„Предвечниот и беспочетен Бог, откако ја прими човечката природа и тајно ја обожи, денес ја вознесе. Ангелите претходат и на учениците им Го покажуваат Господа, Кој оди на небесата со голема слава. Откако Му се поклонија, тие говореа: Слава Му на Бога, Кој се вознесе“ (седален по второ стихословие на Утрена на Вознесение Христово).
На 28.05.2020 година, на денот кога нашиот Спасител Господ Исус Христос се вознесе во слава и седна од десната страна на Отецот, а со тоа ѝ даде неискажлива чест и на човековата природа, во ман. „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. На крајот, верниот народ, предводен од свештенството, тргна на свечена литија, најпрво околу манастирскиот храм, а потоа и во манастирското поле, каде сите заедно се помолија за благотворен воздух, мирни времиња, прошка на гревовите и избавување од сите болести и опасности. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Best Authentic Sneakers | off white nike blazer retail shoes Verona Multi-Color DJ5065-144 , Fitforhealth
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Божествениот пат е пат кон вечната слава и вечно блаженство, кои нашиот Спасител ги подготвил за родот човечки. Со Неговото Вознесение, Христос ги скршил невидливите мрежи и сплетки на лошите духови кои ја опкружувале Земјата. Тогаш ширум се отворени Рајските врати кои до тогаш биле затворени поради гревопадот на нашите прародители. Самите небеса постанале проникливи и видливи за духовните погледи на верните. Христовите следбеници можеле да Го созерцаваат Сонцето на правдата – Синот Божји во Неговото Царство. По благодатната патека кон небото предложена од Синот човечки се упатиле многубројни праведници, пророци и маченици од најстаро време, па сѐ до денес. Возликувала небесната Црква, прославувајќи ја бесконечната добрина на Бога како Седржител.
На Елеонската гора, каде се случило Вознесението Христово и се запечатиле отпечатоците на Неговите нозе, светата рамноапостолна царица Елена во свое време подигнала мала капела. Оваа капела на самиот кров има отвор од каде се гледа небото, каде се вознел нашиот Господ Исус Христос.
Секоја неправда во времето на Исуса Христа служи за поучување и надградување, а истовремено и како негативен пример за следбениците на Спасителот. Вознесението Христово е дадено на луѓето за голема поука и за враќање во небесната татковина. Светите отци нѐ поучуваат дека уште од древноста, мислителите и мудреците ги мачела мислата за вистинското значење и целта на човековиот живот. Затоа прашањата ги нарекувале проклетства: „оти што му останува на човекот од сиот негов труд и грижата на срцето негово, што се труди под сонцето?" (Проп. 2, 22). Залудно прашувал старозаветниот мудрец, бидејќи не добивал одговор. Но, Господ се вознесе и проклетството се промени во благослов, а човечкото битие ја пронајде својата небесна цел, исполнувајќи се со божествена смисла. На тие што биле изнемоштени под бремето на земните маки им дошол поинаков повик од Спасителот: „Дојдете при Мене сите изморени и оптоварени и Јас ќе ве успокојам" (Мт. 11, 28).
Пред да се случи Вознесението Господово, Христос ги извел своите ученици надвор од градот. Надвор од метежот, од трговијата и од сите земни и суетни оптоварувања, Спасителот ги благословил апостолите и се вознел на небото. Во секој од нас постои внатрешен град. Во него се среќаваат животните суети, злоби, стравови. Тие се обидуваат да го изменат човекот преку најразлични мисли, со менување на нечисти помисли и допирање на смртоносните гревови и страсти. Но, ако во нас најдеме духовни сили и се ослободиме од тој сомнеж и се издигнеме на високата Елеонска гора, ќе ги видиме сите човечки злоби и соблазни, кои паѓаат пред бесмртното величие кое ни се отвора со нашиот поглед кон Царството небесно. Па и ние на денешен ден, да се потрудиме да се издигнеме по патот кон небесната татковина и да не се соблазнуваме од пропадливите земни нешта кои се ништожни пред лицето на вечноста. Да не се плашиме да одиме по вистинскиот пат и да не забораваме дека наш сопатник е Самиот Господ Исус Христос, бидејќи во денешниот кондак Он ни вели: „Јас Сум секогаш со вас и никој ништо против вас не може". Амин.
Вознесение Господово
Манастир „Вознесение Христово – Свети Спас"
с. Горно Лакочереј, Охрид
28.05.2020 год.





