од десната страна на кадилниот жртвеник. Кога Захариј го видел ангелот се збунил и бил обземен од страв. Но, ангелот му рекол: „Не бој се Захариј. Твојата молитва е услишена и твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе го наречеш Јован" (Лк. 1, 9-13).


Свети Јован Златоуст ја објаснува збунетоста на Захариј, велејќи: „Влегувајќи во храмот Господов, Захариј се молел само за едно – за простување на гревовите на народот, а добил ветување за разрешување на неплодноста. Тој барал една утеха, а примил друга. Се молел за народот, а бил наречен татко на син". Захариј повеќе сакал исцеление на грешниците. Тој си велел: ете народот ме очекува надвор и го чека одговорот на Царот небесен... Преку мене тие принесуваат молитви на Царот и бараат прошка за гревовите и јас се молам за тоа – да се исполнат молбите на народот и сакам да ја покажам својата должност како делотворна. Но ете, мене ми се возвестува раѓање на син. Каква корист ќе има народот ако мене ми се даде син? Како со тоа пред народот ќе ја покажувам својата плодородност? Не, јас од сега за тоа воопшто и не размислувам. Јас сум стар за раѓање дете и барам само спасение за народот. Барам чест на племињата и победа над непријателите, долгоденствие на градот, а не плач на дете. За тоа не можам ниту да размислувам.


Праведниот Захариј не знаел што бара, а што добива. Тој добил многу повеќе од тоа што барал. Тој се молел само за еврејскиот народ, а му било благовестено дека сите народи се подготвуваат за спасение. Се раѓа началникот на војската на Царот небесен и подготвителот на ослободување на светот од грев. Захариј не поверувал во тоа. За ова му била потребна потврда од славата Божја. За своето неверие и сомнеж тој бил казнет со немост. Останал нем, очекувајќи го раѓањето. Тој влегол во храмот за ослободување на другите, а самиот останал осуден. Принесува благоухано кадење, за да донесе знак на прогонство. Но кога се родил синот, на таткото му се вратил зборот. Захариј тогаш го разбрал патот на промислата Божја и воскликнал: „Благословен е Господ Бог Израилев, Кој го посети Својот народ и му даде избавување" (Лк. 1, 68).


Евангелието е книга на животот. Таа е жив глас на Бога за нашето спасение. Нам постојано ни е заповедано да се поучуваме од писмата. Евангелието е книга која нѐ поучува за постигнувањето на промислата Божја. Од Евангелието дознаваме дека Јован триесет години престојувал во пустината носејќи облека од камилски влакна и хранејќи се со скакулци и див мед. Но, кога настапило времето, свети Јован ја оставил пустината и се појавил на бреговите на Јордан. Тогаш се разнел гласот на проповедникот на покајанието: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно" (Мт. 3, 2). Со повикот на покајание и крштевањето во Јордан, свети Јован Крстител ги повикал синовите Израилеви за примање на Спасителот на светот.


Стоејќи помеѓу двата завета, се вели дека тој и не видел нешто друго, освен гревот на луѓето во кој бил потопен целиот грешен свет и Јагнето Божјо, Кое го зело гревот на светот. Затоа тој вели: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно". Покајанието и верата во Христа Спасителот се двата неопходни услови за постигнување на Царството небесно. Покајните солзи се благодатен дожд кој ги мие сите нечистотии на душата и ја прави способна за примање на Божјата благодат. Свети Јован Крстител и сега повикува кон нас како некогаш кон Израилскиот народ: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно. Направете плод достоен за каење" (Мт. 3, 2 и 8) Да ги послушаме овие зборови и да постапиме како што од нас бара и свети Јован и нашата света Црква, па да се надеваме на милост Божја и на спасение на нашите души. Амин.

 

Раѓање на свети Јован Крстител - Иванден
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
07.07.2020 год.

 

Ivanden-2020-3Ivanden-2020-5Ivanden-2020-6Ivanden-2020-7Ivanden-2020-9Ivanden-2020-11Ivanden-2020-16Ivanden-2020-17Ivanden-2020-21Ivanden-2020-22Ivanden-2020-23Ivanden-2020-25Ivanden-2020-26Ivanden-2020-27Ivanden-2020-29Ivanden-2020-30Ivanden-2020-31Ivanden-2020-32Ivanden-2020-33Ivanden-2020-34Ivanden-2020-36Ivanden-2020-37Ivanden-2020-38Ivanden-2020-43Ivanden-2020-44Ivanden-2020-45Ivanden-2020-46Ivanden-2020-51Ivanden-2020-52

   

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5