„Кога изворот на Духот дојде на земјата, разделувајќи се духовно во вид на огнени реки, ги пороси апостолите просветлувајќи ги, и беше како облак кој освежува. Преку него ние ја примивме благодатта, преку огнот и водата. Светлината на Утешителот дојде и светот го просветли“ (седален ан Утрена во Понеделник од Светиот Дух).
На 08.06.2020 година, во Понеделник од Светиот Дух, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
jordan release date | Aimé Leon Dore x New Balance 550 'Red' — Ietp
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска ја прославуваме Светата Троица. Сите три лица на Едниот Бог се јавуваат во делото на спасението на паднатиот човечки род. Со благоволението на Бог Отецот се испраќа прошка на созданието кое Го изневерило Создателот. Синот Божји со жртвената љубов ги избави луѓето од ропството на гревот. Светиот Дух ја оживотворил душата на луѓето, правејќи ги достојни за Царството небесно. Господ Исус Христос, воплотувајќи се странствувал на земјата, просветлувајќи го светот со Своето учење. Но, настапило времето за принесување на крстната жртва и срцата на апостолите ги погодила жалосната вест за блиската разделба со божествениот Учител. Тогаш Господ Исус Христос им рекол: „Подобро е за вас Јас да си отидам, оти ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го пратам" (Јн. 16, 7). Светиот Дух е „Утешителот Кого ќе ви Го испратам, Духот на вистината Кој излегува од Отецот" (Јн. 15, 26).
Што означува ова ветување Христово? Дури апостолите коишто општеле со Синот Божји не можеле да ги разберат зборовите, а уште помалку да се убедат во кажаното од Господа Христа. За тоа ни зборува и нивното заспивање во Гетсиманската ноќ, како и збунетоста и преплашеноста во денот на распнувањето на Господа. Испраќајќи Го Духот Свети на нив, Спасителот го довршува препородувањето на учениците во дух и вистина. Царот небесен благоизволил да влезе во душата човечка и да престојува во неа. Се исполниле зборовите: „Царството Божјо е во вас внатре" (Лк. 17, 21).
Светиот Дух некогаш дејствувал во богоподобниот вечен живот Адамов. Но, Адам го осквернил храмот на својата душа и Господ го оставил. Од времето на прародителите па сѐ до доаѓањето на Новиот завет, човечкиот род бил незаштитен и скитал по лицето на земјата во темнина и со чувство на богатење во очајание, трудејќи се да спечали што е можно повеќе во овој свет и живот. На овој пат родот човечки живеел во очајание, пружајќи ги своите раце кон изгубената небесна татковина. Но, во овој благодатен ден на светата Педесетница, милостивиот Бог се вратил во душите на луѓето кои Го очекувале и повторно ги повикал во рајските живеалишта. Апостолите се подготвувале за примање на сила од висините и еднодушно престојувале во молитва. Душите им се соединиле во братољубие, а мислите им се устремиле кон небото, додека срцата им гореле очекувајќи Го Господа. Овој благ соборен порив ги разнежил малите клетки во човековата свест и ги направил во Божјите очи достојни за осветување.
Светиот Дух слегол на апостолите во вид на огнени јазици и ги просветлил и ги осветил, а преку Неговата божествена благодат ги направил приматели на Божјата благодат. Сега од прости рибари, тие станале силни проповедници на славата. Од плашливи луѓе станале неустрашливи и храбри проповедници, подготвени да претрпат секакви страдања, мачења и прогонства, па дури и смрт, но не и да се откажат од Христа и Неговата наука. Така, благодатта на Светиот Дух Го преобразува човекот, правејќи ги неможните - моќни, слабите – силни, неуките – премудри, а земните – небесни.
На светата Педесетница се раѓа мајката Црква создадена не според човечкото мудрување туку со божествена благодат. Со полагање на рацете, апостолите го предале Светиот Дух на епископите, преку кои се формирале првите христијански заедници. Преку учениците на Спасителот се предава апостолското преемство на идните поколенија, на пастирите на стадото Христово, односно се предава дарот на свештенодејствијата. Затоа и се вели дека Црквата е апостолска – бидејќи на неа почива апостолскиот благослов за извршување на светите тајни според верата, поредокот и учењето на светата Црква. На овој начин, до денес Црквата ги предава своите дарови на верниците. Според учењето на светите отци, кога Светиот Дух ќе посети некого, тогаш секоја мака се ублажува и постојаната молитва излегува од срцето и настанува духовно просветлување, бидејќи Светиот Дух тогаш дејствува внатре во човекот. Но, кога се предаваме на страсти и гревови, тогаш злото и пакоста нѐ водат во темнина, а Светиот Дух нѐ напушта. Тогаш сме препуштени на животните маки и тешкотии, кои без Бога се тешки за носење.
И ние, наоѓајќи се денеска во овој свет храм, да ги отфрлиме сите страсти и гревови, па да Го примиме Светиот Дух во себе. Тој да нѐ води во животот и преку Него да добиеме милост Божја и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин.
Педесетница – Духовден
Храм „Света Софија" Охрид
08.06.2020 год.





